Полицијата да не ги заобиколува и да ги проверува и импровизираните тезги и продавачи на пиротехнички средства / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уште пред неколку недели екипата на „Нова Македонија“ ги обиколи пазарите, при што на Бит-пазар веќе фреквентно се продаваа разни огномети, ракети и петарди. Сега количеството што се продава е двојно, па и тројно зголемено. Се продава по кутии, од рака, се нуди по принципот „шепнување на уво“, па ако некој заинтересиран сака да купи, ќе мора да го чека продавачот за да му донесе пиротехника од „магацин“

Крајот на годината и почетокот на секоја наредна е периодот во кој значително расте еуфоријата околу пристигнувањето на Нова година и божиќните празници. Како што одминуваат деновите до Нова година, така се зголемуваат користењето и илегалната продажба на пиротехнички средства. Понудата на пазарот е веќе голема и вклучува сѐ, од петарди до разни ракети, топовски удари и огномети, за кои не само што не е докрај истражено потеклото туку е дискутабилен и самиот квалитет. Попусти се апелите на надлежните да се избегнува користењето пиротехника, а изгледа не се доволни ниту акциите на полицијата за спречување на илегалната продажба на најразлични видови пиротехнички средства.

Масовна продажба на пиротехника на пазарите

Не употребувајте петарди! Над 150.000 луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, од нив 80 отсто се деца. Бројките се загрижувачки, а сепак Бит-пазар и другите зелени пазари опасно пукаат со разна пиротехника, која слободно се продава и може да се купи како овошје и зеленчук. Кој било, возрасен или дете, може да си купи што сака од богатиот арсенал од пиротехника. А од нивната употреба секогаш имало деца што настрадале и добиле изгореници, контузии, па дури и ампутации на рацете, како и повреди на лицето. Причината најчесто е поради ненавременото фрлање на пиротехниката, која им испукала в раце. Иако во земјава пукотниците од огнометите и петардите не изостануваат ни во текот на целата година, сепак она што е забележливо во овој период е тоа што се пука неконтролирано, до тој степен што воздухот освен што мириса на загаденост, има мирис и на барут.
Уште пред неколку недели екипата на „Нова Македонија“ ги обиколи пазарите, при што на Бит-пазар веќе фреквентно се продаваа разни огномети, ракети и петарди. Сега количеството што се продава е двојно, па и тројно зголемено. Се продава по кутии, од рака, се нуди по принципот „шепнување на уво“, па ако некој заинтересиран сака да купи, ќе мора да го чека продавачот за да му донесе пиротехника од „магацин“.
Продавачите имаат интерес само да продадат и не им е важно дали купувачите се деца, кои од употребата на петардите може сериозно да настрадаат. Пиротехника се нуди и купува и на крстосниците со семафори во тој дел од градов. Иако казните се високи, продажбата е слободна и на пазарите и на сите фреквентни локации.
Инспекциски контроли нема или, пак, не ги плашат многу продавачите на пиротехника. Граѓани тврдат дека забележуваат како полицајци поминуваат покрај продавачите и не реагираат. Сликата се повторува секоја година и проблемот останува нерешен, пиротехниката влегува во земјава, а потоа и непречено се продава.
– На Бит-пазар слободно може да се купат петарди и секаква друга пиротехника. Продавачите се расположени да дадат попуст ако се купат повеќе петарди, а цената се движи од 85 до 100 денари за едно пакување. Не прашуваат кој купува, дали се деца или возрасни, деновиве им е важно да продадат што повеќе. Петарди може да се купат дури и на семафори од продавачи низ градов – вели повозрасен скопјанец.
Полицијата веќе успешно заплени пиротехника во неколку одделни случаи. На Бит-пазар беше уапсено 33-годишно лице, бидејќи на неговата импровизирана тезга било пронајдено и одземено поголемо количество разновидни пиротехнички средства. Против него ќе биде поднесена кривична пријава.
Дури 1.620 пиротехнички парчиња беа запленети и во Прилеп. Според информациите на полицијата, кај 51-годишен маж била пронајдена пиротехниката и таа била одземена, а пиротехника исто така беше одземена во Прилепско и од 25-годишно момче. Три илјади пиротехнички средства биле одземени и од 19-годишно момче од Виница.

