Во дебитантската година во Втората југословенска лига, на мечот против Нови Пазар во Скопје имаше околу 5.000 гледачи. Голубиќ во 1972 година стана сениорски првак на Македонија. Успешен како тренер и познат како вреден боксерски работник

Ивица Голубиќ (2)

Со името на поранешниот боксер Ивица Голубиќ е врзан еден убав период од почетокот на 70-тите години па наваму, кога БК Скопје сериозно зачекори на југословенската боксерска сцена. Тоа беше време кога предводени од легендарниот Живко Дуковски, скопските боксери им се приклучија на кумановчани, па и тие успеаја да се пласираат во Втората лига. Ова беше голем успех, кој потврди дека Македонија има талентирани млади момчиња, кои може успешно да се носат со најквалитетните боксери во поранешната држава.
– Боксот ги „запали“ гледачите, а нам ни остануваше само да тренираме и да не ги разочараме. Со самото тоа, што на некој начин ѝ станавме миленици на спортската публика, и кај нас обврската стана поголема. Моравме да тренираме и да настојуваме да го кренеме нашиот квалитет, зашто само со добри борби ќе ги задржевме гледачите постојано да доаѓаат на нашите борби и да не нѐ забораваат. Добра околност беше што во тоа време Куманово имаше навистина репрезентативни боксери меѓу кои беше и Аце Русевски, кој во Монтреал освои олимписка бронза, за една година подоцна да стигне и до европската титула на шампионатот во Хале, во 1977 година. Тие резултати ќе останат запишани во нашата боксерска историја и ќе бидат мотив за генерациите што подоцна доаѓаа, исто како што беа и за нас, кои бевме современици на Русевски. Тоа беше едно прекрасно време, кога боксот навистина цветаше низ неколку македонски градови, што беше дело и на вредните ентузијасти вклучени во овој спорт – се сеќава на тоа време Ивица Голубиќ, кој заедно со Ристевски беше меѓу првите членови на БК Скопје.
Боксот, кој дотогаш само „живуркаше“, од тоа време со забрзани чекори почна да оди напред. Се создаваа нови шампиони, а Македонија во името на Сами Лимановски го доби и првиот учесник на едно ЕП во Катовице (Полска) во 1975 година. Претходната година и Русевски учествуваше на едно европско првенство во Киев, но тоа беше во младинска конкуренција.

БК СКОПЈЕ „ЗАПЛОВИ“ ВО ВТОРОЛИГАШКИТЕ ВОДИ

Веќе немаше дилема оти во Македонија се раѓаат нови шампиони, кои ќе треба да се фатат во костец со веќе афирмираните асови на југословенскиот ринг.
– Поранешната држава имаше навистина боксерски имиња, кои оставија печат не само на своето време туку и години потоа. Сите што почнувавме да се занимаваме со благородната вештина сакавме да ја достигнеме нивната слава. Некои успеаја, други не. Тоа е нормален процес во спортот, не само во боксот. Јас бев меѓу оние што набрзина постигна неколку добри резултати, за подоцна да почнам со тренерската работа. Инаку, како тоа да беше вчера, се сеќавам на првата сениорска титула во полувелтер-категорија освоена на првенството на Македонија во 1972 година. Овој резултат ме охрабри, па и понатаму продолжив со несмален интензитет на тренинзи, со желба да станам стандарден во екипата на БК Скопје, која веќе беше подготвена за влез во Втората југословенска лига. Следната година тоа и се случи, па така, јас заедно со своите клупски другари ја почнав првата второлигашка епизода. Нашето влегување во оваа конкуренција со задоволство беше примено од љубителите на боксот, кои ќе имаа можност секоја втора недела да присуствуваат на интересни и квалитетни мечеви. Ова беше добро за гледачите, но за тренерите не беше така, тие имаа друга мака. Не оти не сакаа да учествуваат во една посина конкуренција, туку од причина што за секој меч требаше да имаат 10 боксери, подготвени за настап во своите категории. Тука се јавуваше проблем, зашто можеше да се случи една екипа да има по двајца и повеќе солидни боксери во една, а во некоја друга тежинска категорија да нема ниту еден. Еве, на пример, јас, кој на турнирите настапував во полувелтер, во второлигашките натпревари морав да одам во една категорија погоре, зашто во велтер немавме боксер. Сето ова им создаваше главоболка на тренерите, но кога веќе се фативме во орото моравме да го доиграме докрај и колку што можеше поуспешно да „пливаме“ во второлигашките води. Тогаш во клубот беше ангажиран и поранешниот боксер Живорад Шишковиќ, кој требаше да го замени на тренерската позиција Живко Дуковски, кој, пак, ја презеде улогата на спортски директор или поарно речено главен оперативец во клубот. Овој тандем, кој се познаваше уште од времето кога двајцата беа активни боксери, сериозно се зафати со работа и клубот, не само што беше рамноправен партнер, туку стана и фактор во Втората лига. Шишковиќ имаше голема заслуга за тоа. Тој беше искусен тренер, кој практично работејќи во Приштина ја создаде онаа генерација што подоцна под командата на Љах Нимани стигна и до шампионската титула во Југославија – вели Голубиќ.

