Меѓу студентите што завршија на овој факултет имаше повеќе европски прваци. Спортот е жива материја и секако дека од присутните гости ќе слушнеме нови сознанија на оваа интересна тема, односно поврзаноста на спортот и безбедноста, рече во својот воведен дел деканот на Факултетот за безбедност во Скопје, Никола Дујовски

НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО СКОПЈЕ

На Факултетот за безбедност во Скопје се одржа трибината „Безбедноста и спортот“, водена од професорката Марина Малиш-Саздовска, на која присуствуваа четворица студенти од првата генерација на овој факултет што дипломирале пред 15 година, кои, пак, дадоа свое видување колку спортот им помогнал во работата.
– Меѓу студентите што завршија на овој факултет имаше повеќе европски прваци. Спортот е жива материја и секако дека од присутните гости ќе слушнеме нови сознанија на оваа интересна тема, односно поврзаноста на спортот и безбедноста – рече во својот воведен дел деканот на Факултетот за безбедност во Скопје, Никола Дујовски.
На трибината имаше и две линковски вклучувања, едно од САД, другото од Словенија, а присуствуваа и многу сегашни студенти на факултетот.
– Спортот позитивно влијае врз човековото тело и менталната подготвеност. Мене џудото многу ми помага во работата. Во содејство со дисциплината, како темелна вредност во нашите тренажни процеси во МВР, спортот ни овозможува целосно и успешно да ги извршуваме поставените задачи. Генерално гледано има многу службеници спортисти, кои се екипирани во тековните активности, а спортот многу им помага во нивното извршување – рече Александар Димитријоски, кој зад себе има 20-годишно натпреварувачко искуство како долгогодишен репрезентативец, освојувач на многу медали, тренер е од 2010 година и активно држи обуки по џудо веќе 13 години.
На трибината говореше и м-р Ивана Пројковска, фудбалска судијка.
– Годинава славам 20 години како судам фудбалски натпревари. Судењето на терен е тешко, особено ако се има големи амбиции, а моите амбиции се големи оти судам и на машки натпревари во Европа, што, пак, значи дека треба да исполнам машки норми, кои се потешки од женските, како на пример, полагам од четири до шест теста годишно, имаме два главни семинара, фитнес-тестови, спринтови, правила на играта итн. Не е лесно, но ако се сака сѐ може да се постигне. Ако си физички подготвен, тогаш и психолошки полесно се справуваш на теренот.

Завршувањето на полициската академија многу ми помага, на пример, при начинот на препознавање на проблематичните играчи, претходните подготовки за тоа кои имаат жолти картони, собираме податоци за играчите и слично. Но, сепак, сите играчи ние ги гледаме како дрес со број, а не кои имиња – вели Пројковска, една од најдобрите 20 судијки во Европа, добитничка на наградата 13 Ноември од Сојузот на спортови на Скопје…
М-р Ивица Јанев е повеќекратен шампион во бодибилдинг.
– По 15 години, убаво е пак со голема љубов и емоции да се биде на истиот факултет и во истиот амфитеатар каде што си студирал. Бодибилдингот е многу напорен, но неблагодарен спорт, но е клуч на секој спорт, оти без него, без кревањето тегови, на пример, нема спорт, кој, пак, претставува насока за здрав живот. Сега сум преориентиран кон нутриционизмот и настојувам луѓето што полесно да ги надминат физички и психолошките проблеми во текот на животот – рече Јанев, кој дипломирал и магистрирал на Факултетот за безбедност, а потоа своите студии ги продолжи во САД, но во еден сосема поинаков правец, нутриционизам и персонален тренинг, психологија и обука за стил на живот.
Јасир Алиу е државен шампион и репрезентативец на Македонија во џудо.
– Психолошкиот дел од џудото одигра пресудна улога во мојот живот. Рано го засакав овој спорт и уште од второ-трето одделение бев редовен на натпреварите. Сфатив дека само со дисциплина, со работа, но и со поголем напор сѐ се постигнува, а тоа беше пресудно да се одлучам да студирам криминалистика. Младите вака треба да го трасираат својот пат, а спортот е успешен ако се сака здрав живот. Спортот и професиите од безбедносна природа на идеален начин меѓусебно се синхронизираат и се дополнуваат – рече Алиу, кој, исто така, дипломирал со првата генерација на овој факултет, а од 2010 е вработен во АНБ. Г.И.