Дури и децата од најмала возраст не се поштедени од нудење и употреба на пиротехника / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Превентива на МВР, но и репресивните мерки не треба да заостануваат

И годинава, како и изминатите години, Министерството за внатрешни работи почна со превентивна кампања, со која се апелира до граѓаните да не користат петарди.
Оттаму ја информираа јавноста дека употребата и продажбата на пиротехнички средства се опасни и казниви.
Неодамна беа реализирани низа превентивни активности првенствено фокусирани на учениците, за да се спречи употребата на пиротехнички средства во пресрет и за време на претстојните празници. Во рамките на заедничките активности на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје, „Петарди НЕ, безбедност пред сѐ“, беа посетени две тетовски општински средни училишта, „Никола Штејн“ и „Осми септември“. Лекари од оваа клиника во содејство и координација со полициски службеници од Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи во Тетово одржаа стручни предавања на кои присуствуваа ученици од вкупно 18 паралелки. На предавањата особено беше нагласен ризикот од употреба на пиротехнички средства по здравјето на луѓето, пред сѐ од повреди на рацете, очите и другите делови на телото. Покрај тоа, учениците поблиску беа запознаени и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање петарди и други пиротехнички средства. Тие беа информирани и дека продажбата и активирањето на вакви пиротехнички средства, покрај прекршочно ,може да се санкционира и со кривични пријави, во зависност од околностите и крајните последици. Вакви предавања за денеска се закажани уште во две тетовски општински средни училишта, „Кирил Пејчиновиќ“ и „Моша Пијаде“.
Превентивна активност во рамките на кампањата беше спроведена и во Штип, Берово и во Скопје, од страна на СВР Штип-ОВР Берово со учениците од средното општинско училиште „Ацо Русковски“ во Берово, како и од СВР Битола-ОВР Македонски Брод во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во селото Пласница.


Природата на повредите што се случуваат при користење пиротехника

Корисниците на пиротехнички средства се од седум до седумдесет и седумгодишна возраст. Такви резултати покажуваат истражувањата на надлежните органи. Низ улиците на главниот град може да се забележат поголеми групи дечиња како низ игра детонираат петарди или активираат помал огномет, додека од страна ги набљудуваат татковците и дедовците. Во многу случаи дури родителите ги учат децата како „правилно“ да ги пукаат петардите. За жал, има и доста голем број „инвентивни“ методи на детонирање на пиротехниката, каде што со помош на петардите и стаклените шишиња прават „бомба“, која, кога стаклото ќе се распрсне, буквално дејствува како шрапнел.
За жал, неодговорното однесување на постарите членови во семејствата честопати резултира со жртви кај младите деца, бидејќи тие воопшто не се свесни со каква опасност си играат во овој период од годината.
Според досегашната практика на лекарите, периодот пред новогодишните празници е познат по желбата за забава, изненадување, подарување, но и по големата употреба на пиротехнички материјали.
– Овие материјали се делат според активната супстанција во нив, некои од нив прават чад, гас, ослободуваат топлина, светкаат, но во исто време ослободуваат и звучни ефекти. Голема е групата, но кај нас најчесто се употребуваат петардите, прскалките, светкавците и производи што прават помал огномет. Повредите што се стекнуваат од овие производи најчесто се во пределот на двете дланки, но исто така може да има повреди и по лицето и другите делови од телото. Може да бидат од мали ранички, помали дефекти и помали и плитки изгореници, до големи повреди, со губиток на меки ткива и коски – велат лекарите.
Според нив, згрижувањето на овие повреди секогаш е хируршко.
– Нашето долгогодишно искуство покажа дека повредите најчесто се кај машкиот пол, како кај малата, така и кај големата возрасна група, околу 50 пациенти на број. Сепак, среќни сме што свеста за овие повреди во последниве години постојано се подига преку организирање кампањи и едукација на децата до 14 години, преку предавања во училиштата како дел од грижата за детското здравје – велат тие.


