Во нашата земја, од 2021 година наваму кај приватните дознаки е присутен постојан тренд на раст, кој во просек за 2021-2022 година изнесува околу 35 отсто на годишна основа, со што во текот на изминатата година дознаките достигнаа близу две милијарди евра (или околу 15 отсто од БДП). Поволните трендови продолжија и во 2023 година, иако растот е со поумерена динамика, имајќи ја предвид високата споредбена основа од претходната година

Нашата земја е втора по големина за волуменот и вредноста на личните трансфери на Западен Балкан

Девизните дознаки од иселениците и лицата на привремена работа во странство се важни за македонската економија. Покрај тоа што дознаките се значаен дополнителен извор на приходи за дел од домаќинствата, кои го подобруваат нивниот животен стандард, тие имаат и пошироко макроекономско значење, зголемувајќи го девизниот потенцијал на економијата. Дознаките се битен извор на средства во тековната сметка на платниот биланс и придонесуваат за одржување низок дефицит на тековната сметка. Сумата што нашите иселеници ја испраќаат за своите роднини и блиски во Македонија претставува и значаен финансиски потенцијал. Во текот на 2022 година, дознаките достигнаа близу две милијарди евра или околу 15 отсто од БДП. Нашата земја е втора по големина за вредност на лични трансфери, пред нас е Косово, чии лични дознаки сочинуваат 17,2 отсто од БДП.

Ранг-листа на држави што имаат значаен прилив по однос на девизни дознаки од странство

Хрватска има најголема вредност на лични трансфери во однос на големината на економијата во целата ЕУ. Тој изнесува 7,6 отсто од БДП, убедливо највисок од сите земји. Второпласираната Летонија добива лични трансфери во износ од 3,2 отсто од БДП (вкупно 0,7 милијарди евра), а третопласираната Романија добива 2,9 отсто од БДП (вкупно 4,4 милијарди евра). Според тоа, може да се тврди дека Хрватска е најиселеничката нација во ЕУ, и доколку нема лични трансфери од странство, речиси една тринаесеттина од хрватската економија би исчезнала. Според критериумите за важноста на личните трансфери во националната економија, Хрватска воопшто не припаѓа на ЕУ. Таа е повеќе слична на земји од Западен Балкан. Личните дознаки, односно личните трансфери, сочинуваат 17,2 отсто од БДП на Косово, 13,3 отсто од БДП на Црна Гора, 10,6 од БДП на БиХ, 9,2 отсто на Албанија и 9 отсто на Србија.
Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Србија се доказ дека не е потребно влез во ЕУ за населението масовно да емигрира. Тие имаат голем удел на лични трансфери во БДП.
– Кога станува збор за приватните дознаки, во нашиот случај не се подразбираат само дознаките примени преку официјални канали (банки и брз трансфер на пари) туку и дознаките во готовина што пристигнуваат преку неформални канали и кои во статистиката се опфатени во нето-откупот на девизи од менувачниците во земјата – велат надлежните од Народната банка.
Оттаму додаваат дека приватните девизни дознаки историски претставуваат значен дел од вкупниот девизен прилив во платниот биланс на земјата и покриваат поголем дел од трговскиот дефицит, а со тоа се значајна поддршка на девизните резерви и стабилноста на курсот.
– Девизите низ годините се релативно стабилна категорија на девизен нето-прилив во земјата и во просек, во периодот 2005-2022, изнесуваат околу 14 отсто од БДП. Секако, дознаките се значајна компонента и на расположливиот доход на населението кај нас, а со тоа и на приватната потрошувачка. Приливот на приватни дознаки има изразена сезонска динамика, која пред сѐ е условена од динамиката на готовинските дознаки, така што овие приливи се поизразени во летниот период и во периодите околу празниците, а таков е и овој период од годината околу новогодишните празници – истакнуваат од Народната банка.
Во однос на движењата во последниве години, од НБРСМ посочуваат дека во 2020 година, поради пандемијата и ограничените можности за патување, приватните дознаки се намалиле, и тоа токму поради пониските дознаки во готовина.
– Од 2021 година наваму кај приватните дознаки е присутен постојан тренд на раст, кој во просек за 2021-2022 година изнесува околу 35 отсто на годишна основа, со што во текот на изминатата година дознаките достигнаа близу две милијарди евра (или околу 15 отсто од БДП). Поволните трендови продолжија и во 2023 година, иако растот е со поумерена динамика имајќи ја предвид високата споредбена основа од претходната година. Имено, во согласност со последните објавени податоци за билансот на плаќања, нето-приливите од приватни дознаки во периодот јануари-септември 2023 година изнесуваат 1.557 милиони евра и се повисоки за околу 6,5 отсто во однос на истиот период од претходната година – истакнуваат од Народната банка.
Како што велат тие, податоците од платниот биланс за последниот квартал сѐ уште не се достапни, но во согласност со расположливите индикативни податоци за оваа компонента, кои се следат преку нето-откупот од менувачкото работење, растот кај овие приливи продолжува со слична динамика.
– Споредбено со годишниот износ на нето-приливи од странски директни инвестиции, нето-приливите од приватни дознаки се повисоки. Имено, за периодот 2005-2022 година, нето-приливите од СДИ во просек изнесуваат околу 3,5 отсто од БДП. За разлика од приватните дознаки, кои се релативно стабилна категорија низ годините, СДИ имаат поголема волатилност. Во согласност со последните податоци, заклучно со третото тримесечје од оваа година, нето-приливите од СДИ изнесуваат 285 милиони евра. Нашите очекувања се тие оваа година да достигнат околу 500 милиони евра, или околу 3,5 отсто од БДП – појаснуваат од Народната банка.

