Антиупатства за лична употреба
20.7
Љубена моја!
Во Енциклопедијата на лексикографскиот завод (Загреб, 1964) под W, за Виткаци нема ниту ред, но презимето и името, оние на таткото (1851 – 1915), стабилно се поткрепени: полски книжевник, градител и сликар. Учел сликарство во Петроград и во Минхен. Пишувал за полските сликари, создавајќи го т.н. закопански стил во применетата уметност. Наречен Јован Крстител на „Млада Полска“, со својата критика ги поставува темелите на новото сфаќање на уметноста, ги сузбива позитивистичката доктрина и неплодниот идеализам… Во малиот лексикон на ЛЗ од 1974 г., таткото Виткјевич е преземен, заедно со прекарот Јован Крстител (стр. 1.070), а за Виткаци, претпоставуваш, ниту збор. Слободно можеш да ми префрлиш дека упаѓам во една од своите опсесии (лесно ги набројуваш: учител – ученик, фантаст – номад и, онаа најчестата, родител – дете). Предвидливо се бранам – постојаното студентство, гладот по потрага и заемноста на женската душа во мажевното дело (иако лично инклинирам кон обратната варијанта) – ни тебе не ти се туѓи теми, напротив. Да не ја заборавиме загадочната врска Уран –уранизам што владее со нервите, тие сензибилни и повредливи антени кај секој еманципатор. И како таков, тој морал еднаш да дојде во судир со својот самосвесен амбициозен машки родител. Во детството и раната младост односот е извонредно поттикнувачки – освен што ги пишува јувеналиите, Виткаци слика, свири пијано, експериментира во хемиската лабораторија, а на братучетките им ги објаснува етапите на бременоста. Но постепено, таткото од инспиратор станува диктатор – неговото постојано упорно насочување почнува да потиснува, да задушува. Разграничувањето е неопходно, и псевдонимот Witkacy. Eнциклопедиите (странски): Виткјевич Станислав Игнаци, наречен Виткаци (24.2.1885 – 18.9.1939, Jeziory Wolyna), полски сликар, писател и драматург. По студирањето на Академијата за убави уметности во Краков, патувал низ Германија, Франција и Италија. Во 1914 година заминува во Австралија, како уметнички фотограф во експедицијата на Бронислав Малиновски. Три години подоцна е резервен офицер во руската армија и сведок на Руската револуција, а во 1918 година се сели во Закопане, во подножјето на Татрите. Се самоубива во почетокот на Втората светска војна. Пиесите на Виткјевич му претходат на театарот на апсурдот на Јонеско и Бекет, со нивните промислени искривени карактери и заплети, како и со употреба на гротескната пародија. Брзите темпа се комбинирани преку оригинална симболична употреба на јазикот, во драмите како „Водената кокошка“ од 1921 г. и „Лудакот и опатицата“ од 1925 г. Неговите дела почнуваат повторно да се изведуваат во Полска и на Запад во 1950-тите и сега се постојана атракција на полските репертоари (The New Encyclopedia Britannica, Volume 12, p. 716, 1993). Во концизниот Petit Larouse (1990) е нагласено дека литературата на Виткаци ја покажува „l’inadaptation absolu de l’homme a la function de l’existence (р. 1703). Илјада страници пред Виткаци, го наоѓам мини-портретот на нашето најомилено животно ова лето: Окапи (африкански збор), тревопасен, од Заир, со покус врат и со пругасто ишарана кожа на задникот (стр. 697). Животинчето на илустрацијата, со нам препознатливата зачуденост, но со помалку шари од очекуваните, е нацртано во получекор, со поднаведната глава, како да внимава каде ќе згази со левата предна слабникава нога.
Дали делото на Виткаци им беше, пред 50 или 60 години, навистина толку непознато на енциклопедистите од ЈЛЗ? Загатка што се чини уште поскокотлива, кога се знае кој бил семоќниот директор на Енциклопедијата. Големиот писател кого постојано го следи (есеистичката) рефлексија за создавањето, сопственото и туѓото (Матвејевиќ). Авторот на „Аретеј“, „Господа Глембаеви“, „Враќањето на Филип Латиновиќ“, „На работ на паметта“, авторитет за тоа како да се владее со знаењето кога се соочува, споредува, согледува, а често и кога се суди.
Зошто тогаш, во многубројниот именик составуван од врвна екипа експерти недостига Виткаци? Под W се наоѓаат: Waieinstaein Albrecht, Weber Tkalcevic Adolf, Wilchelm I zu Wied und Neu-Wied, Wekerie Sandor, Witte Sergej Julcevic, Wildenband Wilhelm, Wierus Johann, Winther von Andernach Johann… но Witkacy го нема. Како што окапито долго отсуствувало од зоолошките енциклопедии, така и Виткаци, притаен, во егзил, чекал да биде откриен. Исчекорот, кога се мери со аршините на воспоставената современост, често се прогласува за престап, за хибрис. Но, љубена мој, секоја игра има свои правила, а секој играч, тоа и на обајцата ни е добропознато, свои темни искушенија.
Дождот што попладнево се истури врз тромавиот град, нежно ме предупреди дека летото има свој крај. Треба да се размислува за летување. Дотогаш писмата, сепак, може да нѐ причекаат.
(продолжува)