Феноменот на непочитување, па и непризнавање на државната химна од страна на некои субјекти во албанскиот политички кампус, е објективна стварност уште од прогласувањето на независноста на македонската државност. Не случајно коалицијата ПДП-НДП го бојкотираше гласањето за химната во 1992 година, а во тој контекст се перманентните, оттогаш до денес, изјави и поведенија на политичките претставници на албанското малцинство во Македонија. Албанските политички партии во изминативе три децении не успеаја да се ослободат од радикалниот вербален цинизам до конкретните практики на национализам и шовинизам. Деновиве тоа повторно се потврдува со изјави во врска со проблематизирањето на државната химна
За интонирањето на државната химна „Денес над Македонија“
Секоја суверена нација има сопствена национална химна, таа е симбол на државата. Таа буди (или треба да разбуди) патриотски чувства кај граѓаните. Примерите во светски рамки покажуваат дека државните симболи, како што се химната, грбот и знамето, се белези на државноста (и на нацијата) што се најупотребувани. Нивното интонирање и истакнување се за најдостојно, гордо и со најголема патриотска љубов и чест претставување и оддавање чест и почест на својата татковина, држава, историја, јазик, предци, култура… Оттука, секогаш кога е потребно да се истакнат државата и нацијата во однос на одреден настан и момент, токму интонирањето на химната, веењето на знамето и истакнувањето на државниот грб создаваат возвишено чувство и единство кај луѓето.
Химната се интонира во училиштата
Оттука, проблематизирањето на интонирањето на државната химна „Денес над Македонија“ во македонските училишта е – апсурдно. Добро упатените експерти и познавачи на состојбите посочуваат дека во изминативе три децении, дел од албанскиот политички фактор во македонското општество како да не може да се соочи со реалноста дека живее во Македонија, во своја родина, која има свои особености, државотворна традиција и симболи. Македонската химна „Денес над Македонија“ е симбол на македонската држава и како таква ги одразува слободарските стремежи на сите што живеат во Македонија. Секое проблематизирање на македонската државна химна води до поделби во македонското општество и поттикнува (етнички, конфедионални и др.) поделби.
Што покажуваат светските примери?
Концептот за национална химна првпат се појави на европскиот континент во 19 век, а по исчезнувањето на колонијализмот, новите независни нации и држави низ светот составија сопствени химни. Денес практично секоја суверена нација има сопствена национална химна. Во суштина, националната химна е патриотска песна или музичка композиција што е официјално признаена од владата и уставот. Химната најчесто ги одразува историјата, борбите и традицијата на една нација и нејзиниот народ, а се изведува или пее за време на националните празници, особено за време на прославите на денот на независноста.
Во светски рамки националната химна исто така е составен дел од секојдневната рутина во училиштата. Еден мал куриозитет, на пример, во Индија задолжително се изведува пред почетокот на прикажувањето филм во киносалите. Во некои држави, како Кина, националната химна се изведува во одредени периоди од денот преку радио и телевизиски канали. Во соседна Србија телевизиската програма на државната телевизија секој ден започнува со интонирање на химната и соодветен ТВ-спот со веење на државното знаме.
Така различни земји ги промовираат своите национални химни на различни начини. Светската практика исто така покажува дека најголемиот број национални химни се напишани и се изведуваат на официјалниот или националниот јазик на државата од која потекнуваат.
Зошто се проблематизира македонската химна?
Во изминатиов период некои од македонските општини започнаа да ја интонираат македонската химна „Денес над Македонија“ во училиштата. Во градот Скопје, Општина Аеродром прва во основните училишта ја интонираше химната, а потоа и Општина Гази Баба. Бобан Стефковски, градоначалникот на општината Гази Баба, посочи дека одлуката ја донел заедно со сите директори на основните училишта на територијата на општината и дека, без разлика што во оваа општина има училишта со мешан етнички состав, директорите ја започнуваат наставата со македонската химна. Во едно од училиштата во општината Гази Баба кога беше изведена „Денес над Македонија“, присуствуваше и градоначалникот Бобан Стефковски, кој во таа пригода истакна дека интонирањето на химната во училиштата е почит кон својата татковина, а со идентичен став излегоа и од Општина Аеродром.
Меѓутоа со реакција излезе тетовскиот градоначалник Билал Касами, според кого во албанските општини треба да се интонира албанската химна?! Или, во најмала рака, „треба да се смени химната, бидејќи таа не ја одразува мултиетничката различност“, како што рече во јавноста Биљал Касами.
Непризнавањето на државната химна од страна на дел од албанскиот политички фактор е реалност уште од прогласувањето на независноста на македонската државност. Не случајно коалицијата ПДП-НДП го бојкотираше гласањето за химната во 1992 година, а во тој контекст се и постојаните изјави на албанските политичари во Македонија. Нашите соговорници истакнуваат дека албанскиот политички фактор во македонското општество не може да се соочи со реалноста дека живее во Македонија, која како држава има сопствени особености, традиција и симболи. Албанските политички партии во изминативе три децении не успеаја да се ослободат од радикалниот национализам, а тоа се потврдува од постојаните изјави за одделни општини или проблематизирањето на македонската химна.
Познавачите на состојбите и експертите исто така посочуваат дека албанскиот политички фактор не прави разлика помеѓу државен (национален) и етнички симбол, а конкретен пример за тоа е постојаната употреба на албанското државно знаме и покрај фактот дека албанскиот народ има сопствено етничко знаме, кое се состои од црна и црвена боја, но без двоглав орел. Но и покрај тоа, речиси на сите манифестации во организација на албанските партии се појавува албанското државно знаме или знаме на кое е претставена голема Албанија. Нашите соговорници исто така посочуваат дека непризнавањето на македонската химна е во контекст на албанската идеја за сегрегација на македонското општество и затоа се настојува да се изведува албанската држава химна, процес што води кон федерализација на Македонија.
Оној што не ги почитува државните симболи не ја ни чувствува државата како своја татковина
Соговорниците нагласуваат дека непочитувањето на Уставот и законите во македонската држава и општество од страна на сѐ порадикалниот албански политички фактор и постојаните апсурдни (и нелегални) барања доведуваат до сѐ подлабоки поделби во Македонија. Во тој контекст се и многубројните реакции на македонските граѓани по изјавата на тетовскиот градоначалник Биљал Касами за „изведување на албанската државна химна“.
Аналитичарот Сотир Костов нагласува дека секоја држава што сака од мали нозе да ги воспитува децата и младите на култура, а подоцна и на политичка култура, треба да води сметка за нивното воспитување преку државните симболи, меѓу кои и химната.
– Потегот на градоначалниците на Гази Баба и на Аеродром е сосема наместо, младите деца да се воведат во процесот на образованието со заедничко слушање на македонската химна. Тоа е создавање една убава позитивна енергија, која понатаму може да прерасне во синергија што може да се искористи за правилно насочување на децата во воспитно-образовниот процес, процес за кој знаеме дека има многу празнини, а ова е всушност пополнување на една од многуте празнини. Во Америка пред секоја куќа се вее знамето на Соединетите Американски Држави, без разлика дали таму живеат граѓани со различно етничко, расно или конфесионално потекло… Во една таква смисла јас го гледам заедничкото слушање на македонската химна од првачињата. Од мали да чујат кои биле луѓето што ги положиле животите, а метафорично кажано и коските, во основата на државотворноста на Република Македонија. Од Илинден преку АСНОМ до 1991 година, па до денес – вели Сотир Костов. Д.Ст.