Навистина, ако Габриел искрено смета дека историјата треба да биде предмет на дискусија на историчарите и на експертите, а Бугарија како членка на ЕУ инсистира на европските принципи и вредности, тогаш со едноставна аналогија се заклучува дека е логично да следува и распуштање на мешаната историска комисија, која е под одлучувачко политичко влијание. Во контекст на ставот на вицепремиерката на Бугарија, таа остава широк простор за отворање пристап до бугарските богати историски, но затворени архиви, и на европски демократски начин да се истражуваат и да се утврдат историската вистина и фактите за одредени настани и личности…

Добро е што и бугарската вицепремиерка марија Габриел го увиде апсурдот што резултира кога политиката ќе се вмеша во историјата

Единствен начин за нормализирање на македонско-бугарските односи, кои во последниот период го достигнаа најниското можно ниво, е враќање кон она што значат европски демократски принципи, но и европски начин на однесување преку меѓусебно уважување и почит, без никакви притисоци и наметнување сопствени позиции.
Очигледно е дека онака како што досега беа поставени работите не само што не дадоа никаков резултат туку уште повеќе ги зголемија тензиите меѓу двете соседни држави и двата народа, кои наместо тесно да соработуваат и да си помагаат, сега се гледаат како најголеми непријатели.
Генезата од каде што тргна целиот проблем треба да се бара во оној момент кога на сцена стапи мешаната историска комисија, од чија работа одеднаш почна да зависи целиот евроинтегративен процес на Македонија. Наместо научна расправа на историски експерти, професори, научници врз основа на документи, истражувања и факти, работата на историската комисија се претвори во поле за политички судири и конфронтации, во кои различниот историски наратив е орудие во рацете на политичарите за остварување на националните цели, какви и да се. Очигледно и Бугарија стана свесна дека историската комисија е тоа јаболко на раздорот и бара начини како да се ослободи од неа.

– Историјата има свое значење и таа треба да биде предмет на дискусија на историчарите и на експертите, бидејќи секогаш кога има можности за злоупотреба, таа се политизира и радикализира. Така се вртиме во маѓепсан круг – изјави бугарската вицепремиерка и шефица на бугарската дипломатија, Марија Габриел.
Таа завчера пристигна во Скопје и ја отвори изложбата „Пловдив – град на мозаиците“ во Бугарскиот културно-информативен центар во главниот град, при што се сретна со претставници на бугарската заедница во земјава.
– Не постои билатерален проблем меѓу Бугарија и Република С. Македонија. Бугарија е членка на ЕУ и ги поддржува принципите и вредностите на ЕУ – дополни Габриел.
Навистина, ако Габриел искрено смета дека историјата треба да биде предмет на дискусија на историчарите и на експертите, а Бугарија како членка на ЕУ инсистира на европските принципи и вредности, тогаш со едноставна аналогија се заклучува дека е логично да следува и распуштање на мешаната историска комисија, која е под одлучувачко политичко влијание. Во контекст на ставот на вицепремиерката на Бугарија, таа остава широк простор за отворање пристап до бугарските богати историски, но затворени архиви, и на европски демократски начин да се истражуваат и да се утврдат историската вистина и фактите за одредени настани и личности. Крајната цел е да се создаде вистинска научна атмосфера во која слободно ќе се истражува, ќе се утврдуваат фактите, наместо политичарите да притискаат и да наметнуваат насоки како да работат историчарите.
Тогаш, кога веќе и бугарската вицепремиерка вели дека не постои билатерален спор меѓу двете земји, ќе може односите да се градат врз основа на исполнувањето на копенхашките критериуми бидејќи ЕУ инсистира на тоа, а не некаква историска комисија да одлучува дали е постигнат некаков напредок во градењето соодветен историски наратив и да дава препорака дали некој протокол во преговарачката рамка ќе добие зелено светло или, пак, не.
Ако се распушти историската комисија, таа повеќе нема да има влијание врз македонско-бугарските преговори, со што ќе исчезнат и причините што доведоа до влошување на македонско-бугарските односи. Едноставно кажано, формирањето ваква комисија со политички ингеренции само потврдува дека целите преговори меѓу Македонија и Бугарија уште од почетокот беа поставени на лоши основи. Затоа сега треба да се изгради нов договор врз основа на копенхашките критериуми, кои ги подразбираат сите европски принципи што ги применуваат земјите членки, а кои треба да важат и за Македонија.

– Добро е што на Бугарите им текна дека оваа работа треба да ја решаваат историчарите. Ова секако е еден чекор напред, и тие сфаќаат дека комисијата е политичка. Ако се оставеше научниците да си ја работат својата работа, немаше да дојде до вакво влошување на македонско-бугарските односи, ниту, пак, до ваква атмосфера околу уставните измени. Ние отсекогаш повикувавме: оставете им ја историјата на историчарите. Штом политичарите се мешаат во историјата, имаме проблем. А на тоа сме сведоци и денес, гледајќи како историски настани и личности се злоупотребуваат за подигање на националшовинизмот. Кога политичарите некаде ќе заглават, а немаат што друго да му понудат на народот, веднаш се фаќаат за историјата – вели Тодор Чепреганов, историчар.
Според него, европските принципи подразбираат за историјата да разговараат историчарите исклучиво врз документи и факти и сето тоа да се дискутира на научни конференции, а не политиката да ги меша прстите таму каде што не треба.
– Историчарите треба да си работат врз научна основа. Ова што сега комисијата носи одлуки, сето тоа сè политички одлуки и немаат никаква научна основа. Комисијата учествува во креирање заедничка историја, тие постепено нè вовлекуваат во тоа дека со Бугарите имаме иста историја. Затоа се согласувам дека е паметно да се распушти оваа комисија и да почне да се работи онака како што работат историчарите секаде во светот, разменувајќи документи, факти, спротивставувајќи тези и слично. Еве, сега имаше научна конференција во Штип, зошто не дојдоа Бугарите? Тоа е вистинскиот начин на работа на историчарите, на вакви конференции да спротивставиме мислења врз база на документи, толкувања и така да разговараме. Не може вака шест луѓе во комисијата да решаваат за целата историја – потенцира Чепреганов.
Тој понатаму уште додава дека на историчарите им се целосно јасни работите, но дека политиката е таа што сака да интервенира.

– Овие работи меѓу историчарите се решени и нема нејаснотии, но политиката се обидува да интервенира. Ако работиш врз база на документи, никој не може да го оспори тоа. Сум говорел на конференции и во Бугарија и во Грција, но кога она што сум го кажувал сум го поткрепувал со документи, никој не ме оспорил. Тоа меѓу нас историчарите е нормално, но штом политиката стави рака, готово е. Ова што ни се случува нам е чист преседан врз историјата, политички инженеринг во македонската историографија само за да се задоволат одредени политички апетити без каков било доказ – заклучува Чепреганов и се согласува дека изјавата на Габриел за оставање на историјата на историчарите може да значи дека и тие почнуваат да стануваат свесни дека ја заплеткале целата работа и сега сакаат да најдат излез за да се олабават македонско-бугарските односи.