Предизвиците на Македонија пред и по самитот на ЕУ
Во целата претсамитска реторика од ЕУ, во која приоритетно сите што земаат збор се насочени кон сопствените предизвици и интереси, за Македонија и понатаму од најголем интерес е – какви се реалните перспективи за проширувањето на Унијата, по претстојниот самит на ЕУ, неделава? Имајќи го предвид најавеното „вето“ на Унгарија за Украина, за која се смета дека е „мотив за нов замаец за проширувањето“, кој треба да го искористат и земјите од Западен Балкан, предизвикот со кој треба да се справува Македонија е како да се постави во однос на „своите вета“, односно „добронамерните совети“ за спроведување на уставните измени, за наводно да се фати возот за членство во ЕУ до 2030 година?
Малинка Ристовска–Јорданова, компетентна експертка со долгогодишно искуство за процесите во ЕУ и македонските евроинтеграции, проценува дека иако е добро да се инсистира на датуми, 2030 не е реална година за проширувањето, а особено не ако македонската аргументација за тоа не се потпира на направените реформи. Во моментов, уставните измени не се најактуелната тема на евроинтеграцискиот пат. Многу побитно станува прашањето како ќе се постави Македонија по изборите – и наши и во ЕУ!
– Главно прашање на претстојниот Европски совет ќе биде дали ќе се донесе политичката одлука за почеток на преговорите со Украина и Молдавија, но и одлуката за големата финансиска помош. Допрва ќе се види дали најавената блокада на Унгарија ќе „омекне“ со ослободувањето на замрзнатите средства од Унијата за Унгарија. Дури и независно од тоа, оваа политичка одлука за почнување на преговорите, а и другите чекори што треба да следуваат нема воопшто да бидат лесни. Сите држави членки се согласни дека патот ќе биде долг, а дискусијата како ќе се апсорбираат новите кандидати, или другата страна на медалот – дискусијата за реформите во ЕУ, е на самиот почеток.
Ако новата геополитичка ситуација даде поттик за проширувањето, што се смета за поволно и за Западен Балкан, таа дополнително ќе го усложни самиот процес, поради поголемите последици за интеграцискиот капацитет за Унијата. Покрај тоа, сега фокусот е ставен на Украина, а Западен Балкан, наместо да се издвои, сега е „влеан“ во новата група. Не се очекува ова да се смени на самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи пред Европскиот совет. Таму не се очекуваат најави за 2030, ниту каков било друг датум, туку клучни ќе бидат прашањата на усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика и владеењето на правото.
Во секој случај, иако е добро да се инсистира на датуми, 2030 не е реална година за проширувањето, а особено не ако македонската аргументација за тоа не се потпира на направените реформи. Во моментов, уставните измени не се најактуелната тема на евроинтеграцискиот пат. Многу побитно станува прашањето како ќе се постави Македонија по изборите – и наши и во ЕУ. Сега е најприоритетно да се запрат ретроградниот процес и назадувањето во реформите. Реформите се актуелни и во време на подготовка и спроведување на изборите. По изборите, врвен приоритет ќе биде да се изгради стратегиски пристап кон евроинтеграцискиот процес – вели Малинка Ристовска–Јорданова.