Изјавата на премиерот дека неговата влада била спречена од ЕУ да спроведе ветинг, без да ги знае причините зошто Брисел постапил така, е проблематична од два аспекта. Прво, ваквата изјава на премиерот Ковачевски де факто е еден вид признавање дека владеењето на македонската извршна власт, и тој како премиер, (како да) се приближува или, пак, изедначува со вазалски однос кон ЕУ, односно што ќе кажат Европејците, тие исполнуваат. Вториот проблематичен аспект во изјавата на премиерот е дека Владата признава дека ЕУ е таа што ги држи сите конци на управување во Македонија и дека постои некаква форма на губернаторство над земјава
И денес е забележлив наш поданички однос што се влече со векови
Проблематичноста на низа состојби во државата се резултат на немањето вистинска волја тие да се поправат, па од тие причини и владеењето се адаптира единствено во насока на задоволување на барањата што стигаат однадвор, пред сè од Европската Унија, со надеж дека Брисел на тој начин ќе замижи пред очигледната системска дисфункционалност на државата. Најдобра потврда дека сето ова е така е неодамнешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски, кој јасно кажа дека тие како власт имале намера да спроведат одредени политики, но дека се откажале во истиот момент кога ЕУ им кажала да не го прават тоа (?!). Но сега ако повторно ја освојат власта, нема да ги слушаат Европејците.
– Има еден процес што ќе биде спроведен во државава, а тоа е процес на ветинг на именувани и избрани функционери, меѓутоа можеби треба да се прошири на физички и правни лица. Тој процес Албанија го спроведе. Во нашата држава Владата сакаше да го спроведе, но беше спречена од ЕУ, не знам од кои причини – истакна Ковачевски, притоа додавајќи дека ако ја освојат власта на следните избори ќе го реализираат процесот на ветинг.
Изјавата на премиерот дека неговата влада била спречена од ЕУ да спроведе ветинг, без да ги знае причините зошто Брисел постапил така, е проблематична од два аспекта. Прво, со ваквата изјава премиерот Ковачевски де факто признава дека македонската влада и тој како премиер на некој начин се вазали кон ЕУ, односно што ќе кажат Европејците, тие исполнуваат. Вториот проблематичен аспект во изјавата на премиерот е дека Владата признава дека ЕУ е таа што ги држи сите конци на управување во Македонија, дека е еден вид губернатор над земјава, што во суштина значи дека не постојат суверенитет и владеење на македонските закони, туку се постапува по налог од страна, односно се исполнуваат нечии туѓи барања и политики.
Повеќе од очигледно е дека со години македонските власти се потпираат исклучиво на препораките што доаѓаат од некакви светски политички авторитети, некоја светска сила или центар на моќ, па се слуша и беспоговорно се прифаќа сè што странците ќе кажат, без во ниту еден момент критички да се анализира дали одредена препорака што доаѓа однадвор е спротивна на националните интереси.
Не треба да се занемари фактот дека секое од тие барања е поткрепено со некаков геостратегиски интерес на оние што го испорачуваат и затоа мора да се истурка по секоја цена. Таков беше случајот со „францускиот предлог“, кој беше наметнат од ЕУ, а македонските власти иако знаеја дека не е добар, сепак за да ѝ угодат на ЕУ го прифатија на штета на државните интереси, ставајќи ја сопствената држава во подреден однос кон ЕУ, но и кон Бугарија.
Дел од соговорниците со кои разговаравме околу изјавата на премиерот за тоа дека ЕУ ја спречила Владата да направи ветинг сметаат дека се работи можеби за по малку несреќна изјава на премиерот, иако тој не кажал ништо ново што граѓаните не го знаат околу странските мешетарења во македонските внатрешни состојби.
– Вака како што кажа премиерот произлегува дека Владата не може да ги спроведува владините политики ако ЕУ процени дека тие не се добри. Тие владини политики можеби се резултат на ветувањата дадени пред македонските гласачи, политичарите добиле мандат поради тие програми, па така, произлегува дека Владата сега одеднаш нема да ги слуша сопствените граѓани и нема да го исполни она што го ветила пред избори, туку ќе ја слуша Унијата. Тоа е манипулација на сопствениот народ. Јасно е дека ние сме го зацртале својот стратегиски интерес да бидеме дел од ЕУ и нормално е да ги усогласуваме политиките, но во никој случај тоа не треба да биде наметнување политики што се спротивни на нашите национални интереси. Мора да се испочитува суверенитетот до одредена граница. Ако слушаме сè што ќе ни кажат однадвор, тогаш зошто воопшто одиме на избори? Дај да учествуваме на европските избори и Европската комисија нека ни биде влада – додаваат соговорниците.
Според нив, можеби ветингот за што ЕУ реагирала и не е најдобриот модел за расчистувањето со проблемите во правосудството, но Брисел реагирал и за работи за кои не требало.
– ЕУ се вмеша во билатерален спор меѓу Македонија и Бугарија и ни го направи невозможен евроинтегративниот пат. Тука Брисел си зема премногу слобода, а нашата влада послушно извршуваше што ќе ѝ се каже. Тој однос не е во ред. И повторно, не е проблемот во ЕУ, проблемот е кај нашите политичари, кои прифаќаат таков однос, да слушаат што ќе им се каже без самите да констатираат дали е нешто добро или лошо за државата. Кога веќе еднаш ќе оставите таква перцепција на вазали, тогаш ќе бидете предмет на уцени постојано – сметаат соговорниците.
Поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски, пак, смета дека до таа мера се катастрофални состојбите во земјава, што едноставно е невозможно на сето тоа ЕУ да влијаела.
– Состојбите со владеењето во Македонија се толку катастрофални, што е очигледно дека ЕУ нема никакво влијание во тековите во земјата – потенцира Боцевски.
Осврнувајќи се на потенцијалните причини зошто ЕУ интервенирала да не се спроведе процесот на ветинг во Македонија, тој смета дека тоа е најверојатно да не се повторат грешките што другите земји ги направиле.
– Со состојбите околу судството во посткомунистичките земји ЕУ се расправа од 1990-тите. Сите обиди за надминување на состојбите со чистки, лустрации и ветинзи завршуваа со полоши состојби од претходното. Тоа е затоа што ваквите резови потоа водеа кон пополнување на местата со партиски кадри од владејачките партии, неколкукратно полоши од тие што биле набркани. Затоа ЕУ се противи на чистки во судството, независно колку технократско име им се дава на таквите процеси, како ветинг – констатира Боцевски.