Два вида приливи: Дознаки преку платниот промет и банките и „преостанати
тековни трансфери“

Како што вели Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, приливите на нашите иселеници играат голема улога во одржувањето на дефицитот на тековната сметка т.е. приливите и одливите со странство.
– Приливите т.е. дознаките од работниците од странство секоја година се сѐ поголеми и тие во 2003 година изнесувале 128,9 милиони евра, во 2013 пораснале на 191,3 милион евра, а во 2021 година на 324,6 милиони евра. Но ова се само дознаките преку платниот промет на банките, ако овде се додадат и откупените девизи во менувачниците, кои во согласност со методологијата на НБРСМ влегуваат во т.н. преостанати тековни трансфери, тогаш овие средства се многу поголеми. Приливите од т.н. „преостанати тековни трансфери“ во 2003 изнесувале 459,8 милиони евра, во 2013 година една милијарда и 348 милиони евра, а во 2021 година достигнале една милијарда и 666 милиони евра. Во 2022 година овие приливи изнесуваат две милијарди и 217 милиони евра и постојано се зголемуваат – објаснува Димитров.
Некои аналитичари вршат прост збир на овие два вида приливи и тогаш вкупниот прилив на средства од иселениците изгледа многу поголем, но ова не е реална ситуација.
Ако ги земеме само дознаките од иселениците преку банкарски трансфери, посочува тој, тие во првиот квартал на 2022 изнесувале 76,7 милиони евра, а во вториот квартал 96,6 милиони евра. Во 2023 г., во првиот квартал пристигнале 77 милиони евра, а во вториот квартал 94,4 милиони евра. Ова покажува дека дознаките од иселениците што пристигаат преку банкарските сметки се на исто ниво и нема зголемување.
– Кога ги споредуваме овие бројки со приливите од странски директни инвестиции можеме да кажеме дека само дознаките преку банка се еднакви на приливите од директните странски инвестиции, а преостанатите приливи преку менувачниците се многукратно поголеми од приливите од директни странски инвестиции. Кога сме кај странските инвестиции, треба да знаеме дека во приливи влегува и нераспределената добивка на овие компании по годишните сметки и реинвестираната добивка во нови машини и опрема, а во одливите дивидендите што се исплаќаат на основачите во странство. Така, во одредени години може да се случи одливите по основа на дивиденда да бидат поголеми од нето-приливите од странство – укажува Димитров.
Според него, со присутната тенденција на иселување на младите сигурно дека овие приливи ќе растат, но се надева дека кога Македонија ќе стане посакувано место за инвестиции, тогаш некои од иселениците ќе ги вложат во Македонија спечалените средства во странство.
– Но за да се случи тоа, мораме да ги решиме сите наши проблеми со владеењето на правото, корупцијата, партизацијата и неефикасноста на институциите и многу други прашања што се важни за донесување одлука дали да се инвестира и да се живее во Македонија? – вели Димитров.


УДЕЛОТ НА дознакиТЕ во БДП НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

Македонија 15 отсто

Србија 9 отсто

Босна и Херцеговина 10,6 отсто

Црна Гора 13,3 отсто

Хрватска 7,6 отсто

Косово 17,2 отсто

Албанија 9,2 отсто