Периодов работам на неколку различни сценарија што обработуваат човечки приказни и се инспирирани од вистинскиот живот. Тие го поставуваат прашањето што значи да си човек, споделува Бојан Василев, автор на кратки филмови
Бојан Василев е млад режисер и автор на кратки филмови. Уште од најрана возраст експериментира со филмот како медиум. Негови први краткометражни играни филмови се „2039“ и „Братот на Вера“.
Филмот „2039“ ја опфаќа тематиката за загадувањето. Во филмот се прикажува „еден ден“, но во 2039 година, каде што почетокот изгледа на нормална дневна рутина, но главниот лик пред да излезе надвор става гас-маска, плотот на филмот е всушност кога се дознава дека сите носат гас-маски – и на училиште.
„Братот на Вера“ е психолошка драма, во косценарио на Михаел Пепоски. Филмот ги обработува семејните односи и дефинитивно е еден од неговите помрачни филмови што ги направил. Главни ликови се Симон и Вера, брат и сестра (кои ги толкуваат Михаел Пепоски и Катерина Симјаноска). По смртта на нивните родители, братот и сестрата се изолираат меѓусебно барајќи начини како да ја испроцесираат траумата.
– Дефинитивно двата филма имаа свои предизвици – „2039“ имаше сцени во кои требаше да не се гледаат луѓе во заднината, но ние снимавме на главни скопски улици, како „Рекорд“, и секако не бевме во можност да ги затвораме главните улици, па со малку среќа и монтажа успеавме. За филмот „Братот на Вера“ исто така имаше предизвици, како снимањето среде мост и како еден од главните ликови се фрла од него, тешките сцени со главниот лик Симон, кои беа предизвик за Михаел. Но бев доволно среќен да се запознаам со Михаел (на снимање на еден друг филм), кој сега студира филм во Турција – двајцата дадовме доста напори за да го создадеме филмот. Благодарение на платформите како „Филм фривеј“, имавме можност да ги испраќаме овие филмови на најразлични филмски фестивали низ светот и имавме среќа да учествуваме во неколку – споделува Бојан.
Неговата пасија кон филмот вели дека почнала спонтано.
– Уште како многу мал се сеќавам бев фасциниран од филмот како медиум, со својата способност да биде многу личен и интимен, да допре на длабоки места, а понекогаш голем и драматичен. Извесен период имав желба да снимам нешто, но на таа возраст не само што немав можности туку ни технички знаења. Се сеќавам,една година добив телефон, тоа беше првиот телефон со кој можев да снимам и да монтирам на него, дури и музика да ставам. Како што започнав да експериментирам со таа технологија, така полека имав и идеи. Честопати ги собирав децата од мојата улица и заедно снимавме „филмови“. Тие „филмови“ (ако можат воопшто да се наречат така) беа спонтани и импровизирани. Тогаш немав никаков извор од каде да црпам (освен видеоплатформи како Јутјуб) како „вистински“ се прават филмови, бидејќи никој од моите блиски не е во филмската индустрија – дополнува Бојан.
За него филмската уметност е една жива материја, која се менува со секој проект и смета дека постојано има нешто ново да се научи.
– Од една страна тоа е застрашувачки, но од друга страна е возбудливо. Но експериментирањето и импровизацијата ми помогнаа донекаде, на почетокот тоа беше ново и интересно. Кога експериментираш, правиш грешки – многу, многу грешки, па гледаш да учиш од нив. Мене лично експериментирањето и импровизацијата ме однесоа на некое ниво на кое почнав да го чувствувам осетот за сцени. Но секако дека тоа не беше доволно доколку сакав навистина да ја работам оваа струка. Експериментирањето и импровизацијата ме научија секогаш да им пристапувам на проблемите со решавачки дух – затоа што тоа, на некој смешен начин, е и голем дел од работата – ни посочи Бојан.
Од неговото искуство досега вели дека е тешко да се создаде независен филм, а на тоа влијаат околностите, можностите и, секако, буџетот.
– Мислам дека со силна визија и добра приказна постои можност тие пречки да се надминат. Поради таа причина верувам дека некорумпираната душа лежи во независниот филм. Мене ми е важно да останам љубопитен и возбуден, иако честопати тој жар што ќе се создаде во вас, ќе „згасне“ додека всушност започне снимањето, затоа што едноставно така бавно се движат работите додека пробувате да создадете филм. Исто така важно ми е да се инспирирам и да консумирам квалитетни филмови. Поголемиот дел го учам од сопствените грешки, затоа што тие всушност повеќе ги паметам. Во слободно време сакам да ја земам камерата и да снимам, без разлика што е. Околу нас секогаш има некоја приказна, мала или голема. Всушност, така и се вежбам. Секогаш сум отворен за испробување нови работи, но засега останувам на филмската сцена. Периодов работам на неколку различни сценарија што обработуваат човечки приказни и се инспирирани од вистинскиот живот. Тие го поставуваат прашањето што значи да си човек – ни навести Бојан Василев.