И османлиската држава започнала да спроведува мерки за да ја заузда инфлацијата. Имено, властите во османлиската држава најпрвин започнале да го фиксираат курсот како одговор на притисокот за депресијација на парите, а втората мерка што ја презеле властите била издавање официјални листи во кои се одредувале плафони на цените што не смееле да се надминат. Речиси исто како денешната политика што се спроведува во Македонија…
Историски поглед кон методот на замрзнување на цените (price ceiling) во услови на висока инфлација
Денеска и утре на страниците на нашиот весник ви претставуваме два исклучително интересни текста – две споредбени анализи на авторот и наш соработник Дамјaн Бужаровски. Тој е магистранд по монетарна економија, финансии и банкарство на Економски факултет – Скопје и магистранд на Институтот за историја, Филозофски факултет – Скопје. Првиот текст ѝ е помалку или повеќе познат токму на нашата читателска публика и се однесува на споредбено истражување за платите и стандардот на наставниците во османлиско време и денес. Во компаративната анализа што ја реобјавуваме денеска авторот презентира издржани аргументи кон заклучокот дека „наставниците во османска Турција добивале повисоки плати во споредба со денес“! Вториот материјал на авторот Бужаровски, исто така низ една споредбена историска опсервација, се однесува на методот на замрзнување на цените (price ceiling) во услови на висока инфлација, при што авторот дава свое видување и заклучоци за успешноста или неуспешноста од методот на т.н. замрзнување на цените во османлиска Македонија. Авторските текстови се исклучително интересни за нашата читателска публика, а ќе бидат и интересен предмет за анализа од страна на економските експерти. Во секој случај, редакцијата на „Нова Македонија“ ги поттикнува и охрабрува младите и амбициозни интелектуалци за нивно учество и придонес кон општествените текови, развој и прогрес на Македонија.
Во некои современи економии во услови на инфлација сме сведоци на примена на т.н. плафони на цените (price ceiling), кај нас познато и како замрзнување на цените, политика со која цените не смеат да ги надминат плафоните поставени од економските власти. Оваа политика се применува и во нашата држава и често слушаме дека се замрзнуваат цените на основните продукти што се доминантни производи за консумирање. Ваквата практика е спротивна на пазарната економија во која цените се формираат преку понудата и побарувачката на добрата. Меѓутоа што се случувало во минатото? Дали бил применуван методот на замрзнување на цените во услови на висока инфлација и какви резултати дал? Во продолжение, за да одговориме на овие прашања, ќе го разгледаме случајот на османлиска Македонија кон крајот на XVI век и во XVII век, која во тој период се наоѓала во услови на висока инфлација, како и мерките што ги преземале османлиските власти за да ја стабилизираат ситуацијата. Многу е интересно што тие мерки многу личат на денешните. Разликата е во тоа што во османлискиот период во Македонија преовладувал феудализам, но и покрај тоа османлиските власти биле поприлично флексибилни во поглед на водењето на економската политика.
Почнувајќи од крајот на XVI век, не само османлиска Македонија туку и воопшто Османлиската Империја започнала да се соочува со висока инфлација. Околу самите причини за инфлацијата во науката сè уште се водат големи дебати за тоа што точно ја предизвикало инфлацијата. Дали тоа биле обезвреднувањата на парите спроведени во државата започнувајќи од 1580-тите години; дали таа била „увезена“ односно се пренела од Западна Европа, која во тој период се соочила со т.н. револуција на цените, или пак била предизвикана од брзината на циркулацијата на пари во оптек, порастот на населението и сл. Гледано од денешна перспектива, очевидно сите овие фактори се надоврзале и предизвикале еден од најголемите бранови на инфлација во историјата на Османлиската Империја воопшто.
Индексот на потрошувачки цени во Османлиската Империја растел брзо по 1585 година. Само за периодот од 1585 до 1590 година цените во Истанбул пораснале за 82,87 отсто, а од 1585 до 1604 година ценовниот индекс пораснал за 195,5 отсто. Доколку споредиме со периодот пред 1585 година, ценовниот индекс за периодот од 1528 до 1585 година пораснал за само 24,82 отсто, односно за многу поголем период од 57 години индексот пораснал многу помалку.
