За да се справиме со корупцијата, како појава што ни нанесува неправди нам, како граѓани, како луѓе, треба да ги активираме општествените инструменти, алатките што сами сме ги создале токму за наше поправедно општествено живеење – институциите! Неефикасноста на институциите во постигнувањето одредена цел, како борбата против корупцијата, е само немање интерес и волја на луѓето за такво нешто. Во таква состојба на духот, секоја помош однадвор како да е залудна…
Поглед кон моќта на „црните листи“ да се справат со корупцијата во Македонија
Услов на ЕУ за напредување на Македонија во евроинтегративниот процес што постојано се нагласува е – справување со корупцијата и со организираниот криминал.
За чудо, во актуелниот политички момент, во македонската јавност сѐ уште се пласираат наративи во смисла дека корупцијата и организираниот криминал се „предизвик што лесно ќе се реши“, штом ќе се отворат поглавјата во преговорите со ЕУ. А за да се отворат поглавјата за преговорите, било потребно „што побрзо спроведување уставни измени“…
Луѓето знаат, а институциите не знаат кои се корумпираните актери во земјава?!
Во почетокот на мандатот на актуелната амбасадорка на САД во Македонија, Ангела Агелер, минатата година, самата таа нагласи дека главна заложба на нејзината амбасадорска мисија ќе биде помошта во борбата против корупцијата во земјата. Како еден од инструментите за ефикасна борба против корупцијата е т.н. црна листа на САД. Таа всушност претставува алатка на санкции насочена кон поединци или компании опфатени по законот Магнитски заради прекршување човекови права или коруптивни поведенија. Воведувањето на американската „црна листа“ значи и дека сиот имот, движен и недвижен, за лицата што се ставени на листата на САД е – блокиран. Исто така, блокирани се и фирмите што се во директно или индиректно сопствеништво.
Кај нас, во овој изминат едногодишен период, на споменатата „црна листа“ на САД се најдоа: градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко, бизнисменот Јордан Камчев, а од пред некој ден и неговата мајка Ратка Камчева, како и неговите бизнис-партнери Сергеј и Ирина Самсоненко и некои нивни фирми. Сепак, во некоја смисла разочарувачки индикативно е што и по објавувањето на „црната листа“ нема некакви опипливи процесирања во рамките на домашниот позитивноправен систем, па се добива впечаток дека дури и со „изџвакана материја“, нашите институции се неспособни да поентираат, во името на правото и правдата.
– Интересно е дека секогаш кога покажуваме кон луѓе што сториле корупција во оваа земја, секој граѓанин и секој пријател со кои разговарам велат: „Се разбира“. Затоа што луѓето знаат, знаат кои се корумпираните актери во земјава. Нема правна обврска за институциите да преземат акција, но се надевам дека институциите што веќе знаат дека има корупција во овие случаи навистина ќе преземат нешто, бидејќи луѓето во оваа земја треба да бараат и заслужуваат оваа корупција да биде следена, истражувана и гонета – изјави Агелер по последното проширување на „црната листа“.
„Црната листа“ на САД не е домашен инструмент за борба против корупцијата во Македонија
Немањето резултати по една година од работата на јавниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција, Абази (за кого и самата Агелер изрази чудење за начинот на кој беше избран), и редица други примери се доволни аргументи за прашање за ефикасноста на инструментот „американска црна листа“ за справување со корупцијата во Македонија. Секако, во изјавата на амбасадорката Агелер во врска со „црната листа“ јасно се гледа дека иако на листата се внесени одредени граѓани и фирми од Македонија, македонските „институции немаат правна обврска да преземат акција“, но таа искрено се надева дека „ институциите што веќе знаат дека има корупција навистина ќе преземат нешто“.
– „Црната листа“ на САД не е инструмент за борба против корупцијата во Македонија. Впрочем, ниту една странска држава нема ингеренции во правниот систем на една суверена држава. Таквата „црна листа“ е валидна за американската држава и е предупредување за личности од други држави што не се соодветни за соработка со американски фирми, институции, официјални лица од САД. Но на наш, македонски терен, оваа „црна листа“ е еден вид пријателска информација до државните институции да спроведат истраги и да дојдат до валидни докази за коруптивните дејства на посочените личности и фирми, кои ќе бидат процесирани низ правниот систем. Според досегашните резултати во истрагите, очигледно нашите институции или немаат капацитет или немаат волја за борба против корупцијата. Или и едното и другото! Пораката на „црната листа“ на САД е дека сепак самите треба да се справиме со корупцијата кај нас, како суверена држава, и покрај сета нивна помош – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.
Домашните институции се тежиштето за справување со прекршувањето на законите и на прописите, а секоја помош однадвор е добредојдена
Кога станува збор за ефикасноста на државните институции во Македонија за справување со корупцијата, професорот филозоф Љубомир Цуцуловски смета дека проблемот се сведува на човечките слабости на лицата што ги креираат суштината, содржината и политиката на институциите и државата. Односно, во суштина, не постои интерес за борба против корупцијата.
– Говориме дека институциите не ни функционираат. Во нашиот јавен простор, институциите се „издигнаа“ на ниво на еден апстрактен поим, независен ентитет, врз кој граѓаните немаат влијание. Во суштина, институциите се еден инструмент, како и самата држава, со кој граѓаните, луѓето ги уредуваат односите меѓу себе во заедницата во која живеат. Нефункционалноста на „инструментот“ значи дека не функционираат луѓето што го создале или немаат волја да го употребуваат. За да се справиме со корупцијата, како појава што ни нанесува неправди нам, како граѓани, како луѓе, треба да ги активираме општествените инструменти, алатките што сами сме ги создале токму за наше поправедно општествено живеење. Неефикасноста на институциите во постигнувањето одредена цел, како борбата против корупцијата, е само немање интерес и волја на луѓето за такво нешто. Во таква состојба на духот, секоја помош однадвор како да е залудна. Конечно, надвор од ингеренциите на американската амбасадорка и секој друг амбасадор е да интервенираат и сугерираат како да ги регулираме односите внатре во нашата земја – вели професорот Љубомир Цуцуловски.