Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потврда за континуираните заложби на МАНУ во презентирањето на македонските културни и уметнички особености беше и одржувањето на изложбата и промоцијата на монографијата „Јордан Манасијески“, на која впечатливо обраќање имаше и академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ

Континуирани заложби на МАНУ во презентирањето на македонските културни и уметнички особености

Деновиве сме сведоци на експанзија на македонското уметничко творештво, презентирање на богатото македонско културно наследство и промоција на македонските историски и јазични особености. Потврда се промоцијата на неколку капитални дела, како што е трудот „Црковното книжевно наследство на слепченскиот манастир ’Св. Јован Претеча’“ од академик Ѓорги Поп-Атанасов, успешната одбрана на докторската дисертација на темата „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ на институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од Андријана Јаневска, како и трудот „Документи за македонската борба за самостојност и независна држава Македонија 1874-1919“ од проф. д-р Михајло Миновски.

Сите овие дела и трудови од различен аспект ги популаризираат македонските особености, а во овој контекст треба да се споменат и активностите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и на нејзиниот претседател, академик Љупчо Коцарев. Од овие активности произлезе и изложбата „Од уметничкото наследство на дебарско-мијачките зографи“, организирана од Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ, кога беа презентирани повеќе оригинални дела на дебарско-мијачките зографи, вклучувајќи ги и делата на Димитар Крстев Дичов, познат како Дичо Зограф, еден од најзначајните иконосликари и фрескосликари на Балканскиот Полуостров во 19 век, како и делата на дебарско-мијачките зографи од родот Коловски.

Последна потврда за континуираните заложби на МАНУ за презентирање на македонските културни и уметнички особености беше одржувањето на изложбата и промоцијата на монографијата „Јордан Манасијески“ од авторот проф. д-р Владимир Величковски. На споменатиот настан присуствуваа голем број научници, професори и јавни личности, како и претставници на дипломатскиот кор во Македонија.
Изложбата и промоцијата беа отворени од академик Љупчо Коцарев, кој посочи дека во последните два месеца во ликовниот салон на МАНУ биле одржани неколку изложби, вклучувајќи ја и изложбата „Во бесконечност“, дела на ликовните уметници членови на црногорската академија на науките и уметностите.

Коцарев притоа со одбрани зборови се осврна и на монографијата, која има 480 страници и над 300 репродукции во боја, како и критички осврти на еминентни историчари на уметност од Италија, САД, Хрватска, Бугарија, Србија и од Македонија.
– Живееме во бурни времиња, а Македонија е „во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа“ (Петре М. Андреевски). Кралот Соломон порачува дека постојат времиња за сè. Тогаш, се прашувам за што е наменето нашето време. Античките Грци разликувале три концепти на време: линеарно, субјективно и универзално, поврзани со три божества: Kронос, Каирос и Ајон. Kронос е линеарно, хронично време, време што минува, минливост. Каирос е персонификација на можности, среќа и поволни моменти, па така, со други зборови, дозволува „корелација меѓу субјектот и ситуацијата“. Ајон е божество поврзано со времето, кругот што ги опфаќа универзумот и зодијакот, па, така, времето што го претставува Ајон е вечно, неограничено, ритуално и циклично – рече Љупчо Коцарев.

Поттикнат од уметноста на сликарот Јордан Манасијески и монографија што се промовираше во МАНУ, академик Коцарев порача три работи што се поврзани со Kронос, Каирос и Ајон.
– Прво, за да опстоиме, за да се спротивставиме на минливоста, на Kронос, предлагам науката да прерасне во вистински водич на иднината на Македонија. Второ, за да се адаптираме на Каирос и да го искористиме поволниот момент, предлагам да пристапиме кон креирање консензус за опстој и одржлив развој на Македонија, поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Трето, во однос на Ајон, во однос на вечноста што е резервирана за боговите, предлагам, поради тоа што сме толку мали и минливи, нашата вечност да се отелотвори во уметничкиот универзум, оти духовната и уметничката светлина во „вечната темнина ни се гаси, ниту светлост губи“. Па така, неоспорно е дека науката ни треба за нашата иднина, но без уметност ние сме осудени на заборав, а без обединување нема опстој – рече Коцарев.

На крајот од своето излагање, академик Љупчо Коцарев му посака на уметникот Јордан Манасијески уште многу години да твори, бидејќи неговите визии „ги поставуваат фундаментите на новата современа уметност“ и вечно ќе сведочат за македонската уметност.

Д.Ст.

На промоцијата присуствуваа голем број научници, професори
и јавни личности
Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев