Андоновски од раната младост до денес е посветен на шахот и е носител на титулата ФИДЕ-мајстор. Тој е вистински ентузијаст, кој едноставно не може без древната игра, која го исполнува неговиот живот. Љубовта и поврзаноста со шахот го доведоа и до позицијата селектор на македонската женска репрезентација
Љубиша Андоновски (1)
Ако за некого може да се каже дека животот му го посветил на шахот, тогаш без сомнение тоа е сегашниот селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија, инаку ФИДЕ-мајстор, Љубиша Андоновски. Тој уште од раната младост се вљуби во древната игра и немаше сила што можеше да го оттргне од неа. Уште од почетокот на 70-тите години на минатиот век, тој му е верен на шахот. Интересно е неговото кажување за почетоците и за тоа која била причината да зачекори на шаховското поле.
– Во 1972 година, кога имав 12 години, во Скопје се одржуваа 20-та машка и петтата женска шаховска олимпијада. Тоа беше настан што, нормално, предизвика големо интересирање, не само меѓу скопјани туку во Македонија, а и пошироко, во поранешна Југославија. Многумина беа зачудени од фактот што токму Скопје и Македонија ја добија организацијата на Олимпијадата, и тоа кога всушност првпат заедно на исто место и во исто време се натпреварува и мажите и жените. Инаку, дотогаш машката и женската олимпијада беа разделени и се одржуваа во иста година, но на две различни локации. Токму овој грандиозен настан беше инспирација за многу млади момчиња и девојчиња да почнат да се занимаваат со шахот. Меѓу нив бев и јас. Но, морам да кажам дека имаше и нешто друго што одигра решавачка улога шахот да стане дел од мојот живот. Во тоа време во пионерскиот дом „Карпош“ во Скопје, благодарение на Жарко Димчевски, како искусен педагог, а и вработен таму, беше формирана и шаховска секција. Е, токму тука, во таа секција, почнав да ја градам мојата шаховска кариера. Истата година, пак, во Рејкјавик, се играше мечот за светски првак помеѓу Американецот Боби Фишер и Русинот Борис Спаски, кој поради многуте контроверзии што го следеа пред почетокот, пред сѐ поради „студената војна“ меѓу Истокот и Западот, предизвика големо интересирање во целата светска јавност. Сето тоа уште повеќе ја „разгоре“ во мене желбата и јас да заиграм шах. Сакав да видам како изгледа таа игра од поблиску и што е она таинственото во неа – вели Андоновски.
НАЈМЛАД МАЈСТОРСКИ КАНДИДАТ
Андоновски имаше среќа што учеше во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“, во кое исто како и во пионерскиот дом „Карпош“, функционираше шаховска секција.
– Тоа беше уште една погодност, како пионер да ѝ се посветам на древната игра. Сите деца се определуваа за некој од спортовите со топка, а јас отидов, на изненадување на моите другарчиња, во шахот. Веднаш да кажам оти не згрешив, зашто се чувствував како предводник на училишната екипа, која во 1973 година стана шампион во училишната лига на Македонија. Следната година ги делевме првото и второто место. Тие титули уште повеќе ме загреаја да навлезам што подлабоко во тајните на играта, која во себе криеше многу замки. Се вооружив со шаховска литература, ги вртев страниците од многубројните шаховски списанија и секогаш откривав по нешто ново. До многу корисни сознанија дојдов и следејќи ги мечевите на шаховската олимпијада, на која во живо можев да ги видам и да им се восхитувам на потезите на најголемите играчи на шаховската табла, велемајсторите Спаски, Петросјан, Таљ, Гелер, Полугаевски, Портиш, потоа оние што го прославија југословенскиот шах предводени од легендарните Глигориќ, Матановиќ, Ивков, Матуловиќ и други. Сите тие не само што се прославија на меѓународната арена туку дадоа голем придонес шахот да стане многу популарен и да се игра речиси на сите точки од Земјината топка. Олимпијадата даде голем импулс и во македонскиот шах. Секој од нас имаше шанса следејќи ги светските асови и самиот да научи нешто ново. Нема сомнение оти ваквите приредби, покрај афирмацијата на земјата, носат со себе и многу други нешта што само на ваков начин може да се осознаат. Организирањето на Олимпијадата беше корисно не само од спортски туку и од финансиски и инфраструктурен аспект. Впрочем, тогаш за краток временски период беа изградени олимпиското село на Водно и хотелот „Континентал“ – вели Андоновски.