Од инфлацијата била зафатена и османлиска Македонија. Еден Евреин од Солун, кој живеел во тој период, за настанатата ситуација изјавил дека продавниците станале многу поскапи. Од друга страна, во 1622 година месните ајани (првенци) во Битола се жалеле пред судот дека во нивниот крај имало голем глад и скапотија. Цената на житото во османлиска Македонија во 1609 година во споредба со 1533 година пораснала за околу 300 отсто. Меѓутоа цената била релативно стабилна сè до крајот на XVI век. Порастот на цените започнал токму кон крајот на XVI век. Така, цената на житото за само две години, од 1607 година до 1609 година, пораснала за 66,66 отсто. За жал, нема доволно податоци за да видиме уште колку растел ценовниот индекс. Сепак, имајќи ги предвид жалбите од жителите во османлиска Македонија, како и порастот на цените во другите делови од Империјата и податоците за престолнината Истанбул, секако дека порастот на цените не бил мал. Дополнително, имајќи предвид дека житата особено во овој период биле еден од основните продукти за прехрана, бидејќи од нив потоа се добивало брашно, инфлацијата тешко го погодила населението во османлиска Македонија.
Османлиската држава започнала да спроведува мерки за да ја заузда инфлацијата. Имено, властите во османлиската држава започнале да го фиксираат курсот како одговор на притисокот за депресијација на парите.
Втората мерка што ја презеле властите била издавање официјални листи во кои се одредувале плафони на цените што не смееле да се надминат, речиси исто како денешната политика што се спроведува во Македонија. Сепак, таа политика на замрзнување на цените воопшто не го дала посакуваниот резултат. Со цел да се почитуваат мерките, луѓето што не продавале по нормираните цени биле изведувани пред суд, па дури и за продажба и на мали количества од некој производ. Така, во јули/август 1641 година, четворица бакали од Битола биле повикани пред суд поради непродавање лук по нормирана цена. Истата година пред суд бил изведен и Халил Натабак, кој на пазарот продавал извесно количество краставици, лук и тикви и му било пресудено доколку не продава по нормираните цени во иднина, производите да му се конфискуваат. Меѓутоа ваквите вештачки обиди на државата да влијае на пазарот биле неуспешни и ситуацијата не се стабилизирала. Во еден запис напишан помеѓу 1690 и 1691 година, а кој се однесува на османлиска Македонија, е наведено дека „тогаш беше тешко зло и скапотија“, од што се гледа дека инфлацијата продолжила.
И покрај строгите мерки што биле преземани од државата со замрзнување на цените, инфлацијата не била зауздана. Цените и понатаму растеле и властите не можеле да се спротивстават на пазарот со таа погрешна економска политика. Покрај тоа, како резултат на големата инфлација, растела сиромаштијата, даноците, населението било принудувано да се задолжува, најчесто во документите среќаваме цели села што се задолжувале за да ги намират основните потреби, растело фалсификувањето на парите, корупцијата и сл. Како резултат, пак, на задолженоста започнало и раселување на жителите од некои села. Со еден збор, стандардот на населението драстично опаѓал, а османлиска Македонија се наоѓала во една крајно лоша економско-социјална положба. Дури кон крајот на XVII век инфлацијата во османлиска Македонија се стабилизирала, но тоа не било како резултат на политиката за замрзнување на цените. Ова ни говори дека политиката на замрзнување цени се покажала како крајно неуспешна, а доколку доволно добро се познава економската историја, таа не би била повторно применувана, со цел да не се повторуваат грешките од минатото. На краток рок можеби ќе изгледа дека ситуацијата се подобрува, но на долг рок не може да се оди против силите на пазарот и ситуацијата, наместо да се подобри, само може уште повеќе да се влоши. Оттука, наместо административни мерки како политика на замрзнување на цените, треба да се користат добропознати економски инструменти за стабилизирање на инфлацијата.
Дамјaн Бужаровски, магистранд по монетарна економија, финансии и банкарство на Економски факултет – Скопје и магистранд на Институтот за историја, Филозофски факултет – Скопје