Фото: Пиксабеј

Атопискиот дерматитис уште е познат како инфантилен екзем е хронично воспалително заболување на кожата кое е проследено со чешање и повремено влошување на состојбата, чии екзацербации неможат да се предвидат.
Атопискиот дерматитис е предизвикан од комбинација на генетски и надворешни фактори.
Децата кои доаѓаат од семејства со историја за атописки дерматитис, астма или поленска треска почесто развиваат атописки дерматитис.

Постојат два типа на атописки дерматитис:
1.Себороичен – се јавува во првите недели од животот во вид на сквами на скалпот.
2.Нумуларен – се јавува од вториот до шестиот месец во вид на дамки или почесто крусти на образите, глутеусите или екстремитетите.

Клиничката слика се карактеризира со:
• Чешање
• Црвенило и осип
• Кожа која е многу сува или лушпеста
• Отворени корави или влажни рани
Кај доенчињата и малите деца започнува на лицето или лактите и колената, места кои можат лесно да се чешаат и да се допираат. Кај 50 отсто од дечињата, инфантилниот егзем се повлекува пред втората година, кај другата половина се одржува со тенденција за ремисија.
Кај постарите деца атопискиот дерматитис обично се појавува во прегибите на лактите, рацете или колената.

Поставување на дијагнозата

Самата клиничка слика е доволна за поставување на дијагнозата.
Кожните прик (prik) тестови ги вклучуваат алергените од храна и респираторните алергени.
PACT е алтернативен метод за респираторни алергии, но во многу случаи на алергија на храна, кожните тестови даваат посигурен резултат.
Треба да се има на ум дека и мајчиното млеко може да биде алергено.
Кај атопискиот дерматитис често имаме генетска мутација на протеинот филагрин, што предизвикува нарушување на заштитната бариера на кожата и дехидратација, со зголемување на можноста за пенетрација на алергени од животната средина во кожата.

Терапија

Во зависност од сериозноста на симптомите, атопискиот дерматитис се лекува со тописки лекови, кои се нанесуваат на кожата: премачкување со кортикостероидни креми и средства за навлажнување на кожата или имуносупресивни лекови кои делуваат на имунолошкиот систем.
Деца под 2 години
• 1% хидрокортизонски крем во период од 1-3 недели.
• Овлажнувачи – најмалку 10 дена помеѓу третманите со хидрокортизон.
• Секојдневно бањање или туширање.
Деца на возраст од 2-6 години
• Слабо потентни кортикостероидни креми во период од 1-3 недели или
• Средно потентни кортикостероидни креми во период од 1-2 недели.
• Овлажнувачи – најмалку 10 дена помеѓу кортикостероидните кури.
• Ако нема одговор на кортикостероидните креми, „пимекролимус“ или „такролимус“
креми може да се користат како алтернатива.
Училишна возраст
• Слабо до средно потентни кортикостероидни креми во период од 1-3 недели.
• Силно потентни кортикостероидни креми само по препорака на дерматовенеролог.
• Косматиот дел подобро поднесува тописки кортикостероиди отколку другите делови на кожата.
• Ако не се постигне одговор со кортикостероидна терапија, пимекролимус или такролимус може да се користат како алтернатива.

ДРУГ ВИД ТРЕТМАН

Фототерапија се користи кај пациенти со раширени промени по кожата и слаб одговор на конвенционалната тописка кортикостероидна терапија. Дури и доенчиња ја поднесуваат добро. Селективна ултравиолетова фототерапија (SUP) може да се користи на секоја возраст. УВА-солариуми им користат на некои деца. УВБ-фототерапија се дава кај адолесценти и кај возрасни. Нема докази дека антихистаминските лекови намалуваат јадеж освен преку нивното седативно дејство.
Нема докази за ефективноста на гамалиноленската киселина, витамини или минерали и затоа тие не треба се препишуваат на деца.
Подготвил: Д-р Нада Плушкоска, спец. по семејна медицина