Најчестата дрога од која се зависни Европејците е хероинот, кој доаѓа од авганистанскиот афион. Откако талибанците се вратија на власт, производството се намали за 95 отсто, што сериозно ќе ја ограничи достапноста на евтин хероин во Европа во 2024 година. Кога наркобандите ќе се соочат со недостиг од хероин, се очекува да ги мешаат остатоците од хероин со фентанил за да му дадат дополнителна сила и да ги зголемат резервите. Во основа, недостигот од хероин се совпаѓа со доаѓањето на нелегалниот фентанил во Европа. За разлика од кокаинот или хероинот, кои бараат сложени операции за производство и шверц, синтетичките дроги се евтини за продажба и за испорака, а се многу поразорни за зависниците…
Битно запрен протокот на хероин во Европа, но зошто за крим-аналитичарите тоа и не е толку добра вест?
На северот на Париз, далеку од туристичките атракции, се крие темната страна на градот. Под автопатиштата во близината на Порта де ла Шапел има импровизиран камп полн со шатори и ѓубре, познат како „ла колин ду крак“ (la colline du crack) или рид со пукнатини. Тука се собираат неброени зависници, а според очевидците, ситуацијата е далеку од идилична. Социјалните работници доаѓаат и си одат, а и локалните власти се чини дека замижуваат пред овој проблем.
Состојбата со зависниците во Париз е само еден пример за проблемот со зависноста од опијати во Европа. Иако ситуацијата сѐ уште не е толку критична како во САД, постои загриженост дека нелегалниот фентанил наскоро би можел да го преплави европскиот пазар. Веќе постојат сериозни показатели дека фентанилот почнал да го собира својот данок во париското предградие.
Фентанилот, кој се синтетизираше во Белгија, а за кој пишувавме во повеќе наврати дека предизвика големи проблеми во Америка, годишно само во оваа земја убива повеќе од 70.000 луѓе, повеќе отколку војните во Виетнам, Ирак и во Авганистан заедно. Во Европа оваа дрога не се вкоренила, а се верува дека не повеќе од 200 луѓе годишно се предозираат со неа. Причина е недостигот од фентанил на пазарот, но владите се загрижени дека идилата нема да потрае и дека фентанилот наскоро ќе дојде преку Атлантикот.
Патот на фентанилот до Америка и неговото потенцијално пристигнување во Европа
Фентанилот стана проблем во Америка поради неконтролираното пропишување опиоиди од страна на лекарите и фармацевтските компании. Тој беше синтетизиран во Белгија во 1959 година како легален лек против болки, па можеше да се претпостави дека тој ќе биде првиот што ќе биде злоупотребен од наркозависниците во таа земја. Меѓутоа, за да се пробие на пазарот, потребен беше американскиот начин на живот. Од 1990-тите наваму лекарите во Америка пропишуваат лекови против болки за раце и нозе по иницијатива на бескрупулозните фармацевтски компании.
Почнувајќи од 2015 година, во Америка секоја година се пишувале околу 227 милиони рецепти за опиоиди, приближно по еден за секој возрасен. Рецептите ги снема, а пациентите веќе беа зависни од апчиња и мораа некако да ги набават. Мексиканските картели лесно ги пречекаа новите клиенти и ги користеа потребните хемикалии од Кина за производство.
Во тоа време Европа даваше голем отпор на непотребното пропишување лекови, болните и зависниците ја добиваа потребната терапија.
Најчестата дрога од која се зависни Европејците е хероинот, кој доаѓа од авганистанскиот афион. Откако талибанците се вратија на власт, производството се намали за 95 отсто, што сериозно ќе ја ограничи достапноста на евтин хероин во Европа во 2024 година. Кога наркобандите ќе се соочат со недостиг од хероин, се очекува да ги мешаат остатоците со фентанил за да му дадат дополнителна сила и да ги зголемат резервите.
Накратко, недостигот од хероин може да се совпадне со доаѓањето на нелегалниот фентанил во Европа. За разлика од кокаинот или хероинот, кои бараат сложени операции за производство и шверц, синтетичките дроги се евтини за продажба и за испорака. Европол предупреди дека мексиканските картели соработуваат со криминални мрежи во Европа за да го прошират својот пазар.
