Фото: ЕПА

На претходните мундијали само тројца натпреварувачи успеале двапати да ја освојат титулата. Од досегашните шампиони, петмина се активни и сега. Актуелни планетарни шампиони се Линдвик од Норвешка во поединечна и Словенија во екипна конкуренција

СП 2024 ВО СКИЈАЧКИ ЛЕТОВИ

Со утрешните квалификации почнува 28-то Светско првенство (СП) во скијачки летови, шести пат во австриски Кулм (големината на леталницата е 235 м). Овие возбудливи мундијали се одржуваат од 1972 година. Актуелни светски шампиони од првенството во 2022 година во норвешки Викерсунд се Мариус Линдвик од Норвешка во поединечна и репрезентацијата на Словенија во екипна конкуренција.
Од претходните 27 светски првенства има 24 шампиони во скијачки летови и само тројца од нив успеале двапати да ја освојат титулата. Тоа прв го направи Валтер Штајнер (од Швајцарија, победи во 1972 и во 1977 година), а потоа единствените со освоени титули во низа, Свен Ханавалд (Германија, 2000 и 2002 година) и Роар Јокелсој (Норвешка, 2004 и 2006 година). Од досегашните шампиони, петмина се активни и сега, Симон Аман (Швајцарија, победи во 2010 година), Превц (2016-та), Даниел Андре Танде (Норвешка, 2018-та), Карл Гајгер (Германија, 2020 година) и Линдвик (2022-та), па со евентуален нов триумф би се приклучиле на оваа листа на најуспешни скијачи-летачи.
На СП 2024 се предвидени четири натпреварувачки рунди, по две в петок и в сабота. Екипното натпреварување со по четворица скијачи-скокачи по репрезентација е в недела.
Натпревари во скијачки летови моментално може да се одржат на четири скокалници, и тоа на Кулм (Австрија), Оберсдорф (Германија), Викерсунд (Норвешка) и на Планица (Словенија), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Светскиот рекорд, поставен во Викерсунд, е 253,5 метри (го држи водечкиот во Светскиот куп сезонава, Стефан Крафт од Австрија, во 2017 година). Рекордот на леталницата во Кулм моментно е 244 метри, кој го постави Петер Превц од Словенија.
Тимските натпревари се одржуваат од 2004 година и досега најуспешна е Норвешка со пет титули, пред Австрија со три и Словенија со еден трофеј. Вкупно, Норвешка е прва со 10 златни медали (по пет поединечни и екипни), потоа се Австрија со седум (3-4), Германија со пет (4-0), Словенија со три (2-1), Швајцарија со три (3-0)… Н.М.