Фото: ЕПА

Од 7 октомври, светот ја следи жестоката војна меѓу Израел и Хамас, која однесе повеќе од 15.000 животи за два месеца. Кој е коренот на оваа жестокост, дури и отворена омраза? Која е нејзината причина и што би можел да значи овој конфликт за идните односи во областа? Историчарот и новинар на ХРТ, Дарио Шпелиќ, за хрватскиот портал „Индекс“ детално ја објасни историјата на израелско-арапскиот конфликт, а се осврна и на религиозните прашања. Разговаравме и за актуелниот конфликт и неговите импликации за целиот свет

Фељтон: Зошто Израелците и Палестинците се мразат толку многу? (4)

Тој забележува дека сите овие земји би сакале да го видат Хамас отсечен во овој конфликт, но во исто време обрнуваат внимание и на страдањата на палестинскиот народ во конфликтот.
– Не ја гледаме жестоката реакција на соседните арапски земји на инвазијата на Газа, нема жестока осуда, нема потег што вели дека е доста. Единственото нешто што го гледаме е Катар како посредник во преговорите за примирје, но таму е центарот на Хамас и Катар, веројатно, е најголемиот финансиер на Хамас. Другите засега гледаат од страна.
Долго време ова не е само прашање на конфликт меѓу Израел и Палестина туку и на други земји. Во Студената војна, САД и СССР играа важна улога на Блискиот Исток, сега пред сѐ САД, односно Кина сѐ повеќе влегува во тој конфликт. Кина работеше дипломатски за да ги зближи Саудиска Арабија и Иран. Малку е веројатно дека Саудиска Арабија би склучила договор со Иран доколку Иран продолжи да ги финансира милитантните исламистички организации, кои би сакале да го видат падот на владетелот на Саудиска Арабија.
Веројатно крајот на војната ќе дојде кога ќе има договор што ќе биде договорен надвор од Израел и Газа, веројатно од овие арапски земји што во моментов гледаат што се случува во Газа и со посредство на САД – објасни тој.

Доаѓа багажот на антисемитизмот

Разговорот го започнавме со антисемитизмот, односно со погромот на Евреите што се преселиле во Палестина. Шпелиќ се надоврза на изјавата дека антисемитизмот повторно експлодира во Европа по овој конфликт.
– Антисемитизмот е присутен во Европа уште од раниот среден век, постои и денес. Антисемитизмот би можеле да го проследиме во Римската Империја. Не треба многу за да излезе на површина. Денес не е како во 1920-тите и 1930-тите години на минатиот век или кога Французите со аферата „Драјфус“ викаа дека Евреите треба да се убијат, но тоа постои и дополнително беше поттикнато од ситуацијата во Газа.
Покрај овој конфликт, имаме воени операции во градот, урбаните борби нужно значат и цивилни жртви. Не можете да водите урбана борба без цивилни жртви, а за тоа придонесува силата на израелските операции во Газа и фактот што Хамас длабоко се зацврсти.
Овие жртви на цивили предизвикуваат жестоки реакции, а со нив доаѓа и багажот на антисемитизмот. Ова не значи дека сите оние што протестираат против нападот на Газа се антисемити, но во овие протести против војната во Газа и страдањето на цивилите избувнува и антисемитизмот, како што предупреди веројатно најважниот филозоф на денешницата, Јирген Хабермас – вели тој.
– Никој не може да ја доведе во прашање потребата да се ограничи бројот на цивилни жртви во Газа, да се бара политичко решение за израелско-палестинскиот конфликт, дека е време да се реши палестинскиот проблем со создавање палестинска држава. Тоа никој не може да го доведе во прашање. Во исто време се буди она што го мачеше европскиот континент и сè уште го мачи, а тоа е антисемитизмот.
Не мислам дека сите што протестираат се антисемитисти, но некои од нив сметаат дека Евреите не треба да имаат право на своја држава. Ако ја застапувате Палестина од реката до морето, тогаш во неа нема место за државата Израел. За слична работа се залагаат и религиозните радикали во Израел, а тие го сакаат Израел од реката Јордан до Медитеранот. Меѓутоа, во тоа нивно залагање нема место за палестинска држава. Ваквите ставови поттикнуваат екстремизам. Антисемитизмот во Европа не е нешто ново и тој се обидува да ги искористи овие протести против израелските воени операции во Газа – заклучи Шпелиќ.

Понекогаш мислиш дека знаеш нешто, за неколку дена излегува дека ништо не знаеш

Конечно, тој додава дека има „одрекување“, односно ограда.
– Пред нападот на 7 октомври, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, кој целиот свој работен век го помина работејќи со водечки луѓе во американската надворешна политика и сега е клучен советник на претседателот Џозеф Бајден, напиша во статија за „Форин аферс“, најпочитуваното американско списание за надворешна политика, дека Блискиот Исток не бил помирен со децении. Написот беше насловен „Изворите на американската моќ“.
Помалку од една недела по објавувањето на тој напис, Хамас го изврши најкрвавиот напад во историјата. Работа на Саливан е да знае што се случува на Блискиот Исток, тој секојдневно добива информации од американската разузнавачка заедница за тоа што се случува во тој дел од светот. Но дури и тој не можеше да предвиди што следува и му требаше малку време за да докаже дека не е во право. Така, го водам сега муабетов, а утре или задутре можеби целото интервју е застарено.
Блискиот Исток е дел од светот со многу сложени политички односи, свет во кој одредена улога игра и религијата, а со тоа се поврзани и интересите на другите земји. Само да речеме дека тоа е еден од најнасилните и најнепредвидливи делови на светот.
Британскиот разузнавач Марк Ален го објасни разбирањето на политиката на Блискиот Исток на следниот начин: „Тоа е како да играш тридимензионален шах под вода, при што сите фигури се движат во исто време“. Многупати кога мислите дека знаете нешто за тој дел од светот, за два-три дена излегува дека воопшто не сте знаеле ништо – објаснува за „Индекс“ историчарот и новинар Дарио Шпелиќ.

(Крај)