Незадоволството од квалитетот на животот во Бугарија, по повеќе од 15 години членство во Унијата, е опомена за Македонија дека подобро е да се фокусира на коренити реформи и на исполнување на копенхашките критериуми заради себе и доброто на своите граѓани, наместо да чека состојбите сами од себе да се подобрат по приемот во ЕУ. Повеќе од јасно е дека, гледајќи го бугарскиот пример, нема да се случи тоа
Истражување на Евростат покажува дека некои работи зависат исклучиво од реформските капацитети на секоja држава
Членството во Европската Унија само по себе нема да го подобри животот на граѓаните ако претходно државата не ги спроведе потребните реформи, особено во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата.
Токму тие две работи се клучниот фактор што влијае дали една држава ќе стане попристојно место за живеење, а не дали таа е членка на Европската Унија или на некоја друга асоцијација или сојуз. Искуствата на земјите што со политичка одлука станале дел од Унијата, без претходно да ги спроведат потребните реформи, говорат дека многу поважна е суштината, а не формата. Нивните граѓани и натаму живеат лошо и не се задоволни од состојбите во сопствената земја, а европскиот пасош им овозможува полесно да се иселат и среќата да ја побараат на друго место.
Податоците од годишното истражување за индикаторите за квалитет на животот на Евростат покажуваат дека Бугарија е држава од Европската Унија со најмалку среќни или задоволни луѓе. Евростат објави дека граѓаните на ЕУ проценуваат дека се задоволни од квалитетот на животот, а просечната оценка е 7,1. Бугарија е единствената земја од ЕУ со оценка под шест.
Бугарија и Романија беа двете земји што влегоа во ЕУ во 2007 година со политичка одлука, без спроведени реформи и со многу системски слабости, кои сега излегуваат на површина.
Несомнено, примерот со Бугарија и Романија влијаеше врз општата перцепција на европските граѓани во врска со процесот на проширување, поради што од година на година расте отпорот кон примањето нови членки, особено кога станува збор за земјите од Западен Балкан.
Затоа официјален Брисел повеќе се посветува на градење поблиско партнерство со сите земји кандидати, инсистирајќи целосно да си ја завршат домашната задача, односно да ги спроведат реформите, пред воопшто да стане збор за какво било проширување.
Незадоволството од квалитетот на животот во Бугарија, по повеќе од 15 години членство во Унијата, е опомена за Македонија дека подобро е да се фокусира на коренити реформи и на исполнување на копенхашките критериуми заради себе и доброто на своите граѓани, наместо да чека состојбите сами од себе да се подобрат по приемот во ЕУ. Повеќе од јасно е дека, гледајќи го бугарскиот пример, нема да се случи тоа.
– Очигледно самото членство во ЕУ не ги прави граѓаните среќни и задоволни, туку тоа го прави функционалната држава. Ако имаме владеење на правото, ако нема широкораспространета корупција, особено не во високите ешалони на власта, ако имаме ефикасна и мала администрација, ако се изгради квалитетна инфраструктура, добри патишта, водоводи, добар здравствен систем, квалитетно образование, чиста животна средина, независен енергетски систем, кој не би бил задоволен од животот во Македонија? Па, верувам дека ако сами го постигнеме тоа, никој нема да се заморува дали сме дел или не од ЕУ. Гарантирам дека ниту некој ќе се сели оттука, туку многу повеќе ќе сакаат да доаѓаат, па дури и од некои земји што сега се членки на Унијата. Истражувањата потврдуваат дека работите зависат исклучиво од нас, ако сакаме да ги подобриме, можеме, а ако не, тогаш ни ЕУ нема да ни помогне – посочуваат соговорниците што го прокоментираа истражувањето на Евростат во врска со квалитетот на животот во земјите членки на Унијата.