Свечена академија во МАНУ: 98 години од печатењето на „Абецедарот“ во Грција наменет за учениците Македонци
На свечената академија во МАНУ, по повод чествувањето на 98-та годишнина од печатењето на овој буквар во Грција, со наслов „Абецедар“, наменет за учениците Македонци, историчарката Виолета Ачковска искажа неколку фундаментални историски вистини, кои веќе близу еден век, хегемонистичките политики на соседните центри на моќ се обидуваат да ги релативизираат, заташкаат или ретушираат.
Како што нагласи професорката Ачковска, политиката на соседите за негирање на македонскиот идентитет, како денес така и во минатото, се вмешала во добрите намери на Друштвото на народите од Женева, кое ѝ наложило на грчката влада во училиштата да се учи и на македонски јазик.
Уште во Друштвото на народите кога се водела дебата околу самиот „Абецедар“, бугарскиот претставник се расправал со грчкиот претставник Василис Дендрамис дека тој буквар е неразбирлив за бугарските деца и за Бугарите. Тогаш Дендрамис му одговорил дека се работи за многу различен јазик што не е ниту бугарски, ниту грчки. И тоа е најважниот елемент околу тој „Абецедар“, бидејќи никогаш не стапил во сила, истакна историчарката Виолета Ачковска.
– Напишан со приспособена латинска азбука на прилепско-битолско-лерински говор, со примеси на југозападните наречја и со нагласен фонетски правопис, „Абецедарот“, испечатен во Атина во 1925 г., и наменет за учениците Македонци во Егејска Македонија, никогаш не почнал да се употребува – истакна во своето излагање историчарката Виолета Ачковска.
Она што особено беше потенцирано на академијата е фактот дека зад „Абецедарот“ стојат тројца автори, а ќе биде потребно дополнително истражување за да се открие нивната етничка припадност, зашто дијалектната база врз која го пишувале букварот се совпаѓа со онаа на Мисирков од книгата „За македонцките работи“. Како што истакнаа претставниците на Институтот за македонски јазик, многу малку се знае за тие луѓе, дали се Грци по род или се Македонци, дали се Грци по род билингвални, кои го знаеле веројатно и македонскиот јазик.
– Исто така, едно од прашањата што го поставувам е дали тие го знаеле делото на Крсте Мисирков од 1903 година, затоа што одбирајќи ја дијалектната база врз која е направен „Абецедарот“, таа всушност се совпаѓа со онаа за која се определил Мисирков, а која не е неговиот роден говор од Ениџе-вардарско – рече Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. К.Р.