Законска регулатива

Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, во членот 31 е предвидена глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној што неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал или на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
Во Кривичниот законик, во членот 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што:
(1) Тој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години.
(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи што на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.

Поразорните пиротехнички средства се нудат и продаваат под рака од специјални, мобилни продавачи / Фото: „Нова Македонија“

Петардите може да ги убијат и животните

Претстои периодот кога следуваат високи децибели на детонации, кои се случуваат и во раните утрински часови и во дневните периоди наменети за одмор и во вечерните часови. Оние што на овој начин го исполнуваат своето време и се забавуваат, според многумина анкетирани граѓани, се „садисти што воопшто не размислуваат за последиците што ги предизвикуваат“.
Пиротехниката, во која спаѓаат и петардите, сериозно го нарушува и животот на животните, а особено на оние што се на улица. Кучињата може да добијат смртоносни последици како реакција на неконтролираното пукање петарди. Многу кучиња во овој период од годината добиваат не само физички повреди туку и голем стрес, страв, психички шок, доживотни трауми, а често смрт од срцев удар.
Новогодишниот период, иако е многу убав за нас, е најстресниот период за животните, особено за бездомните кучиња и мачиња.
Употребата на петарди и пиротехнички средства предизвикува не само физички повреди туку и стрес, страв, психички шок, доживотни трауми, а често и смрт од срцев удар кај животните.
– Апелираме до граѓаните да бидат општествено одговорни и да се грижиме за бездомните животни. Годинава наместо да фрлите петарда, подајте му храна на бездомно куче или маче. Граѓаните што имаат домашни миленици да не ги шетаат без поводник, бидејќи звукот ги плаши кучињата и може многу лесно да избегаат и да завршат трагично – велат од ЈП „Лајка“.
Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во членот 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној што неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.


Балкански земји што веќе се откажаа од пиротехника

Дури 44 хрватски града нема да имаат огномет за новогодишната ноќ, тој ќе биде заменети со еколошки и атрактивни светлосни сензации, со цел да се заштитат животните и животната средина од негативни последици.
Со оглед на тоа што Хрватска има 428 општини и 127 града, приклучувањето на градовите и општините кон оваа идеја е бавно, но се движи.
– Се ближи уште еден крај на годината, во кој пиротехниката може да биде смртоносна за многу животни, а за некои деца придружена со страшни повреди. Пиротехниката ги вознемирува луѓето и животните, ја загадува околината. Таа плаши, повредува, предизвикува инвалидитет кај луѓето и убива животни – предупреди Лорена Херцег од здружението „Пријатели на животните“.
Херцег посочува дека сѐ повеќе градови во Хрватска се откажуваат од организирањето огномет и на тој начин покажуваат етичка и еколошка свест, грижа за сите граѓани, децата, постарите, болните и за животните, кои директно ги спасуваат од страв.
Кон оваа идеја се приклучува и српскиот главен град Белград, од каде што информираат дека парите што би се користеле за купување огномет, ќе се наменат за здруженијата за заштита на животните.


Пиротехниката сериозно го загадува воздухот

Боите на огнометот се добиваат од хемиска мешавина, која е преполна со штетни гасови. Боите зависат од металите и металните соли што се користат за производство на огнометот и на петардите. Различни метали даваат различни бои. На пример, соли од литиум даваат розова боја, натриумот, пак, дава жолта или портокалова боја, бакарот и бариумот даваат зелена и сина боја, а калиумот дава црвена боја.
Иако нивната реакција е моментална, тешките метали, за жал, не согоруваат со експлозијата. Напротив, во контакт со воздухот, тие создаваат гасови и чад како јаглероден диоксид, јаглероден моноксид и нитроген, а сите тие се едни од главните гасови што се одговорни за климатските промени.
При експлозија, овие метали остануваат и ги загадуваат воздухот и водата. Кога се вдишуваат, може да предизвикаат сериозни краткорочни и долгорочни последици по човековото здравје, како што се повраќање и дијареја, астма, бубрежни болести и различни видови канцер.

[email protected]