Договорот треба еднострано да се раскине, врз основа на прекршување на императивните правни норми, а пред сѐ поради фактот што Преспанската спогодба е асимилаторски акт, со кој се овозможува асимилирање на Македонците во соседството и секаде во светот според принципот ерга омнес („применет за сите“ односно „важи за сите“, т.е. и надвор од билатералниот контекст – а спогодбата овде е дефинирана како билатерална). Асимилацијата, со надворешен правен акт, секогаш се смета дека е насилна асимилација односно прекршување на императивното право (jus cogens).
Јас лично не знам дали подносителите на иницијативата пред Уставниот суд на Македонија со оваа терминологија го дефинираа прашањето/проблемот. Ваквите меѓународни договори, како асимилаторски акти, не се спроводливи во практика и немаат допирни точки со елементарната правна логика. Имено, сите акти со кои се врши „анулација“ (анихилација или асимилација) се: „Фундаментално прекршување на колективните човекови права, во својата есенција“!
Уште еден политичкоправен осврт кон
Преспанскиот договор
Оспорувањето на Преспанската спогодба како меѓународен договор нема да помине лесно пред домашниот уставен суд, пред сѐ од две причини: едната е политичка, а другата правна.
Прво, од политички причини, оспорувањето на Договорот од Преспа не може да помине имајќи го пред сѐ предвид составот на Уставниот суд (составен од девет судии), во кои имаме четири судии номинирани од СДСМ и двајца номинирани од ДУИ, односно од албанскиот блок, кои цврсто ги поддржуваат функционирањето и неспроводливоста на преспанскиот акт.
Второ, од правен агол, од фактот што Уставниот суд во претходната постапка не поведе расправа, толкувајќи (еднострано и секако нестручно) дека указот е „дел од постапката“ и дека како таков нема „нормативна природа“, поништувањето врз основи на прекршувања на „домашната постапка“ нема да биде можно пред овој судски орган! Судот, во конкретниот случај, намерно погрешно интерпретирал дека „претседателот Иванов беше спречен при вршењето на службената должност“, па оттаму беше „легално“ претседателот на Собранието (наместо претседателот на државата) да го потпише тој правен акт (указот, кој впрочем без сомнение има правна природа, од фактот што сите правни акти мора да содржат минимум една правна норма)!
Но претседателот на државата со писмен допис од 26 јуни 2018 година го извести Собранието за причините поради кои не го потпишува указот за прогласување на Законот за ратификација на спогодбата Димитров – Коѕијас:
(1) Потпишана е од неовластено лице, министерот за надворешни работи, наместо со Уставот овластен и надлежен орган, а тоа е – претседателот на Република Македонија.
(2) Ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава (Република Грција) ,што претставува кривично дело според членот 308 од Кривичниот законик: „Граѓанин што ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“. Имено, претседателот на државата со оваа изјава потврди дека не само што не беше „спречен“ туку го предупреди Собранието дека озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело.
(3) Спогодбата е во спротивност со Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година: Со билатерален договор не може да се суспендира меѓународното право, во случајов неотуѓивото, неприкосновено и неотстапно веќе апсолвирано универзално право на македонскиот народ на сопствена суверена и самостојна држава Македонија!
Од друга страна, подносителите на иницијативата за поништување, на претходно изнесениот став за прекршувањата што се однесуваат на домашната постапка, овој пат го дополниле поаргументирано, односно дека спогодбата е во „колизија со меѓународното право“. Кога се зборува за овој аспект, ќе потсетам дека кога во досегашната судска практика немаме поништување на меѓународните договори, врз основа на аргументација дека „меѓународниот договор е во колизија со меѓународното право“, судот и по оваа основа ќе се прогласи за ненадлежен! (Имено, да потсетам, судската практика со случајот „Окта“ се однесуваше, порано, само на домашните акти и домашните прекршувања.)
Генерално, треба да додадам и дека истите вакви иницијативи, поради големата национална поделеност, дезориентацијата и пред сѐ влијание на СДСМ и албанскиот блок, во овие политички услови, не би поминале ниту во македонското собрание, кое, и покрај неуспешниот референдум во 2018 година, го истурка (нелегално) целиот процес со преспанскиот акт докрај! Имено, Преспанскиот договор дава две можности, и доколку веќе го избравме референдумот како опција, тој како дел од постапката МОРА да се помине! Но, одлуката на референдумот „не беше донесена“.
