Одземањето на возачката дозвола, од повеќето прекршители на сообраќајните правила се доживува како поголема казнена мерка од мандатната казна, особено ако во извршување на професионалните обврски е вклучено возењето…

Граѓанска иницијатива за ревизија на некои одредби од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата:

Безбедноста во сообраќајот е феномен што секојдневно ни наметнува искушение, бара внимание, фокус на повеќе ситуации бидејќи тие носат и ризик, со кои се соочуваат граѓаните при учеството во сообраќајот. Имено, токму учеството во сообраќајот е ситуација во која треба да се внимава и на сопствената безбедност, а одговорноста за безбедноста на другите учесници во сообраќајот е уште поголема. Рака на срце, поради низа околности во секојдневниот живот, и субјективни и објективни, понекогаш сите граѓани се соочуваат со ситуација кога ја нарушуваат безбедноста во сообраќајот. А за тоа, се разбира дека во законот е предвидена санкција.
Токму дел од тие конкретни ситуации и искуства поврзани со санкционирањето на сообраќајните прекршоци предизвикуваат прашања кај граѓаните за соодветната димензионираност на предвидените казни. Поконкретно, за одредени ситуации, граѓаните се прашуваат дали е соодветно и правно издржано, своевидно „двојно санкционирање на сообраќајни прекршоци“ (каде што не е нанесена штета). Најчесто станува збор за казни за пребрзо возење, каде што покрај мандатната (парична) казна се изрекува и одземање на возачката дозвола на сторителот за одреден временски период, што кај граѓаните се толкува како „двојно санкционирање“.

Двојното казнување, постои или не?

Навистина, истражувањето на терен на новинарската екипа на „Нова Македонија“ (и серијата текстови напишани деновиве во врска со тоа), за различни предизвици на учесниците во сообраќајот, предизвика внимание кај читателската публика, при што беше проследено со низа реакции, јавувања и дописи на читатели. Едно од нив што го поттикнаа граѓаните е токму за постоењето на, според нив, т.н. „двојно санкционирање на сообраќајни прекршоци“! Наведувајќи низа конкретни примери, граѓаните прашуваат дали истото тоа е соодветно и правно издржано?! Од наведените конкретни случаи, кои се повеќе од редот на превентивни казнувања и што воопшто не се ретки, се отвора и една уште подлабока дилема, односно „дали воопшто е уставно и законски двојното санкционирање, односно соодветно за прекршочни случаи“?!
– Без дилема, одговорноста и безбедноста во сообраќајот се неприкосновени за секој учесник во сообраќајот и секој прекршок треба да биде соодветно санкциониран. Но во голема мера ми е нелогично двојното санкционирање за сообраќајни прекршочни дела каде што нема ниту жртви ниту штета. „Казната“ секако треба да биде како превентивна и воспитна мерка, но сметам дека треба да им се остави можност на граѓаните да одлучат како ќе ја „одработат“ санкцијата. Последниве години сѐ почесто има случаи кога за пребрзо возење се изрекуваат и мандатна казна и одземање на возачката дозвола. Се прашувам дали воопшто е уставно двојно санкционирање за прекршочни дела, кога и за повеќе кривични дела се изрекува единствена казна – укажува на проблемот граѓанин засегнат од одземањето на возачката дозвола, кој имаше идентично прашање до нас, како и група од десетина граѓани, и тоа за истиот проблем.

Некому од возењето му зависти егзистенцијата!

