Фото: Архива на „Нова Македонија“

Благодарение на пишаните извори, историјата на црквата „Св. Ѓорѓија“ од крајот на 18 век и низ целиот 19 век е добропозната. Главен извор за историјата на црквата од овој период е Кодексот, односно Кондиката водена од 1792 до 1912 година, како и Летописната книга на црквата, која всушност претставува книга на дарители во која се бележеле прилозите на дародавците, понекогаш проследени со многу интересни записи

Знаменитостите на Македонија

Еден од најзначајните и централни споменици на уметноста од времето на македонската преродбата во струшкиот крај е „Св. Ѓорѓија“ во Струга. Конкретно станува збор за голема еднокорабна базилика од надворешната страна, со многу расчленета просторна и архитектонска поставеност од внатрешната страна, припрата и галерија на западната страна од наосот. Во подоцнежниот период од западната страна е доѕидана и надворешната припрата – егзонартексот, како и камбанаријата над егзонартексот. Градена е од камен обработен во правоаголни камени блокови со петстрана апсида на источната страна, која е декорирана со големи профилирани колонети. Влезниот портал на јужната страна е посебно обработен и изведен со големи камени довратници и надвратници, како и лунетата над нив со претставата на патронот на црквата. Таа е извонреден пример на македонската црковна архитектура од времето на преродбата.
Според проф. д-р Сашо Цветковски од Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ, црквата „Св. Ѓорѓија“ е најстарата и единствена соборна црква во градот, сместена во некогаш христијанскиот дел од градот на западната, лева страна од реката Дрим. Тој посочува дека таа низ времето не само што ќе стане најважен верски објект околу кој ќе ce одвива целокупниот верски живот во Струга, туку ќе претставува и културно-просветно и општествено средиште за стружаните преку своите претставници.
– Нејзината историја од крајот на 18 и целиот 19 век може да ce следи благодарение на пишаните историски извори, додека за постарата историја особено говорат многубројните икони што на црквата ѝ припаѓале со векови. Познати ce и неколку стари ракописи и книги од 14, 16 и 17 век чие потекло ce поврзува со црквата „Св. Ѓорѓија“ – вели проф. д-р Сашо Цветковски.

Благодарение на пишаните извори, историјата на црквата од крајот на 18 век и низ целиот 19 век е добропозната. Главен извор за историјата на црквата од овој период е Кодексот, односно Кондиката водена од 1792 до 1912 година, како и Летописната книга на црквата, која всушност претставува книга на дарители во која ce бележеле прилозите на дародавците, понекогаш проследени со многу интересни записи.
Од споменатиот кодекс се дознаваат сите напори и усилби на струшкото општество и струшките првенци за издејствување дозволи од османлиските власти за обнова на малата, како и за изградба на нова поголема црква, која ќе ги задоволи потребите на христијаните.

– Во Кодексот исто така е запишано дека во април 1835 година било одлучено да биде старата мала црква, а на 10 мај биле поставени темелите за новата црква. Изградбата била интензивна и кон крајот на јуни црквата била изградена до сводовите. Во 1847 година бил поставил иконостасот, a иконите на иконостасот ce изработени во 1849/1950 година, а петнаесетина години подоцна, односно во 1873/1874 година, црквата била живописана – нагласува Сашо Цветковски од Центарот за истражување на културното наследство.
За живописувањето на црквата најмногу дознаваме од ктиторскиот натпис испишан од внатрешната страна над јужната влезна врата, како и записите во Летописната книга на дарители. Од натписот се дознава дека живописувањето на црквата е посветена на Свети Великомаченик Ѓорѓија Победоносец и е завршено на 14 април 1874 година, од зографите, браќата Христо, Исак и Козма Макариеви, галичани. Живописувањето било овозможено со труд и грижа, во времето на преосвештениот митрополит охридски Натанаил, при настојателството на Стефан Чакар.
Зографите, браќата Макариеви што ja живописале црквата, потекнуваат од мијачкиот-малорекански крај, од селото Галичник. Ова тајфа зографи била предводена од најстариот брат, Христо (1841-1893), кој зографскиот занает го учел кај Дичо Зограф. Инаку, тие за триесетина години активно работење ќе остварат голема продукција, a нивните дела ce следат од Струга, Верија, Петрич и Пловдив, a на север во Србија, околу Врање и Лесковац.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга веројатно е нивно најголемо и наедно и најуспешно сликарско остварување, работено во годините на нивна сликарска зрелост и подем. Пред да дојдат во Струга, тие во 1871 година завршиле со сликањето на соборната црква „Св. Богородица“ во Петрич (Бугарија), каде што исто така оствариле впечатлива целина со голем број циклуси и поединечни претстави на светци, a ги насликале и иконите на иконостасот.
Следната, 1872/1873 година тие почнуваат со сликањето на големата и во внатрешноста сложена за сликање црква во Струга, која однадвор има форма на базилика со едноставна архитектонска елевација на фасадите, петстрана апсида на источната страна, со подоцна доградена надворешна припрата (егзонартекс).
Ha северниот ѕид од двете страни на прозорскиот отвор ce насликани двајца светци чиј култ бил славен на тлото на Охридската архиепископија. На западната страна е насликан Св. Јован Рилски, монах со црна брада, носи мандија со аналаф околу вратот и кукул на главата. Со десната рака благословува, a во левата држи отворен свиток. На спротивната страна од прозорскиот отвор е насликан Св. Еразмо Охридски. Старец со долга бела коса, бела брада, носи темносин стихар со црвен фелон и бел декориран омофор. Со десната рака благословува, a во левата држи затворено евангелие.


Сашо Цветковски – експерт за сликарството и иконописот од времето на преродбата

Проф. д-р Сашо Цветковски уште за време на студиите манифестирал особен интерес за византиската и средновековната уметност и ги објавува своите први научни текстови од неговите истражувања. По дипломирањето добил стипендија на македонската влада, како и меѓународен грант за изработка на магистерски труд. Магистрирал во 2002 годинана на Филозофскиот факултет во Скопје, на тема „Темата на фреските на црквата ’Св. Свети Никола’ во Псача“. Докторирал во 2008 година на Филозофскиот факултет во Скопје, на тема „Фрескосликарството и иконописот во Струга и Струшко од времето на преродбата“.
Од 2015 година својата научноистражувачка дејност ја продолжува во Центарот за истражување на културното наследство при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Тој е член на архиепископското црковно-управно тело на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Учествува во повеќе проекти, меѓу нив се и публикациите од најважна вредност во областа на културното наследство од страна на Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура на Република Македонија. Учествува на многу домашни и меѓународни симпозиуми и конгреси од областа на средновековната уметност.

Фото: Архива на „Нова Македонија“