ТВ-серијата за Рацин, „Црвениот поет“, предизвика позитивни реакции кај гледачите само по првата прикажана епизода. „Нова Македонија“ се придружува кон иницијативата за осовременување на делото на нашите великани на ваков начин. Весникот е и првиот печатен медиум кај нас што го користи автентичниот фонт инспириран од ракописот на Кочо Рацин, со што упатува порака дека специфичноста на македонската азбука ги дефинира нашиот идентитет и нашата различност и посебност
Македонската историја да се доближи до младите преку современи форми од културата
Премиерното прикажување на телевизиската серија „Црвениот поет“ на ТВ Телма, посветена на животот и делото на Коста Рацин, еден од великаните на нашата поезија на 20 век, еден од најреволуционерните патриоти и еден од најромантичните уметници што ги дала нашата земја, предизвика позитивни реакции кај македонската публика. Серијата е нов начин новите генерации деца, кои растат со различни вредности денес, поблиску да се запознаат со овој извонредно талентиран млад поет, кој се осмелува да пишува и да објавува своја поезија на македонски јазик и покрај строгите забрани во времето по Првата светска војна. Неговата збирка „Бели мугри“ е едно од најзначајните дела напишани на македонски јазик.
Разоткривањето на делата на македонските културни дејци е важно за повторно осознавање на нивната уметничка големина, затоа што тие со своите дела ја внесоа Македонија на културната мапа на светот, а нивните достигнувања прераснаа во идентификација за вистинските вредности во македонското културно живеење. Само ако трајно ги зачуваме, ќе можеме да ја спасиме нашата кревка култура од налетот на инвазивните тенденции однадвор, особено од соседните центри на моќ, како и од колективниот заборав.
Приказната во „Црвениот поет“ прикажува извонредна борба и херојски настани низ Втората светска војна, кои имаат страшни последици за него и неговата поезија. Сценариото е дело на Сашко Насев, а серијата е режирана од Никола Поповски. Александар Ристоски ја игра улогата на Кочо Рацин, а во серијата игра плејада на наши актери.
Реакциите на гледачите за првата епизода од серијата кажуваат повеќе од доволно дека вакви телевизиски проекти, кои на нов начин ги прикажуваат важните личности од нашата култура и историја, се и повеќе од посакувани. Тие пишуваат дека преку „Црвениот поет“ се согледуваат целата Рацинова емоција, целата негова полнота обвиена со црвеното знаме, знамето на обичниот човек, знамето на борбата за подобро утре, дека дијалозите се внимателно одбрани, речиси секој збор е набиен со борбен дух, кој избива со децении од Рациновите писанија, дека сега достојно е претставен и во телевизиско издание… Публиката порачува да има повеќе вакви поучни македонски серии и филмови, какви што недостигаат во нашата продукција.
Писмото и ракописот на Рацин оживеаја на страниците на ЛИК
Редакцијата на „Нова Македонија“ се придружува кон иницијативата за осовременување на нашите великани и се надева дека оваа серија ќе биде само почеток на една поквалитетна македонска телевизиска и филмска продукција. Нашиот весник е првиот што го користи за објава автентичниот фонт инспириран од ракописот на Кочо Рацин, изработен од најеминентниот типограф кај нас, Ласко Џуровски, кој ѝ го подари фонтот Рацин на „Нова Македонија“, конкретно за страниците на прилогот за култура ЛИК. Треба да се нагласи дека е од голема важност што првиот дигитално оживеан ракопис на значаен македонски уметник почна да живее токму на страниците на првиот македонски дневен весник. Голема е честа што токму „Нова Македонија“ пишува, информира и објавува со фонт создаден според ракописот од овој македонски книжевен деец, истакнат интелектуалец и творечки револуционер.
– Фонтот Рацин е прв дигитално оживеан ракопис на значаен македонски уметник, а „Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник, според тоа, одговорот се наметнува сам по себе, сѐ што е прво се памти – првата љубов, првата научена буква, првата прочитана книга… Затоа, сосема е логично првиот македонски фонт, инспириран од ракописот на македонски уметник, да се чита на страниците на првиот македонски дневен весник. Ми значи многу тоа што фонтот почна да живее, да дише, да се смее, да му зборува на светот преку вашите страници, да ја „везе“ вистината за уникатноста на македонскиот јазик и писмо – истакнува создавачот на фонтот, Ласко Џуровски.
Фонтот наиде на многу позитивни критики, што се должи на разбудените чувства, на трепетот на дамарите на македонската душа, кога повторно во неа одекнуваат безвременските стихови на Рацин, кои се непроценливо културно богатство, не само македонско туку и светско. Рациновиот фонт има 600 карактери, со кој може да се пишува кирилично и латинично на 93 јазици.
Со ова весникот упатува порака да ја чуваме македонската кирилица, да ја надградуваме и приспособуваме на современите барања, затоа што таа е уникатна и единствена, различна од сите други кирилски писма. Со неколку букви карактеристични само за нашето пишување, македонската азбука ги дефинира нашиот идентитет и нашата различност и посебност.
Денес кога се прават обиди за негација на посебноста на македонскиот јазик, уште поголема обврска е да се одбранат македонскиот јазик и писмо од сите такви подметнувања и напади. Македонската кирилица е еден од нашите најголеми брендови со кои треба да се гордееме, а низ фонтот на Рацин, кој е полн со историја, емоции, симболика, одекнуваат неговите безвремени стихови, кои се наше непроценливо културно наследство. Во таа смисла и самиот Рацин подвлекува: „Јазикот – тоа е голема сила на народот, на нацијата. Да му го земеш јазикот, тоа значи да му ја земеш душата, да го лишиш од неговиот национален персоналитет“.
Во 2023 година – филмови и за Блаже Конески и Ацо Шопов
Минатата година се појавија уште две филмски остварувања посветени на големи книжевни имиња. Првиот е документарниот долгометражен филм посветен на македонскиот великан на 20 век Блаже Конески, „Јанѕа“, на истакнатиот македонски документарист Никола Калајџиски. Филмот испраќа силна порака за обединување и го храни чувството на гордост што сме наследници на Конески, човекот што ни ја остави татковината во аманет. Според многумина, ова е филм што мора да го види светот, вистински филм направен во вистинско време. Филмот е одлично сведоштво за животот и делото на нашиот великан, основоположник на македонскиот современ јазик, и за неговото огромно значење за македонската наука, култура и книжевност. „Без идентитет нема мајчин јазик. Без мајчин јазик нема идентитет“, така велеше и самиот Конески. Во 101-та минута се сублимирани основните постулати на Конески, она што го кажувал, а сето тоа е поткрепено со визуелна заднина.
Разоткривањето на делата на македонските културни дејци е важно за повторно осознавање на нивната уметничка големина, затоа што тие со своите дела ја внесоа Македонија на културната мапа на светот, а нивните достигнувања прераснаа во идентификација за вистинските вредности во македонското културно живеење. Само ако трајно ги зачуваме, ќе можеме да ја спасиме нашата кревка култура од налетот на инвазивните тенденции однадвор, како и од колективниот заборав
Филмот е снимен според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески. Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници/истражувачи од областа на македонистиката и од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучувајќи и странски македонисти што важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци.
Кон крајот на 2023 година, која беше прогласена за „Година на Ацо Шопов“, се појави и анимираниот омнибус „Небиднина“ во режија на Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски, составен од четири кратки филма, инспирирани од поезијата на Ацо Шопов. Македонија цела година ја посвети на чествување на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет. Ацо Шопов ја објави збирката „Небиднина“ пред точно шеесет години.
Токму овој македонски поет, од чие перо се испишани некои од најдобрите стихови на ова тло, беше инспирација за создавањето на четирите анимирани омнибус-филмови насловени според неговите песни: „Долго доаѓање на огнот“, „Грозомор“, „Небиднина“ и „Во сонот на црната жена“. Во ова кинематографско дело анимацијата и поезијата совршено се испреплетуваат, креирајќи оригинална филмска уметност.