По ударот на астероидот што ги збриша диносаурусите
Тоа беше, благо кажано, лош ден за Земјата кога астероид удри во мексиканскиот полуостров Јукатан пред 66 милиони години и предизвика глобална катастрофа, која збриша околу три четвртини од видовите на Земјата и ѝ стави крај на ерата на диносаурусите. Непосредните последици беа шумски пожари, земјотреси, огромни ударни бранови во воздухот и во морињата. Но смртоносниот удар за многу видови беше потенцијално климатска катастрофа во годините што доаѓаа, кога облаците од отпад го затемнија небото и температурите паднаа.
Научниците неодамна ја открија моќната улога што прашината исфрлена во атмосферата од местото на ударот на астероидот може да ја одигра во предизвикувањето на изумирање, задушување на атмосферата и блокирање на процесот на фотосинтеза. Тие пресметале дека вкупното количество на прашина е околу 2.000 гигатони, што е 11 пати потешко од Монт Еверест.
Научниците спроведоа палеоклиматски симулации засновани на талог ископан на палеонтолошката локација Танис во Северна Дакота, кои зачуваа докази за условите по фаталниот удар, вклучувајќи и неверојатно количество прашина.
– Симулациите покажаа дека оваа ситнозрнеста прашина може да ја блокира фотосинтезата до две години и да остане во атмосферата 15 години – рече научникот Џем Берк Сенел од Кралската опсерваторија од Белгија, главен автор на студијата објавена во списанието „Нејчр џиосајенс“.
Претходните истражувања укажаа на два други фактора, сулфур ослободен по ударот и саѓи од шумските пожари. Но, оваа студија покажа дека прашината играла поголема улога отколку што се мислеше. Прашината, односно силикатни честички со големина од околу 0,8-8,0 микрометри што го сочинуваа глобалниот облачен слој, настанале од гранит и гнајс, отцепени во силниот удар што го создаде кратерот Чиксулуб во Јукатан, широк 180 километри и длабок 20 километри. Земјата последователно претрпе пад на температурата на површината за околу 15 Целзиусови степени.
– Со години беше студено и темно – вели научникот и коавтор на студијата Филип Клајс.
Земјата падна во зима, со пад на глобалните температури и колапс на примарната продуктивност, процеси што копнените и водните растенија и другите организми ги користат за производство на храна од неоргански извори, што довело до верижна реакција на изумирање. Како што растенијата умреле, тревопасните животни гладувале, месојадците останале без плен и исчезнале. Во морските области, исчезнувањето на ситниот фитопланктон предизвика колапс на синџирите на исхрана.
– Додека сулфурот останал околу осум-девет години, саѓите и силикатната прашина биле во атмосферата околу 15 години по ударот. Целосното закрепнување од долгата зима траеше уште подолго, а температурните услови се вратија на нивоата пред ударот по околу 20 години – рече Озгур Каратекин, научник и коавтор на студијата на Кралската опсерваторија на Белгија.