Играта „расипан телефон“ на релацијата влада – претседател, во јавноста остава впечаток дека највисоките државни функционери или не знаат кои се нивните вистински надлежности или, пак, не сакаат да преземаат обврски и работата си ја префрлаат еден на друг. Но во целиот случај навистина најмалку е приоритетно утврдувањето чија е надлежноста, доколку нечиј институционален ангажман инстантно резултира со решение во функција на македонските граѓани, со што граѓаните би биле поштедени од ваквите нервози и понижувања со замената на документите. Токму затоа се избрани државните функционери: во моментот кога треба брзо и педантно да реагираат „во името на граѓаните и за граѓаните“, тоа веднаш да го направат бескомпромисно, ставајќи го врвниот приоритет токму за нив, а не за нечии други интереси, странски држави, партиски центри, за свое лично промовирање или амнестирајќи се себеси од одговорност… Чуму такви лидери?!
Системската дисфункционалност уште низ
еден пример – пролонгирање на роковите
за личните документи
На голготата на македонските граѓани за замена на личните документи со новото име на државата не ѝ се гледа крајот, бидејќи оние што треба да ги решаваат проблемите на граѓаните наместо заеднички да седнат и да го најдат оптималното решение, меѓусебно се расправаат и натегаат чија надлежност е тоа.
Имено, гледајќи ги долгите редици пред шалтерите на МВР, како и динамиката за поднесување барања за подготвување нови лични документи, но и онаа за подигање на готовите документи, стана јасно дека поставениот рок до 12 февруари за целосна замена на документите во согласност со обврските од Преспанската спогодба е невозможна мисија.
Под притисок на јавноста, уште повеќе поради негативниот впечаток што се бележи на нивно конто во пресрет на претседателските и парламентарните избори, највисоките државни функционери прекуноќ се освестија дека рокот за замена е невозможно да се испочитува и дека мора да се побара согласност од Грција за негово пролонгирање.
Прв ваквата иницијатива во јавноста ја почна претседателот Стево Пендаровски, кој побара рокот да се пролонгира некаде до септември-октомври.
– Тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закона, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври – изјави претходно Пендаровски, притоа додавајќи дека за тоа разговарал со двајца министри во македонската влада и дека е потребно претходно да се известат и Грците за да им се каже, како што рече, дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор.
За премиерот Димитар Ковачевски со тоа што Пендаровски споменал можност за пролонгирање на рокот за замена на личните документи, всушност, презел обврска тој да ја среди работата со Грците, изземајќи се себеси од овој процес.
– Со грчките власти немам разговарано. Претседателот на државата нели презеде обврска да се слушне со претседателката на Грција – истакна Ковачевски.
По ваквата изјава на премиерот, стигна експресна реакција од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
– Во однос на комуникацијата со Грција, претседателот Пендаровски може да помогне во процесот, но нема преземено обврска во таа смисла – посочија од претседателскиот кабинет.
Сета оваа игра на „расипан телефон“ на релацијата влада – претседател, во јавноста остава впечаток дека највисоките државни функционери или не знаат кои се нивните вистински надлежности или, пак, не сакаат да преземаат обврски и работата си ја префрлаат еден на друг. Во целиот случај најмалку е важно чија е надлежноста ако на крајот сето тоа резултира со решение со кое ќе им се излезе во пресрет на граѓаните и ќе бидат поштедени од ваквите нервози и понижувања со замената на документите.
– Лично не ме интересира дали претседателот, премиерот или министерот ќе се јави во Грција за да се среди оваа работа со турканиците на шалтерите на МВР. Вината е во државата. Името го сменија уште во 2018 година, а мене во 2021 година ми издадоа пасош со името „Република Македонија“, кој ми истекува во 2031 година. Кај нѐ изложија на непотребни трошоци, уште се натегаат меѓу себе кој да се јавел во Атина. Нека се јави тој што го потпиша Преспанскиот договор и што секој ден со полна уста ни труби „северна“ на секој чекор – вели револтирано Синиша Д. од Скопје, кој шест часа чекал пред пунктот на МВР и не завршил работа.
Револтот на граѓаните е повеќе од оправдан, но неразбирливо е однесувањето на домашните функционери, кои дури и во вакви моменти наоѓаат причини да си тераат некакви кампањи и агенди, така што си ја префрлаат одговорноста еден на друг во обид да се претстават во подобро светло пред гласачите.
И претседателот на државата, но и премиерот и министрите имаат политички функции што можат да ги искористат во насока на наоѓање решение за настанатиот проблем, наместо пред јавноста да даваат лош пример за неединство и конфронтација.
За дипломатот во пензија Драган Јањатов однесувањето на претседателот и на премиерот е крајно несериозно и не треба да ги замајуваат граѓаните со нивните, како што вели, кафеански муабети, туку институционално да се реши целиот проблем.
– Овие работи се решаваат преку надлежните институции. Најпрво требало да се направат консултации со Грците, па потоа претседателот и премиерот да даваат идеи како да се надмине проблемот со метежот пред пунктовите за лични документи, наместо да се препукуваат меѓу себе кој да се јави во Грција – вели Јањатов.
Водејќи се од долгогодишното дипломатско искуство, тој точно појаснува кои се чекорите при наоѓањето решенија за вакви проблеми, како што сега е цајтнотот со личните документи.
– Се знае како се прави тоа. Има надлежна институција што треба да го направи тоа. Тука е Министерството за надворешни работи, кое како надлежно требало да го повика грчкиот амбасадор во земјава и да го запознае со предлогот. Постои институционална процедура во рамките на меѓународните односи, затоа е дипломатијата, затоа се тие амбасадори по земјите. Тие се каналот на комуникација – појаснува Јањатов.
Според него, претседателот и премиерот го замајуваат народот и се препукуваат во јавноста како мали деца, наместо заеднички да генерираат решенија.
– Процедурата е јасна. Ако претседателот имал идеја како да се надмине проблемот со турканиците пред шалтерите на МВР, ќе му се јавел на премиерот и ќе побарал од него тој да контактира со министерот за надворешни работи за да го повика грчкиот амбасадор во македонското МНР и да го праша дали Грција би дала согласност за пролонгирање на рокот. Амбасадорот ќе контактира со грчкото МНР и ќе добие повратна информација за тоа дали Грција е согласна за такво нешто. Дури потоа може македонските функционери да излегуваат во јавност со вакви предлози, а не вака да го замајуваат народот, кој е безобѕирно измалтретиран во редиците за замена на документи. Тоа не личи на ништо. За тендери, договори, провизии, кредити ги бива, се договараат, но кога станува збор за народот не можат да се договорат – категоричен е Јањатов.
Тој истакнува дека ваквиот несериозен настап на водечките функционери во земјава всушност ја ставаат Грција во позиција да го одбие македонското барање.
– Кога претходно не се консултирани, нормално е дека Грците ќе одбијат оти тоа не се прави така. Ако попушти на ова јавно барање сега, Грција треба да се симне на тоа ниво на кое е Македонија, а тоа нема да се случи. Но да одеше целата работа по дипломатски канали, Грција немаше да одбие оти некој месец повеќе ништо нема да ѝ значи, особено ако се има предвид дека мнозинството македонски граѓани одат таму на летување и во грчка полза ќе биде таму да се трошат парите. Со ваквите избрзани изјави и вака како што направија нашиве, Атина нема да прифати. Сѐ се работи наопаку во оваа земја – заклучува Јањатов.
Османи: Да не им даваме лажна надеж на граѓаните
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека не е фер на граѓаните да им се дава лажна надеж околу евентуалното одложување на рокот за промена на пасошите со новото уставно име, туку, според него, правилно би било државните институции да организираат и да го забрзаат издавањето пасоши.
– Договорот од Преспа е меѓународен договор. Јас мислам дека наместо да се концентрираме на давање лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор или дека ќе се смени Законот за спроведување на уставните амандмани, треба да работиме на тоа граѓаните да немаат пречки по 13 февруари. Да се забрза издавањето пасоши, да почне налепниците да се лепат на регистарските таблички, и мислам дека ова е поздраво да им се каже на граѓаните, дека е обврска што се провлекува пет години, и да се обидеме до 13 февруари да ги средиме документите на граѓаните, притоа не на сметка на граѓаните, туку државата треба да ги направи тие напори, па ако треба и да ги компензира граѓаните што во овој период треба да ги сменат своите лични документи. Овој пристап е поздрав отколку добивање политички поени за нешто што нема да можеме да го направиме, ниту оваа претставка до Уставниот суд не може да го смени Преспанскиот договор, ниту кои било законски измени. Ајде да се организираме, да побараме разбирање од граѓаните за нешто што сме го презеле како обврска и да го решиме тоа прашање до 13 февруари. Пофер е да им се каже на граѓаните – имаме обврска, ајде да се организираме да помине без многу тешкотии, отколку сега заради некаква политичка придобивка во предизборие да им се дава лажна надеж дека ќе се одложи рокот. Гледаме дека метежите се намалуваат во одредени делови, ајде да ги ставиме сите институционални сили на располагање на граѓаните да немаат проблеми со патување по 13 февруари – изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција во МНР со неговиот албански колега Игли Хасани.