Фото: Нова Македонија / Илустрација

Кокетирањето со провоцирачки изјави, во контекст на способноста за дестабилизирање на државата, колку и да звучи несериозно од политичари што се дел од актуелната власт, сепак содржи вознемирувачки потенцијал за граѓаните и за јавноста. Со таков наратив, со тон на закана, за чудо во медиумите се обрати неодамна и лидерот на партијата Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, доскоро познат по своите високодемократски и интелектуални замисли

Политичко преобразување, кокетирање и закани со дестабилизација

Заземањето политички позиции и надградувањето на рејтингот во претпредизборниот период сѐ поочигледно стануваат приоритет во дејствувањето и изјавите на политичките фактори во Македонија. Кокетирањето со провоцирачки изјави, во контекст на способноста за дестабилизирање на државата, колку и да звучи несериозно од политичари што се дел од актуелната власт, сепак содржи вознемирувачки потенцијал за граѓаните и за јавноста.
Со таков наратив, со тон на закана, за чудо во медиумите се обрати неодамна и лидерот на партијата Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, доскоро познат по своите високодемократски и интелектуални мисли и идеи.

– Албанците се државотворен народ и втор народ во Македонија. Тие се народ што може да ја стабилизира или да ја дестабилизира државата. Потребно е и Македонија да се стави под меѓународен протекторат, под набљудување од некој што е поразвиен, бидејќи таа нема капацитети и ресурси да се развива самата како држава, самата да се организира – изјави Таравари, сугерирајќи дека со тоа што не го користат потенцијалот за дестабилизација на државата, Албанците всушност искажуваат лојалност спрема неа, иако и понатаму наводно се „онеправдани“(!?).
Ваквите изјави, ставени во контекстот на политичкиот амбиент во Македонија, кој е под притисок за спроведување уставни измени за внесување на Бугарите во конститутивниот акт (исто како „државотворен народ“), не можат да се сметаат за коректни спрема мнозинскиот македонски народ во државата, кој е идентитетски атакуван со таквите барања на Софија, а изненаден од неоснованите амбиции на лидери и поединци од едно малцинство што со таквите барања перманентно креира нестабилност (политичка и безбедносна). Имено, тоа повеќе личи на злоупотреба на ситуацијата и дополнителен притисок во политичкиот амбиент, за предизборен партиски профит.

Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања смета дека не е никаква лојалност спрема државата мобилизација на неедуцирано гласачко тело околу лажни идеи.
– Не може да се нарече лојалност спрема државата можноста за мобилизирање на луѓето (гласачкото тело) со националистички и популистички идеи. Видливо е дека албанските политичари во Македонија лесно посегнуваат по манипулација со неедуцирано гласачко тело, со лажни идеи и ветувања. Ним, на политичарите, им одговара таквата состојба на неедуцираност на нивните гласачи, но тоа не значи дека во државата нема интелектуални капацитети што во одреден момент можат да доведат до пресврт – вели професорката Мирјана Најчевска.
Историчарот Александар Литовски вели дека албанскиот политички фактор конечно треба да покаже зрелост во своето дејствување и лојалност во практика. Тој вели дека Албанците дефинитивно се интегрирани во сите институции, а сепак постојано манифестираат незадоволство од својот статус?!

– Ја преживеавме 2001 година во Македонија и познато ни е дека албанскиот фактор може да ја дестабилизира државата, доколку тоа им биде дозволено од повлијателни геополитички фактори. Но, нагласувањето на тоа дека не ја употребуваат таквата моќ не ја докажува нивната лојалност спрема државата. Всушност, заканите со тероризам се приказни што веќе не поминуваат кај меѓународните фактори, па не е многу веројатно да се повтори 2001 година во Македонија. Сепак, албанскиот политички фактор треба да покаже зрелост во своето дејствување и лојалност во практика, а не само на зборови спрема државата Македонија, каде што се интегрирани во сите институции, а не постојано да манифестираат незадоволство од својот статус – вели историчарот Александар Литовски.