Вештачката интелигенција, иако моќна, не може да ја замени таа способност за внесување вистинска духовна музичка суштина во миксовите. Диџеите се магични културни архитекти, кои го дефинираат и го збогатуваат музичкото искуство за себе и за својата публика, вели диџејот Александар Митрикески
Вештачката интелигенција, особено изминатава година, влезе во речиси секој сектор. Наоѓа примена во секојдневното живеење, во технологијата, науката, уметноста… Речиси и да не може да се замисли секојдневното функционирање без вештачката интелигенција.
Современиот живот како да стана незамислив без оваа алатка. Често се провлекува прашањето дали може комплетно да го замени човекот, но и експертите и уметниците се согласни дека сме далеку од моментот вештачката интелигенција да нѐ замени комплетно.
Вештачката интелигенција наголемо се користи во речиси секоја уметност, од фотографија, графички дизајн, книжевност, па дури и музика. Особено тука најсилен удел има врз електронската музика. Со диџеј Митрик, односно Александар Митрикески, кој го гради своето име како диџеј од 2013 година, разговараме повеќе околу влијанието на вештачката интелигенција врз електронската музика.
– Во ерата на технолошки иновации и научни напредоци, вештачката интелигенција (ВИ) има потенцијал да промени голем дел од нашиот свет. Секој аспект на нашето дневно живеење, вклучувајќи го и светот на музиката, се истражува за приспособување на овие нови технологии. Во случајот со електронската музика, вештачката интелигенција може да биде силно корисна, но најважното е да се разбере дека не може да ги замени визијата и креативноста на човекот. Вештачката интелигенција може да се употребува како инструмент што придонесува кон музичкиот процес – споделува Александар Митрикески.
Според него, инструментите базирани на вештачка интелигенција можат да помогнат во различни аспекти на креирањето и пребарувањето музика, на пример:
Генерирање идеи: Вештачката интелигенција може да анализира огромни количества музички податоци и да предложи нови мелодии, хармонии и ритам. Ова може да биде инспирација за продуцентите да ги развијат идеите и да ги претворат во комплетни дела.
Синтеза на звук: Вештачката интелигенција може да се користи за создавање нестандардни звуци и музички ефекти, кои тешко би можеле да бидат постигнати со традиционални методи. Ова овозможува продуцентите да ги додадат во своите композиции и да ги збогатат со уникатни аспекти.
Микс и мастеринг: Вештачката интелигенција може да помогне во техничките аспекти кон понатамошните чекори на продукцијата на едно дело, како што се миксот и мастерингот на музика. Ова може да резултира во подобар звучен квалитет и прецизност.
Експериментирање: Вештачката интелигенција може да биде корисна за експериментирање со различни стилови, жанрови и аранжмани. Продуцентите можат да го искористат овој потенцијал за создавање нови, неочекувани и неслушнати звуци.
Сугестии при креирање музичка плејлиста: Вештачката интелигенција може да дава сугестии при креирање музичка плејлиста со анализирање на музичките преференции и историјата на слушање на корисникот. Ова може да вклучува предлози за песни од слични жанрови или артисти, како и песни што се популарни во моментов. Исто така, вештачката интелигенција може да ги земе предвид и активностите на корисникот и да предложи музика што одговара за нив.
– Во некои стилови на електронска музика, кои се ориентирани кон популарните звучни елементи, вештачката интелигенција може да изработи мелодии и аранжмани за комерцијални намени, каде што се диктираат трендовите во насока на тоа што грото публиката го бара. Тука вештачката интелигенција може да се искористи во целост, од почетокот до крајот низ продукциските етапи. Но во вистинската уметничка смисла на електронската музика, во големите и вистински квалитетни парчиња електронска музика има нешто што вештачката интелигенција сѐ уште не може да го генерира, а тоа е емоцијата. Тоа го бара публиката што има префинет вкус за музика. Музиката има моќ да комуницира со вистинските слушатели на длабоко ниво, и тоа поради емоционалната интерпретација што ја додаваат музичарите и продуцентите. Вештачката интелигенција може да реплицира музички облици, но сѐ уште тешко може да ги разбере и да ги изрази човечките емоции што се внесуваат во големите музички дела – објаснува диџеј Митрик.
Вистинската сила на музиката е да комуницира со длабоки емоции и да остави трајни впечатоци на слушателите. Емоциите се идентитетот на музиката и нешто што може да се постигне само преку вплеткување на човечката душа во нотите. Продуцентите ги развиваат својот личен стил и музички идентитет со години низ работа и експериментирање. Вештачката интелигенција може да предложи идеи и елементи, но вистинската креативност настапува кога продуцентот ги додава своите уникатни емотивни допири и интерпретација, додава тој.
– Кога зборуваме за релевантниот аспект на професијата диџеј, диџејот, како креатор на музички патувања, игра клучна улога во пренесувањето емоции низ јасен стил преку неговите миксови. Диџеите преку многу часови на „копање“ музика пронаоѓаат песни што го дефинираат нивниот визионерски поглед и ја прикажуваат уникатноста на нивната уметничка изразност. Сепак, во денешната ера на стриминг-платформите и персонализирани сервиси, најчесто ни се нуди содржина, која е како сугестија од нашите лични пребарувања. Софтверите за диџеи се толку напредни и често сугерираат следна песна при настапите, според тековната плејлиста. Но доколку безусловно ги следиме овие генерирани предлози, може да се чини дека искористуваме вештачки создадена содржина, без допир до вистинската музичка душа. Тука, важно е да се напомене дека квалитетните и искусни диџеи ја одржуваат својата уникатност преку музичкото „копање“ и избор на песни, каде што последната одлука при изборот ја има „наштиманото“ уво на диџејот, наспроти генерираните вештачки предлози. Секоја избрана песна станува дел од музичкиот наратив, изразувајќи ги афинитетот на диџејот и неговите чувства.
Музичка интуиција и креативност се елементи што врз сцената додаваат уникатен човечки димензионен аспект, што е тешко да го имитира вештачката интелигенција. Диџеите не вршат само улога на репродуктори на музика, туку се и куратори на емоции и стил. Вештачката интелигенција, иако моќна, не може да ја замени таа способност за внесување вистинска духовна музичка суштина во миксовите. Диџеите се магични културни архитекти, кои го дефинираат и го збогатуваат музичкото искуство за себе и својата публика – истакнува Александар.
Вештачката интелигенција без сомнение може многу да им понуди на продуцентите и диџеите на електронска музика. Таа може да биде инструмент што ќе го подобри и ќе го збогати процесот на креирање, но важно е да се разбере дека не може да ги замени артистите во целост. Вештачката интелигенција нема човечка емоција и идентитет, што го прави човекот незаменлив во музичкиот свет. Имено, вештачката интелигенција може да стане основен инструмент од творечкиот процес, но никогаш не може да го замени вистинскиот емотивен потпис што го носат продуцентите во своите музички дела, категоричен е Александар Митрикески.
Вештачкоинтелигентните софтвери „пишуваат“ и текстови
Вештачката интелигенција пишува и романи, раскази, поеми… На разни начини покажа дека одлично се снаоѓа во книжевноста, до степен да не се забележи дека книжевното дело не е напишано од човек. Според книжевникот Стефан Марковски, писателите што пишуваат со толку воспеваниот од некои книжевни критичари „едноставен“, „лесно разбирлив“ или „непретенциозен“ стил, ќе бидат „прекуноќ“ „заменети“ (односно имитирани) од вештачкоинтелигентен софтвер. Односно од јазичните модели како Џи-пи-ти чат.
– Ценам дека по аналогија на ова ќе бидат „заменети“ и некои книжевни критичари, или поточно есеисти, кои се занимаваат со вреднување нечии книжевни остварувања. Значи, според ова, ќе преостане, и тоа само привремено, да егзистира фрапантно мал број автори со доволна сложеност и прецизност на синтаксичко ниво, како и оние што спроведуваат мошне специфични наративно-структурни стратегии, додека, пак, сите други литерарни стилови и наративни структури со леснотија ќе бидат имитирани во мошне скоро време. Сето ова имплицира на заклучокот дека на класично создаваната литература со гигантски чекори ѝ се ближи крајот, а паралелно со тоа се наметнува скорешната сестрана употреба на генеративен софтвер за „пишување“, кој наедно на некој начин и го брише традиционално зададениот концепт на авторството. Следните фази се човечко-вештачкоинтелигентна хибридна хиперпродукција, интерактивно читање и во паралела со тоа (пре)создавање на делата во реално време. Она што до вчера можеби некои од нас го гледале како научнофантастичен преувеличен хумор, со вртоглава брзина станува секојдневие – подвлекува Стефан.