Одземањето на возачката дозвола, од повеќето прекршители на сообраќајните правила се доживува како поголема казнена мерка, особено ако во извршувањето на професионалните обврски е вклучено возењето.
– Некому од возењето му зависти егзистенцијата, како на пример, на професионални возачи, доставувачи, таксисти… и одземањето на дозволата, покрај платената мандатна казна, претставува загрозување на егзистенцијата. Од такви причини би требало да се остави можност граѓаните што направиле сообраќаен прекршок без штетни последици да можат да изберат на каков начин ќе ја „платат“ казната. Дури и нека бидат повисоки мандатните казни, ако се избере опцијата за неодземање на возачката дозвола, од егзистенцијални причини – предлагаат дел од граѓаните засегнати од казните за сообраќајни прекршоци.
Сепак, правниците укажуваат дека мандатната (парична) казна и одземањето на возачката дозвола по сериозен сообраќаен прекршок не може да се смета за двојно санкционирање. Односно, таквото санкционирање е во рамките на уставно загарантираните права на граѓаните.

Давидовиќ: Не станува збор за двојно санкционирање

– Не станува збор за двојно санкционирање одземањето на возачката дозвола, и покрај тоа што е платена мандатна казна! Со одземањето на возачката дозвола, фактички се штити безбедноста на сообраќајот, зашто е проценето дека возачот во одредена ситуација со своето однесување го загрозил. Дури и во кривични постапки има изрекување казни што можат да се сметаат за т.н. „двојно санкционирање“. Понекогаш се изрекува условна казна и уште и парична казна, како и главна казна и мерки за безбедност. Така што не би била соодветна споредбата на изречените казни во прекршочни и кривични постапки. Сепак, во случаите на сообраќајните прекршоци, одземањето на возачката дозвола претставува посебен проблем кај професионалните возачи или во професиите поврзани со вршење превоз. Во такви случаи, одземањето на возачката дозвола не претставува само забрана за управување на возило туку и забрана за работа. Затоа, при изрекувањето мерки за сообраќајни прекршоци треба многу да се внимава за каков прекршок станува збор и да се процени како и на кој начин ќе се примени мерката за да има воспитно-предупредувачки ефект, но и да не загрози нечија егзистенција – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.


Широкото познавање на многу прашања во врска со безбедноста на сообраќајот обезбедува безбеден сообраќај
Едуциран учесник во сообраќајот- сигурен сообраќај

Постојат многубројни и значајни фактори на безбедноста во сообраќајот. Но најголем дел од факторите на сообраќајните незгоди потекнуваат токму од човекот, односно неговите субјективни карактеристики. Токму овој факт ја обврзува индивидуата, човекот, како најважниот учесник во сообраќајот, да посвети најадекватно внимание!
И погорниот специфичен новинарски осврт кон проблемот за постоење на „двојното санкционирање“ (како што го толкуваат тоа граѓаните, вклучувајќи го и апелот до надлежните за ваквиот пристап да се преразгледа и евентуално ревидира) е само начин за учесниците во сообраќајот, односно луѓето како најзначаен дел, да се доинформираат, едуцираат за конкретни предизвици и недоумици, а со тоа и да се чувствуваат што побезбедни и сигурни за сите можни ситуации при активното учество во сообраќајот.
Основната претпоставка е дека учесниците во сообраќајот, особено кандидатите за возачи, учат и тренираат за да постигнат висококвалитетно и безбедно учество во сообраќајот, односно да стигнат на повисоко ниво на знаење, вештини, навики и сообраќајна култура.
За безбедно управување со моторните возила, возачите треба да бидат едуцирани за познавањето на што повеќе можни ситуации во сообраќајот, во функција на трајно безбедно однесување во сообраќајот во кое ќе се заштити личната безбедност, како и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, особено ранливите категории (деца, стари лица, инвалиди, велосипедисти…), но и материјалните добра.
Само квалитетен пристап кон граѓаните за учеството во сообраќајот е услов за побезбеден сообраќај. Тоа вклучува и познавање на психологијата на учесниците во сообраќајот и други психолошки појави и механизми на човековото однесување во сообраќајот. Процесот на обука на учесниците во сообраќајот е сложен, релативно долготраен и постојан. Се подразбира дека тоа трае постојано и континуирано. Безбедноста во сообраќајот е загрозена од возачи што се површно запознаени со околностите што влијаат на безбедноста на сообраќајот и со тоа имаат ниска сообраќајна култура.