Внатре во црквата постои камен со латински натпис, кој најверојатно потекнува од блиските антички римски населби Бадаријана или Тауресиум. Во внатрешноста постојат и повеќе стари икони, меѓу кои е и иконата на патрониот светец Св. Георги како ја убива ламјата, подарена и изработена во 1866 година, од иконописец од блиското село Летевци

Црквата „Свети Георги Победоносец“ се наоѓа во селото Блаце во околината на градот Скопје. Храмот се наоѓа во густа листопадна шума, североисточно од селото и до него води асфалтен пат, кој се двои од самиот почеток на селото Блаце.
За историјата на оваа црква е забележано дека таа е изградена на темели на постара црква, која повеќепати била споменувана во средновековни записи и прикази за цркви и манастири. Изградбата на црквата датира од 16 или 17 век, а самата црква изобилува со прекрасен живопис, икони и иконостас, кои сведочат за нејзината старост.
Внатре во црквата постои камен со латински натпис, кој најверојатно потекнува од блиските антички римски населби Бадаријана или Тауресиум. Во внатрешноста постојат и повеќе стари икони, меѓу кои е и иконата на патрониот светец Св. Георги како ја убива ламјата, подарена и изработена во 1866 година, од иконописец од блиското село Летевци.
Влезот на црквата е приземен и низок, а над него стои фреска на Свети Георгиј Победоносец со натпис на старословенски за дарителите и градителите на црквата. Околу градбата на црквата се доградувани ѕидови, со што е добиен простор за трпезарија, во кој стојат масите на кои се дава ручек за патрониот празник Ѓурѓовден и за другите црковни собори и прослави. Во кругот на црквата се и селските гробишта.

Д.Ст.


Најстариот спомен за селото Блаце е од 1353 година

Селото Блаце се наоѓа во југоисточниот дел на Скопската Котлина од десната страна на реката Пчиња, а неговиот атар лежи помеѓу теченијата на Вардар и на Пчиња. Најстариот историски спомен за Блаце се среќава во средновековниот период, односно во повелбата од 1353 година, кога царот Стефан Душан на серскиот митрополит Јаков му го подарува манастирот „Св. Никола“ на Пчиња кај селото Кожле заедно со селото Блаце. По освојувањето на Македонија од Османлиите, средновековното село Блаце се раселило и повторно било обновено кон крајот на 18 век од страна на Македонците од некогашното село Румја Лака, кое било сместено во рамничарското земјиште веднаш покрај Пчиња на 600 метри оддалеченост од денешното село Блаце.
Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, македонскиот деец Ѓорче Петров за селото Блаце запишал дека е расположено над Бадер на тепето на таканаречената Блатечка Рупа, која го исполнува пространството меѓу Блато и Пчиња, а неговите жители блачани се риболовци и рогозинари.