ПОБЕДА ВО СКОПЈЕ ПРЕД ПРЕПОЛНИ ТРИБИНИ

Колку боксот беше популарен говори и фактот што на второлигашките мечеви доаѓаа и по 5.000 гледачи. Кога се одржуваше натпревар, тоа беше празник за љубителите на боксот. Во тоа време, за да се задоволат сите љубители на овој спорт, некои од мечевите се одржуваа и на стадионите каде што можеа да се соберат многу повеќе гледачи. Ова беше карактеристично за неколку града, меѓу кои беше и Куманово, кое создаде една цврста екипа, која се натпреваруваше дури и во најсилната Прва југословенска лига. Кога имаше бокс, се добиваше впечаток оти целиот град е на стадион. Толку многу боксот беше привлечен и популарен.
– Се сеќавам на еден од првите наши дуели во Втората лига. Противник ни беше екипата на Нови Пазар, која во своите редови имаше искусни и квалитетни боксери. Инаку, боксот во овој град беше спорт број еден, па затоа не се зачудивме, кога на мечот во Скопје пристигнаа многу автобуси со навивачи од Нови Пазар. Во новинарските извештаи во весниците другиот ден беше потенцирано оти имаше рекорден број гледачи на еден второлигашки дуел. И токму на тој меч, кој беше дерби на колото, јас добро подготвен и инспириран од амбиентот, извојував победа над еден од најдобрите гостински боксери Феризовиќ, кого многумина го сметаа за еден од најдобрите во оваа категорија во Југославија. Бев среќен и горд што пред еден голем аудиториум, во кој имаше и добри познавачи на боксот, победив во една жестока борба и донесов вредни бодови за мојата екипа – продолжи Голубиќ.
Голубиќ оттогаш стандардно настапуваше за екипата на Скопје, боксер што не се впушташе во непотребни ризици, секогаш знаеше да биде смирен и да се адаптира на она што го бараше борбата. Меѓутоа, и покрај квалитетот со кој располагаше, Ивица Голубиќ некако многу повеќе го привлекуваше тренерската работа. Тој уште во почетокот, кога Дуковски не можеше да патува со боксерите, беше оној што го заменуваше.

МАШИНСКИОТ ИНЖЕНЕР СТАНУВА И ТРЕНЕР

Условите во тоа време, во првите години и во средината од 70-тите години на минатиот век, беа такви што не дозволуваа некоја поголема комоција во клубовите. Во БК Скопје, кое го красеше големото другарство, често се случуваше, во зависност од потребите, некогаш и боксерите да ја преземаат улогата на тренер.
– Јас го имав тоа искуство уште како млад. Во еден момент, кога Дуковски поради работните обврски беше зафатен и не можеше да патува на еден турнир на младите надежи, мене ми беше укажана довербата да ја водам екипата. Веројатно и самите луѓе во клубот, пред сѐ претседателот Џоџа Ајановски и секако тренерот Живко, почувствуваа оти тренерската работа ме привлекува и ми дадоа шанса да бидам водач и тренер на „тројката“ во состав: Ристевски, Калач и Лимани. За моја среќа, Руждија Калач го освои првото место, а Мице Ристевски беше прогласен за најдобар техничар. Од тие моменти уште повеќе се загреав за тренерската работа. Но во наредниот период мораше да ги синхронизирам обврските што ги имав во боксот, со оние што беа поврзани со моите студии на Машинскиот факултет во Скопје – вели Голубиќ.
Иако беше на една крстосница, Ивица се снајде во двете работи. Со успех го заврши факултетот и стана машински инженер, а во боксот „извади“ неколку шампиони од кои најголема популарност, поради своите фајтерски особини, доби Драги Ѓошевски.
– Низ мои раце поминаа и стандардните боксери на Скопје, Џавид Асанов, кој една година го освои „златниот гонг“, потоа Ајвазовски, Антовски, Станковски, Металари, Филиповски и други – вели тој.
Така, некогашниот боксер стана тренер, заврши и факултет, а својот боксерски живот до 2012 година го продолжи како член на тимот што го организираше традиционалниот турнир „Златен гонг“.