Во поглед на перспективите за идните проширувања на ЕУ, белгискиот премиер Александар де Кро, како иден претседавач на ЕУ, сепак настапи со внимателен наратив. Приоритет е Унијата да се реформира, да се ревидираат нејзините политики, нејзините буџети, институции…, а потоа да се фрли поглед на можното идно проширување на Унијата на исток и со Западен Балкан на југоисток…
Во пресрет на самитот на ЕУ
Во Брисел веќе е забревтана работната атмосфера за одржувањето на самитот на Советот на ЕУ, на 14 и 15 декември, што практично значи крај на шпанското претседателство и најава дека Белгија од јануари го презема кормилото на претседателството со Советот, а во јули ќе ја наследи Будимпешта. На 8 декември, белгискиот премиер Александар де Кро и министерката за надворешни работи Хаџа Лахбиб ја најавија програмата на нивната земја за претседавање со Советот на ЕУ во првата половина на 2024 година. Институционалните реформи, конкурентноста и заштитата на европскиот начин на живот се во суштината на белгиската програма, која ќе се обидат да ја спроведат до април 2024 г., бидејќи тогаш завршува мандатот на Европската комисија и на парламентот пред претстојните европски избори во јуни. Иако се свесни дека белгискиот семестар ќе биде силно погоден од институционалната транзиција на која треба да се посвети ЕУ, Брисел си има поставено цел да се обиде да затвори колку што е можно повеќе од 150-те отворени правни досиеја, пред завршната седница на парламентарното собрание.
Сè уште се отворени околу 150 правни досиеја и претседателството ќе се обиде да затвори што е можно повеќе пред крајот на април кога ќе заврши седницата на Собранието.
Прослава за „големата експлозија“ од 2004 г., но внимателен наратив за идните проширувања
Белгискиот премиер Де Кро рече дека претседателството „ќе им даде приоритет на внатрешните реформи, кои се неопходни за одржување функционална унија и за да може решително да дејствува во интерес на нашите Европејци и реформи“. Додека министерката за надворешни работи на Белгија најави дека на 19 април е планиран „самитот за проширување“ за да се прослави 20-годишнината од проширувањето со „големата експлозија“ во 2004 година, кога на Унијата ѝ се приклучија десет нови земји: Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија.
Но во поглед на перспективите за идните проширувања на ЕУ, Де Кро сепак настапи со внимателен наратив дека „ние ќе мора да ги реформираме Унијата, нејзините политики, нејзините буџети, институции, во поглед на можното идно проширување на блокот на исток и со Западен Балкан на југоисток“. Тој, сепак, инсистираше на тоа дека дискусијата нема да се фокусира на едногласното гласање и проширување на употребата на гласање со квалификувано мнозинство (иако Белгија ја поддржува таа идеја) или на идниот состав на Колеџот на комесари.
Мислам дека има чекори што се помалку конфликтни и се знае дека напредуваат. За нас се работи за тоа како можеме да имаме ЕУ што одлучува на побрз начин и го одржува единството – изјави белгискиот премиер.
Што очекува ЕУ итно од Западен Балкан?
Еден ден пред официјалниот состанок на Советот на ЕУ, на 13 декември ќе се одржи и „традиционалниот“ состанок ЕУ – Западен Балкан. Веќе е подготвен и текстот на декларацијата од тој состанок, со кој треба да се согласат земјите кандидати. Во нацрт-декларацијата што треба да се усвои на крајот на самитот се наведува дека усогласувањето со политиките на ЕУ е јасен знак за стратегиската ориентација на партнерите, сега повеќе од кога било, во контекст на руската агресивна војна против Украина и другите безбедносни предизвици. Во декларацијата ќе се пофалат земјите од Западен Балкан што веќе ја покажуваат својата стратегиска определба со целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и ќе се охрабрат „оние што сè уште не го сториле тоа“ да го следат нивниот пример. Посебен дел во завршната декларација се однесува на процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Во завршната декларација ќе се нагласи потребата од посветеност на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучувајќи и со земјите членки на ЕУ.
Во овој контекст, ЕУ ја нагласува важноста од постигнување дефинитивни и трајни решенија за билатералните спорови и прашања на партнерите, кои се вкоренети од минатото, се наведува во нацрт-декларацијата, во која се повикуваат земјите од регионот да ги гарантираат правата и еднаквиот третман на малцинствата. Овој дел од декларацијата се чини најмногу е адресиран на Македонија, односно на македонско-бугарските односи во контекст на бугарскиот услов за измени на македонскиот устав. За „возврат“ – „ЕУ ќе ја потврди својата посветеност за забрзување и натамошно продлабочување на својот политички ангажман со Западен Балкан, меѓу другото, преку одржување редовни самити ЕУ – Западен Балкан, учество на партнерите од Западен Балкан на настани на високо ниво на ЕУ и редовни дијалози за заедничките надворешни и безбедносни политики во мултилатерални форуми“.