Оттаму, мојот став е дека следната влада мора да дејствува на ист начин како и при егзекутивното донесување и, пред сѐ, потпишување на Преспанскиот договор во 2018 година!
Договорот треба еднострано да се раскине, врз основа на прекршување на императивните правни норми, а пред сѐ поради фактот што Преспанската спогодба е асимилаторски акт, со кој се овозможува асимилирање на Македонците во соседството и секаде во светот според принципот ерга омнес („применет за сите“ односно „важи за сите“, т.е. и надвор од билатералниот контекст – а спогодбата овде е дефинирана како билатерална). Асимилацијата, со надворешен правен акт, секогаш се смета дека е насилна асимилација односно прекршување на императивното право (jus cogens).
Јас лично не знам дали подносителите на иницијативата пред Уставниот суд на Македонија со оваа терминологија го дефинираа прашањето/проблемот. Ваквите меѓународни договори, како асимилаторски акти, не се спроводливи во практика и немаат допирни точки со елементарната правна логика. Имено, сите акти со кои се врши „анулација“ (анихилација или асимилација) се: „Фундаментално прекршување на колективните човекови права, во својата есенција“!
Од моја страна јас предложив и модел како да се направи дипломатското писмо со кое би се раскинал таквиот „идентитетски договор“ (тргнувајќи од фактот дека сите идентитетски договори се направени врз основа на насилство или ставање во заблуда дека се легални), кое беше ексклузивно објавено на страниците на „Нова Македонија“.
Но, по раскинувањето на договорот, името нема да се „врати“, туку останува да се информира ООН дека се тргнува во иницијативата за воспоставување ново (старо-ново) државно име во ООН – Република Македонија! Резолуцијата за името предложена во ООН, од наша страна, треба да помине гласање во Генералното собрание на ОН (со просто мнозинство од присутните и кои гласаат) и, доколку помине, ќе добиеме национално име „Република Македонија“ во ООН. Со тој чекор се решава македонското национално прашање.
Ние можеме сами да ја предложиме резолуцијата, но можеме и најверојатно ќе побараме и ќе предложиме „коспонзорство“ од повеќе држави-членки на ООН: Резолуција за Република Македонија во ООН.
Она што е БИТНО е дека ако, на пример, не помине првиот пат, ќе можеме секоја (следна) година да бараме иста таква и, ако истата таа не помине, пак иста резолуција да ставаме на дневен ред, и така… сѐ додека не помине и реализираме „Република Македонија“ во ООН. Конкретно, ние треба да побараме коспонзорство од Турција и од Кипар, како и од сите држави од Третиот Свет (односно Неврзаните), за да ја истуркаме оваа иницијатива. Потребна ни е голема поддршка, пред сѐ поради очекуваниот обид од Грција повторно да ја воведе референцата БЈРМ. Но, тргнувајќи од фактот дека во Советот на безбедност не постои никакво единство по сите политички прашања, најмалку една постојана членка со суверенистички ставови нема да ја подржи реставрацијата на срамната референца/деноминатор, имајќи предвид дека таквиот чекор радикално подразбира „десуверенизација“.
Оттаму, ние секоја година би го повторувале истото барање во ООН, сѐ додека иницијативата не даде плод.
Како што реков порано, а и сега категорично тврдам, ние МОЖЕМЕ да го воспоставиме националното име Република Македонија во ООН. Тоа треба да биде морална обврска за сите патриотски ориентирани влади и основен приоритет на сегашната опозиција.
На крајот да споменам дека покрај овој политички приод за воспоставување на државното име во ООН (со резолуција на Собранието во ОН), постои и правен пат, имено доколку се во колизија Советот за безбедност и Генералното собрание на ООН. Во тој случај, за спорното прашање, Собранието поставува барање во форма на прашање до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во врска со тоа дали дополнителните услови може да се постават при приемот во членството односно дали членските права (името, знамето итн.) може да бидат ограничени само за една членка. Имајќи го предвид советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 1948 година, овде треба да очекуваме позитивен став од Судот и со таквиот став Генералното собрание да го воспостави името во ООН!
Имено, за дополнителните услови при приемот во ООН, Судот направи преседан и се прогласи за надлежен. Потоа, советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата во Хаг прогласи како нелегално гласање за дополнителните услови надвор од општите (а ние имаме таков неприроден услов во врска со името и деноминаторот односно референцата).
Автор: проф. д-р Игор Јанев