Со нови знаења добиени од следењето на мечевите во една од халите на тогашниот Скопски саем, Андоновски продолжи да чекори по шаховскиот пат. Покрај оние победи во екипна пионерска конкуренција, тој со своите клупски другари го делеше првото место на младинското првенство на Македонија во 1979 година. Во меѓувреме, во 1974 година, тој настапи во Вршац на пионерското првенство на Југославија, на кое имаше дуели со некои од подоцнежните велемајстори, меѓу кои беше и Предраг Николиќ.
– Од оваа временска дистанца можам да кажам оти во почетните шаховски години најголемо задоволство почувствував во 1977 година, кога на првенството на Скопје ги делев второто и третото место. Тогаш со 16 години станав и најмладиот шахист во Македонија што ја освоил титулата мајсторски кандидат. Тој пласман во шаховските кулоари беше прокоментиран како голем подвиг – вели тој.
ПО СЕДУМ ГОДИНИ – ЈУГОСЛОВЕНСКИ МАЈСТОР
Требаше да помине доста време до исполнувањето на најголемата желба да стане југословенски мајстор. По многу учества на турнири и првенства, конечно тој сон му се оствари во 1984 година. Тогаш беше победник на турнирот на мајсторските кандидати во Бела Црква и ја доби титулата југословенски ФИДЕ-мајстор. Инаку, на тој турнир играше и Јаќимовиќ, кој го освои второто место.
– Бев среќен за таа победа и за освојувањето на мајсторската титула, зашто, според мислењето на многуте шаховски великани во тоа време, да се биде југословенски мајстор е рамно како да си освоил велемајсторска титула. Истото мислење го делеше и светскиот првак Боби Фишер, кој својата теза ја поткрепуваше со фактот што југословенскиот шах го имаше достигнато светскиот врв и секој шахист од просторите на поранешната држава што ќе станеше ФИДЕ-мајстор имаше велемајсторска сила. Не беше исто да си мајстор од Југославија, СССР или од Унгарија, кои беа шаховски велесили и ги освојуваа медалите на олимпијадите и на светските првенства или да си мајстор од некоја друга земја. Имаше голема разлика меѓу едните и другите. Затоа, за себе сметав оти веќе ѝ припаѓам на онаа група сериозни шахисти пред кои се отвораат нови можности – рече тој.
Меѓутоа, Андоновски како да немаше амбиции да оди кон освојување повисоки титули. Тој играше шах од љубов и не сакаше да се оддалечи од учењето, а и од сите оние задоволства што ги имаа неговите врсници.
– Можеби згрешив што не „загризав“ да одам уште погоре, но јас бев задоволен и со тоа што го имав остварено. Во 80-тите години на минатиот век бев член на ФЦУ, со кој се натпреварувавме во Втората југословенска лига. На ниво на Републиката трипати едноподруго, од 1982 до 1984 година, го освојувавме републичкиот Куп, што ни даваше шанса да учествувавме на најголемиот шаховски фестивал во поранешната држава, Купот на Југославија во Пула. Таму како победници во Купот на Македонија игравме во таканаречениот „ринг“, каде што за противници ги имавме најпознатите југословенски велемајстори -вели Андоновски.
По успешните години во ФЦУ, Андоновски настапуваше и за Вардар, Фонографика, Браќа Миладиновци и за Гамбит Асеко СЕЕ.
За другите детали од животот на шаховскиот мајстор, кој паралелно со играњето шах не ги запостави студиите и е дипломиран економист, а и за тоа како стана телевизиски шаховски коментатор, ќе читате идната недела.
Љубиша Андоновски, шаховски ФИДЕ -мајстор
Роден: во 1960 година во Скопје
Кариера: ШК ФЦУ, Вардар, Фонографика, Браќа Миладиновци, Гамбит Асеко СЕЕ, репрезентација на Македонија
Тренерска кариера: селектор на младите македонски селекции и на сениорската женска репрезентација
Успеси: пионерски и младински екипен првак на Македонија, повеќепати освоен сениорскиот Куп на Македонија и настап на шаховскиот фестивал во Пула, делба на првото место, најмлад мајсторски кандидат во Македонија, победник на турнирот на мајсторските кандидати и освоена титулата југословенски шаховски мајстор, први места на престижните меѓународни турнири во Брато (Италија) во 1977 година, Храдец Кралове (Чешка) во 1982 година, меморијалниот турнир на Капабланка во Сиенфуегос (Куба) во 1996 година, со Гамбит Асеко СЕЕ осмо место во Европскиот куп, прво место на Универзијадата во поранешна Југославија