Европа и иднината на борбата против фентанилот
Иако веќе се преземаат чекори во Европа за да се спречи фентанилот да стигне на пазарот, властите ќе треба да бидат одлучни и проактивни за да обезбедат ситуацијата да остане под контрола. Предноста што ја има Европа се искуството од Америка и подоброто разбирање и лекување на зависноста, но тоа не значи дека нема да се соочи со предизвици.
Фентанилот е поголема закана од хероинот и од кокаинот. Според експертите, оваа дрога е „кокаинот“ на иднината. Со полициските рации низ Европа во последните неколку месеци, а во кои се запленети помали количества фентанил, кај надлежните се разбуди и стравот дека оваа дрога почнува да се проширува низ Европа, особено откако веќе стана познат фактот дека мексиканските картели се обидуваат да си обезбедат нов и сигурен пазар на кој ќе ја продаваат дрогата.
Белгија минатата година заплени рекордни 110 илјади килограми кокаин на пристаништата во Антверпен, а тоа количество е огромно во споредба со десетте грама фентанил што полицијата ги заплени во Брисел.
Сепак, според експертите од областа на наркотиците, овие бројки се лажни и овие две дроги воопшто не можат да се споредуваат, бидејќи само три милиграми фентанил се дури за педесет пати посилни од хероинот и таа доза би можела да биде смртоносна за еден човек.
– Со тие десет грама фентанил би можеле да убиете три илјади луѓе во Белгија – предупредува белгискиот министер за правосудство Винсент ван Квикенборн, кој живее под полициска заштита откако минатата есен наркобандите се обидоа да го киднапираат.
Квикенборн истакна дека картелите Синалоа и Халиско одлучиле фентанилот да оди во САД, а кокаинот во Европа.
– Но двата картела паралелно ги контролираат двата пазара. Ним им е лесно да ги користат истите траси за достава и тоа е причината поради која нашата царинска служба е многу внимателна. Подготвени сме и за полоши времиња – рече тој.
Тој вели дека е загрижен оти овие два картела би можеле да создадат нов пазар со мешањето на фентанилот со кокаин, чија популарност сѐ уште е голема во Европа.
– Фентанилот е многу евтин, а употребата на кокаинот е пораширена во Европа отколку во САД. Тоа би можело да биде следниот проблем – потенцира тој.
Фентанилот „поисплатлив“ за криминалците од хероинот
Фентанилот е исклучиво силен синтетички опиоиден аналгетик (лек против болки), кој е доста сличен на морфиумот, но е за 50-100 пати посилен од него. Создаден е во 1959 година од страна на докторот Паул Јансен, белгиски хемичар и креатор на компанијата „Јансен фармација“.
Оваа синтетичка дрога во последните години стана извозен хит на мексиканските наркокартели. Една од причините е ниската цена на производство во споредба со традиционалните дроги. Еден тон хероин е еквивалентен на фентанил со тежина од максимум 20 килограми, а мексиканските лаборатории би можеле да произведат стотици илјади дози неделно. За производство на еден килограм фентанил се потребни само два часа. Просечната цена на килограм фентанил во Мексико е пет илјади долари, додека во американските градови како Лос Анџелес,истото количество се продава за 200 илјади долари.
Фентанилот е многу поисплатлив од хероинот поради многубројните предности на синтетичките дроги. Со синтетика може да се произведуваат повеќе и повеќе резерви ако ги имате потребните хемикалии, лаборатории и стручни техничари.
Иако фентанилот главно се произведува во Мексико, хемикалиите за неговото производство доаѓаат од Азија, главно од Кина, Индија, Тајланд и од Виетнам. Експертите тврдат дека соработката со Кина може да биде клучна за напорите да се сузбие фентанилот на европскиот континент, но дијалозите со Пекинг честопати се попречени од политичката напнатост.
Според нив, иако хероинот останува најчесто користена дрога во Европа и дрога што е одговорна за најголем дел од смртните случаи предизвикани од дроги, сѐ поголема е загриженоста поради улогата на синтетичките опиоиди во проблемите со дрога во Европа. Дериватите на фентанилот особено се загрижувачки поради средишната улога што тие ја имаат во мнозинството опиоиди во Северна Америка. Забележани се смртни случаи како последица на консумирањето фентанил во Европа, а во минатото дериватите на фентанилот беа најчест облик на опиоид што се консумира во Естонија, кои понекогаш беа пронаоѓани и во други земји – се наведува во Европскиот центар за контрола на дрога и зависности од дрога, објавен минатата година.