Фото: Архива

Според Законот за безбедноста во сообраќајот на патиштата, полицијата е овластена да снима на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци во сообраќајот. Снимањето може да се врши и со посебни возила на МВР опремени со посебни уреди. Снимените материјали се чуваат во полиција шест месеци, по што се уништуваат, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка

ЛАЖНИ И НЕПРОВЕРЕНИ ИНФОРМАЦИИ СЕ ШИРАТ КАКО ЕПИДЕМИЈА ВО ЈАВНОСТА

Изминатите неколку дена, лавина од лажни вести ги преплави социјалните мрежи и медиумите. Темата беа новопоставените камери на скопските булевари и крстосници, за кои, некои граѓани, од само за нив познати причини одговорно тврдеа од „сигурни“ извори дека се веќе ставени во функција и дека наголемо ги фотографираат и снимаат сообраќајниците, вклучувајќи ги и прекршоците на возачите, по што казни ќе им пристигнат на домашна адреса на прекршителите. И како што бидува и за сѐ друго, така и оваа (дез)информација доби епидемиски размери. Истата таа беше споделувана на социјалните мрежи, граѓаните веќе наголемо почнаа да негодуваат, а и голем број медиуми ја објавија истата информација. И сето тоа крајно непотребно. Наместо да ги почекаат точните информации од институциите, сите влегоа во функција на уште поголемо распространување на само една непроверена вест.
За да ја добиеме точната информација, „Нова Македонија“ едноставно се обрати до надлежните, во случајот Министерството за внатрешни работи, кое всушност и е надлежно за камерите што се дел од проектот „Безбеден град“.

ЛАВИНА ОД ЛАЖНИ „ПРОВЕРЕНИ“ ИНФОРМАЦИИ

Веста со која особено се испаничија недисциплинираните учесници во сообраќајот, кои рака на срце ги има и отповеќе, одекна како бомба:
„Важно! Низ цел град се поставени камери (на булевари и крстосници). Казнуваат за брзо возење и за поминување на црвено и жолто светло. Со слика на домашна адреса стигнува казната. За кола на фирма се плаќа дупло. Ова од денес официјално функционира. Смее максимум 5 да се вози повеќе од дозволеното“.
Иако сосема неразбирливи се причините за паниката што се создаде, бидејќи камери одамна има, а првичната намена им беше токму таа – санкционирање на неодговорното сообраќајно однесување, па затоа крајно нејасно е зошто се крена толку голема фама бидејќи камерите се само гаранција дека почитувањето на сообраќајните закони ќе биде спроведено и во практика.
Лажната информација беше можеби една од најсподелуваните вести на социјалните мрежи, а сепак, за неа немаше апсолутно никаква потврда.
Повторно се потврдува фактот дека кај нас многу е лесно да се прошири некаква информација. За тоа доволно е да се има само налог на некоја социјална мрежа и да се напише дека се има сигурен извор. И толку. Потоа она што требало да биде споделено само на социјални мрежи станува тема од национален интерес, без притоа да биде проверена дали е точна.
Со оглед на тоа што информација од овој калибар многу лесно се проверува и потребно е само да се обратите кај оние во чија надлежност е, се обративме до Министерството за внатрешни работи, каде што многу лесно успеавме да ја провериме вистинитоста на информацијата. Всушност, МВР е и институцијата што е носител на овој проект, од каде што целосно ги демантираа информациите пласирани во јавноста.
– Новите камери што се поставуваат во Скопје се во рамките на проектот „Безбеден град“ и откако ќе бидат поставени, ќе се користат за документирање на сообраќајните прекршоци. Камерите сѐ уште не се во функција. По завршувањето на сите потребни активности околу овој проект соодветно ќе ја известиме јавноста – истакнаа од МВР.

КАМЕРИТЕ СЕ ТУКА ПОВЕЌЕ ОД ДЕСЕТ ГОДИНИ

Инаку, камери на скопските крстосници се поставени уште во 2010 година, кога всушност и почна да се имплементира проектот „Безбеден град“.
Тогаш беа поставени над 100 камери на најфреквентните места, на влезот и излезот од Скопје, на крстосниците, булеварите, мостовите и улиците, кои се оптоварени со сообраќај, а целта беше да снимаат сообраќајќи, инциденти, прекршоци, а првенствено намената беше да ги ловат сообраќајните прекршоци, за кои и тогаш на домашна адреса беа испратени неколку предупредувања. Поставени беа камери што снимаа само од една позиција, а имаше и такви што снимаа во сите насоки, 24 часа на ден.
Првата фаза од проектот беше спроведена во 2009 година, кога камерите беа набавени. Потоа требаше да се набави софтвер со кој тие не само што ќе се стават во функција туку и ќе се поврзат во единствен систем. Проектот беше одложен, а од МВР тврдеа дека процесот е во застој поради економската криза.
Електронското набљудување, како што тогаш беше пласирано во јавноста, се врши во оперативниот центар на МВР. Таму се собираат сите податоци, на пример, во случај на сообраќајка и за истата таа тие обезбедуваат видеозапис и фотографија.
Уште тогаш од МВР истакнаа дека не само што при сообраќајќи ќе се види кој е виновникот туку и навремено ќе може да се алармира итната медицинска помош, а со нивна помош требаше да се решава и сообраќајниот хаос во Скопје, односно одредување на најпрометните делови и штелување на семафорите за побрз проток на возила.
Според Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, полицијата е овластена да снима на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци во сообраќајот. Снимањето може да се врши и со посебни возила на МВР опремени со посебни уреди. Снимените материјали се чуваат во полиција шест месеци, по што се уништуваат, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка.

ШТО ВЕЛАТ ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЗАЧИ, КАКВО Е ИСКУСТВОТО ВО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ

Сепак, некои од граѓаните, или барем оние поискусните велат дека пред да почнат камерите да регистрираат сообраќајни прекршоци, потребно е граѓаните да бидат и официјално известени за нив, пред камерите да има соодветно предупредување.
– Во сите земји, еве, нема да ги споменам европските, туку на Балканот, каде што има вакви камери, пред нив има знак што ги информира возачите дека на тој дел од улицата има камери што го регистрираат секој прекршок од страна на возачите. Така е во Србија, Грција, Хрватска, Црна Гора, Албанија и во Бугарија. Натписи со предупредување има и на патарините при влезот во градовите, со што возачите се информираат дека ќе бидат снимени. Знаете, не е само удри со репресивните мерки. Ред е и да бидат граѓаните соодветно информирани пред да се стават во функција. Кога ќе знаат дека ќе бидат удрени по џебот, сигурен сум дека ќе внимаваат повеќе. Не е само да ги фатите и да им пишете казна. Тоа е најлесно – вели Бојан Димовски, професионален возач што вози низ Балканот.