Една од најновите студии покажа дека луѓето можеби носеле некаков вид обувки многу подолго отколку што се мисли, уште пред 150.000 години.
Резултатите од истражувањето беа објавени неодамна на интернет-страницата на универзитетот „Витватерсранд“ во Јоханесбург. До неодамна најстариот пар чевли откриен досега беше оној пронајден во Јужна Африка, кој е стар 2.000 години.
Меѓутоа, научниците пронајдоа фосили по должината на брегот на Кејп во Јужна Африка што укажуваат на тоа дека луѓето што живееле во областа носеле некакви обувки многу порано. Д-р Бернхард Зипфел од институтот за еволутивни студии „Витс“ беше еден од оние што работеа на истражувањето.
– Сите претпоставувавме дека луѓето обично биле боси. Меѓутоа, јужниот брег на Кејп тогаш имаше многу остри карпи. Логично е луѓето да користат чевли за да се заштитат. Пред сто илјади години, повредата на стапалото можеше да биде фатална – рече Зипфел.
Со оглед на тоа дека нема остатоци од такви антички обувки, бидејќи биле биоразградливи, биле испитани фосилизирани траги и отпечатоци. Зипфел заклучил дека обувките што се носеле во тоа време веројатно биле еден вид апостолки, слично на обувките што биле откриени дека ги носел народот Шани.
– Многу било важно тие обувки да ги издржат влијанијата од околината. Иако нашите докази се неубедливи, сепак сме задоволни од наодите. Ние придонесуваме во истражувањето кога луѓето во таа област имале обувки – наведува Зипфел.
Според него, вреди да се напомене дека резултатите од истражувањето сугерираат дека областа на Јужна Африка долго време била централна област за развој на когнитивни и практични способности, пишува „Џерусалем пост“.