Она на што јас навистина се радувам и се надевам дека во блиска иднина ќе стане реалност е отворањето на Спомен-куќата на Лазар Личеноски и капиталната инвестиција и обновата на објектот „Мала станица“, кој треба да добие сосема нов лик и функција, т.е. во него да се изгради соодветно музејско депо по сите светски стандарди и норми, што е едно од нашите најгорливи прашања во музејското функционирање, за да го зачуваме богатото културно благо што ѝ е доверено на нашата институција, а кое опфаќа повеќе од 3.000 артефакти, вели Дита Старова-Ќерими
Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија
Kултурната сцена изнесе проекти од особен национален интерес изминатава 2023 година. Културната понуда остана во духот на разновидноста, традицијата и националниот идентитет. Зборуваме за проекти од јавен интерес, кои ги промовираа достигнувањата на нашите уметници и вредностите на домашното творештво и културно наследство.
Еден од значајните моменти беше и одбележување на јубилејот – 75 години постоење на Националната галерија. Низ разни проекти се афирмираа врвни мајстори на модерната и современата национална уметност.
Реализирани се 23 програмски проекти и над 200 вонпрограмски настани од типот вонпрограмски изложби, конференции, концерти, промоции, работилници, корпоративни настани… Со директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, правиме кратка ретроспектива на она што ја обележа јубилејната година.
Ова беше импресивна година за Националната галерија… Кои најзначајни имиња и изложби би ги издвоиле? Што е она што ја обележа годинава?
Годинава беше плодна и креативна. Во рамките на чествувањето на 75-годишниот јубилеј, годината ја отпочнавме со изложбата „Landscape Experience“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, последни претставници на македонскиот павилјон на 59. Венециско биенале 2022, потоа имавме одлични јубилејни и ретроспективни изложби (Миле Корубин, Димитрие Дурацоски, Ристо Калчески, Лена Стефанова), изложби со дела од колекцијата на Националната галерија („Мајчинство“, „Париски рефлексии“, „Од поинаков дискурс – Фауна“), како и значајни индивидуални претставувања на клучни имиња од македонската современа уметност („Мултиверзум“ на Симон Шемов, „Once upon a time in the east“ на Томе Аџиевски и други), изложби на автори со импозантно творештво, Ешреф Ќахили, Ервин Катович и многу други. Исто така бев комесарка на годинашното Венециско биенале за архитектура, каде што по традиција веќе имаме одличен успех. Се завршија голем број конзерваторско-реставраторски зафати на дела од движното културно наследство од колекцијата на Лазар Личеноски и се случи одлична промоција на проектот за Спомен-куќата на Лазар Личеноски и пред дипломатскиот кор и Европската куќа, со што чинам дека во блиска иднина се можни и странски грантови за побрза реализација на предвидените зафати околу нејзина конзервација и конечно отворање на Спомен-куќата пред македонската јавност. Не смееме да ги заборавиме ниту многубројните едукативни работилници, на кои ја продолживме нашата агенда за културно-уметничко воспитување на различни генерации, но и социјална инклузија и работа со лица со посебни потреби. Организиравме една научна конференција во соработка со професори од факултетот за уметност и култура „Фонтис“ од Холандија, на која говоревме токму на темата – „Музејска едукација“.
Македонската секција на ИКОМ одново нѐ награди за најдобар музеј на годината, а секако и наши вработени добија награди за најдобри музејски работници, на што сме особено горди. Во нашите простории се одржаа и голем број вонпрограмски активности, соработки со невладиниот сектор или, пак, индивидуални реализации на разновидни културно-уметнички програми. Сѐ на сѐ, навистина богата година.
На што особено сте горди што успеавте да го поставите и изложите годинава?
Се гордеам со сите успеси на мојот тим соработници и индивидуални и професионални, бидејќи заеднички создаваме историја што ќе се памети како едно од најдобрите и највидливи времиња за Националната галерија. Без нивниот труд и експертиза ништо од целокупната програма не ќе беше возможно. На многубројните соработки со разни меѓународни сродни институции. Оттука, навистина сум горда на сѐ што како програмска активност излезе од наша продукција, без оглед дали станува збор за помал или пообемен проект. Она на што јас навистина се радувам и се надевам дека во блиска иднина ќе стане реалност е отворањето на Спомен-куќата на Лазар Личеноски и капиталната инвестиција и обновата на објектот „Мала станица“, кој треба да добие сосема нов лик и функција, т.е. во него да се изгради соодветно музејско депо по сите светски стандарди и норми, што е едно од нашите најгорливи прашања во музејското функционирање, за да го зачуваме богатото културно благо што ѝ е доверено на нашата институција, а кое опфаќа повеќе од 3000 артефакти.
Славите голем и значаен јубилеј. Во каква институција израсна Националната галерија изминативе 75 години?
Националната галерија прерасна во институција што има своја препознатливост и белег, институција што е позната во јавноста по културните настани и која стана посакувана дестинација за реализација на изложби, проекти и настани и од професионалната публика, но и од страна на Владата, дипломатите, бизнис-секторот. Тоа за нас е исклучително значајно, но од друга страна и многу одговорно, бидејќи очекувањата и стандардите постојано растат, а ние треба да ги следиме и да ги задоволуваме очекувањата. Среќна сум што денес кого и да сретнете на улица, од мало до големо, сите знаат каде е Националната галерија и дека има три изложбени објекти, за разлика од изминатиот период од 10 години, кога публиката беше многу помала и ограничена. Чинам дека ѝ го вративме стариот сјај на оваа значајна институција на македонската култура и уметност.
Каков е одзивот на публиката… Кои изложби и имиња привлекуваат најмногу внимание?
Одзивот на публиката е одличен. За разлика од порано кога најчесто имавме публика само за отворањето и потоа изложбите беа ретко посетувани, сега постојано има публика во сите објекти. Тоа за нас е одличен показател дека чекориме со сигурни чекори во контекст на позитивен маркетинг и, секако, одличен квалитет на културните настани. Сите изложби имаат своја публика, изложбите во старата чаршија, во „Даутпашиниот амам“ и „Чифте-амамот“, секако, предничат бидејќи станува збор и за исклучително туристички развиена зона, па посетата на нашите објекти од страна на гостите туристи не е исклучок. Кога зборуваме за публиката, да спомнам дека доживеавме несекојдневно искуство, станува збор за изложбата „75/75“, која се отвори на 19 јуни, со која практично го започнавме официјалното одбележување на јубилејот. Истата таа траеше само еден месец, но интересно е да се напомене дека среде лето, во време на исклучително високи температури, со препораки и мерки за заштита на здравјето, имавме рекордна посета од над 4.000 посетители за само 30 дена.
Кои се вашите аспирации за периодот што следува… Какви амбиции и планови имате за да ја унапредите Националната галерија и да ги збогатите нејзината историја и содржина?
Некои од моите надежи и аспирации веќе ги изнесов во содржините погоре, станува збор за Спомен-куќата на Лазар Личеноски и за капиталната инвестиција на „Мала станица“, тие се централни точки во музејското работење на нашата институција. Во контекст на реализација на изложбената активност и програма, чинам дека и 2024 година ќе бара голем ангажман, со плодна програма во различни домени, на локално и на меѓународно поле, но останува да ги почекаме одлуките и решенијата на комисиите при Министерството за култура во различните сектори (изложбена, меѓународна, музејска, издаваштво) за да знаеме точно да ги поставиме приоритетите и да ја фокусираме нашата енергија.
Продолжуваме со уште позасилено темпо. Ви благодариме што нѐ следите и што ни помагате во медијацијата со публиката.