На овој повик, заинтересираните треба да достават писмена понуда, по што ќе се оди на електронска аукција, а максималната профитна маржа што може да се понуди е сегашната – 11,5 проценти… Според некои од енергетските експерти со кои се консултиравме, очекувањата дека поголемата конкуренција ќе ја намали цената на струјата пречесто се повторуваат како ноторен факт, без да се видат емпириските податоци што зборуваат против тоа, односно кога има мал број учесници на пазарот, тогаш тие се стремат да не водат меѓусебна војна преку цените и да не ги загрозат сопствените профити. Како пример за таа состојба соговорниците го истакнуваат телекомуникацискиот пазар…
Отворање на пазарот за електрична енергија и воведување конкуренција меѓу различни понудувачи
Во јануари следната година ќе се одржи јавна расправа за новиот закон за енергетика, кој предвидува отворање на пазарот за електрична енергија и воведување конкуренција меѓу различни понудувачи. Граѓаните, поради ваквиот пристап, со нетрпение очекуваат дека во иднина ќе имаат пониски цени на струјата, како и поголем квалитет на услугата.
Разбивање на монополот со стимулирање на конкуренцијата и иновациите во енергетскиот сектор?
Според владиниот предлог, секој потрошувач ќе може да избере од кој понудувач ќе купува струја, а не само од ЕВН, која досега има монопол на пазарот. Ова би требало да стимулира конкуренција и иновации во енергетскиот сектор, како и да ги намали зависноста и ризиците од еден единствен снабдувач.
Министерот за економија Крешник Бектеши веќе најави дека на новиот повик за универзален снабдувач за снабдување со електрична ќе се бараат помали профитни маржи од компаниите што ќе конкурираат. Според него, ваквото барање ќе придонесе да се намали цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги го спроведува јавниот повик на универзален снабдувач на електрична енергија, а условот е понудувачите да имаат обезбедено работен капитал во вредност од 40 милиони евра.
Директорот на РКЕ, Марко Бислимоски, неодамна изјави дека на овој повик заинтересираните треба да достават писмена понуда, по што ќе се оди на електронска аукција, а добрата работа, според него, е што максималната профитна маржа што може да се понуди е сегашната – 11,5 проценти. Ако, пак, вели тој, достави некој над таа маржа, нема да му се разгледува понудата.
Зголемувањето на конкуренцијата да не се сфаќа дека автоматски ќе се намали цената на струјата, пример за тоа е телекомуникацискиот сектор
Универзитетскиот професорот Атанаско Тунески вели дека на јавната расправа во однос на новиот закон за енергетика што е планирана да се одржи во јануари 2024 г. треба да се донесе заклучок дали може да се очекува новиот закон за енергетика да ја зголеми конкуренцијата на пазарот на електрична енергија, а со тоа да поттикне и намалување на цената на електричната енергија.
– Во Македонија веќе постои пазар на електрична енергија и ако новиот закон за енергетика овозможи зголемување на бројот на учесници на пазарот на електрична енергија и зголемување на количествата на истргуваната струја, тогаш конкуренцијата помеѓу учесниците на пазарот на електрична енергија ќе предизвика намалување на цената на струјата – појаснува Тунески.
Според економскиот експерт Здравко Савески, енергетиката е важно прашање не само од гледна точка на животниот стандард на луѓето туку и од гледна точка на справувањето со климатската криза.
– Оттука треба да ѝ се посвети сериозно внимание на јавната расправа околу Законот за енергетика. Што се однесува до очекувањата дека поголемата конкуренција ќе ја намалела цената, пред сѐ треба да имаме предвид дека тоа тврдење пречесто се повторува како ноторен факт без да се видат емпириските податоци што зборуваат против него. Кога има мал број учесници на пазарот, тогаш тие се стремат да не водат меѓусебна војна преку цените, загрозувајќи ги сопствените профити. Добар пример за тоа е состојбата на телекомуникацискиот пазар. Цените остануваат исти дури и кога ќе влезат нови играчи. Без разлика на придружните фанфари на почетокот дека тоа ќе ја намалело цената на услугите за граѓаните – вели Савески.
Пред пет години, на 1 јули 2019 година, „ЕВН хоум“ потпиша петгодишен договор за универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Маржата за овие пет години беше 11,5 проценти.
На актуелниот јавен повик, условот е маржата да биде максимум 11,5 отсто. Тоа значи дека понудувачите ќе мора да понудат намалена маржа за снабдувачот, што на крајот ќе треба да резултира со пониски цени на електричната енергија за граѓаните.
И Министерството за економија е согласно дека со ваквиот услов на јавниот повик компаниите што ќе конкурираат ќе мора да ја намалат цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи.
Втор услов за учество на овој тендер е понудувачите да имаат работен капитал во вредност од 40 милиони евра. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги е надлежна да го спроведе овој тендер со електронска аукција, кој треба да се одржи во февруари 2024 година.