Досега никогаш не сум практикувал некој спорт, иако има спортски дисциплини што ги сакам и секогаш кога имам можност да ги гледам (на ТВ-канали) ги гледам со големо задоволство. Тенисот е мој омилен спорт, уште како ликовен гастарбајтер во Франција не пропуштав турнир, особено не Ролан Гарос.
Инаку, личноста Ролан Гарос немаше блискост со тенисот, Ролан Гарос беше воен пилот, во 1918 година на возраст од триесет години беше убиен во авионска битка. Во негова чест, како херој на Франција, францускиот тениски турнир беше крстен со неговото име Ролан Гарос.
Уште во седумдесеттите години од минатиот век на Ролан Гарос ги гледав Конорс, Лендл, Навратилова, подоцна Федерер, Надал е мој фаворит како тенисер, тука е и Ѓоковиќ, Шарапова, сестрите Вилијамс и многу други од тие што отидоа во спортска пензија и од тие што сега доаѓаат на сцената на тенисот.
Пред некој ден на Австралискиот тениски турнир го следев мечот меѓу Викторија Азаренка од Белорусија и Дајана Јастремска од Украина, но за овој настан малку подоцна.
Друг спорт што сакам да го гледам е снукерот (билјард). И во оваа спортска дисциплина има добри играчи, има и шампиони. Такви се Рони О’Саливен, Џад Трамп, Марк Вилијамс, Марк Ален, Кинезот Динг, Селби и редица други добри играчи. Исто пред неколку дена се случи финалето на Светското првенство во снукер, а во финалето учествуваа Рони О’Саливен и Џад Трамп, победата му припадна на О’Саливен, но и двајцата покажаа високо снукерско творештво и брилијантна мајсторија.
Најглупавата, наедно и најпопуларна игра, секако, е фудбалот, кој се практикува на сите страни од светов. Го гледам исто на ТВ-екраните кога играат важни екипи или кога се присутни одлични играчи како Мбапе, Нејмар или Грисман, кои на некој начин се некаква гаранција за добра фудбалска претстава.
Во животот сум присуствувал само на еден фудбалски натпревар, повторно во минатиот век во 1964 година. Во тоа време, Ликовната академија од Белград имаше традиција да разменува студенти со Кралската ликовна академија од Лондон и, за моја среќа, заедно со колега од Македонија бевме одбрани да престојуваме неколку месеци во Обединетото Кралство.
Покрај многуте ликовни убавини што можат да се видат во Лондон и во други делови од Англија, како на сите добри луѓе од светот на кои им требаат и понекоја дополнителна паричка, така меѓу нас, два-тројца дојденци од тогашна Југославија, ни се роди идеја за фудбалскиот натпревар што требаше да се одржи на стадионот „Вимблдон“, пријателски спортски настан што беше наголемо најавуван, во кој силите ќе ги измерат Англија и остатокот од светов. Ние, неколку „мускетари“, решивме во Лондон да играме улога на „тапкароши“, односно продај карта повеќе.
Храбри, со големи лавовски срца, купивме десетина карти повеќе отколку што ни требаа, така ќе придонесеме да ги истераме густите магли од Лондон и ќе му дадеме можност на сонцето повторно да светне.
Кога магичниот час дојде, ние се најдовме на историското место пред вратите на „Вимблдон“, во улога на „тапкароши“ и кога изустивме дека имаме карта повеќе, веднаш ни се доближи еден џентлемен што беше дојден дури од Ирска да го види историскиот фудбалски натпревар.
Имате карта повеќе, нѐ запраша џентлеменот од Ирска. Да имаме, одговоривме. Џентлеменот извади од своето портмоне пари колку што чини карта ако се купува на каса. Господине, картата што сакате да ја купите од нас чини двојно повеќе, одлучно му одговоривме на џентлеменот. Зошто двојно повеќе, нѐ запраша џентлеменот. Господине, сакаме да заработиме некој шилинг повеќе, одговориме. Џентлеменот прво добро нѐ разгледа, а потоа нѐ запраша. Ќе ми продадете карта по цена колку што чини на каса или не? Ние крк-мрк не знаевме што да му кажеме на џентлеменот, кој ни понуди еден сожалувачки поглед, по што изгледа си тргна кон Ирска.
Истото ни се случи со други џентлемени, кои од нивен принцип одбиваа да купат карта со повисока цена од таа на каса.
На крајот посрамотени останавме со картите во раце и принудно влеговме на „Вимблдон“ да ја видиме славната фудбалска натпревар. За повторна игра на тапкароши повеќе не помисливме.
Во натпреварот имавме што да видиме, на страната на светов играа личности како Пушкаш, Хидекути, Ди Стефано, голот го бранеше Јашин. Ми се чини дека играше и Пеле. Не се сеќавам кои фудбалери играа на страната на Англија, сепак атмосферата на „Вимблдон“ беше феноменална. Така почна и така заврши мојот интерес кон чудесната игра фудбалот.
На почетокот ја споменав средбата меѓу Викторија Азаренка, родена во Минск, Белорусија, и Дајана Јастремска, која ја претставува Украина. Поради санкциите против Русија и Белорусија знамињата на овие држави не се поставуваат на натпреварите, што значи играчите се претставуваат себеси.
Тренерот на Јастремска, рековме од Украина, секогаш кога Азаренка ќе добиеше поен ги сместуваше своите прсти во уста и ќе почнеше силно да свирка. Истото го правеше и кога Јастремска добиваше поен. По некое време, Азаренка се обрати до судијката и се пожали на однесувањето на тренерот. Ниту судијката не го опомена тренерот, ниту тој престана со неговото, за мене неспортско и простачко однесување. Ако војната се води меѓу Украина и Русија, која е поддржана од Белорусија, зошто вината се бара во Азаренка, која од не знам какви причини треба да трпи неспортско однесување од страна на никаквиот тренер на Јастремска!? На крајот, Азаренка го загуби натпреварот и така е секогаш кога во нашите глави ќе се смести изопачена политика, која сака да се меша во спортот или во културата.
Да се потсетиме на нешто друго. Марк Шагал е авангарда во современото светско сликарство, роден 1887 година во Лиозн, Белорусија, почина во 1985 во Сен Пол де Венс, Франција. Азаренка беше свиркана од тренерот уличар бидејќи доаѓа од Белорусија, зарем треба некој да се дрзне и да посака да се избришат фреските што Шагал ги изработил во операта „Гарние“ во Париз затоа што Шагал е роден во Белорусија? Или сликите на Марк Шагал треба да се сместат на улица и да се запалат како што во некое мрачно време се палеа книги на автори родени таму или ваму? Тоа би било триумф на глупоста и деструкцијата.
Имам книга од Марк Шагал во која се забележани негови размислувања за животот, за сликарството и за неговото родно место, кое се наоѓа во Белорусија.
Еве едно размислување на Шагал:
Во ноќта, ангел лета на небото
Светлина ги белее крововите
Ми претскажува долг, долг пат
Моето име го кажува над куќите
Мој народе, за тебе пеам
Кој знае, дали ова песна ти се допаѓа
Коле Манев