Поврзаноста на тероризмот на Балканот со исламскиот фундаментализам, односно вахабизмот, истражувана и анализирана во научни трудови
Дејствувањето на вахабиите на подрачјето на Балканскиот Полуостров им го привлекува вниманието на соодветните безбедносни служби во регионот, но истовремено служи и како поле за соодветна анализа на безбедносните експерти и аналитичари. Еден таков пример е трудот на Драган Станар под наслов „Вахабистичкиот радикализмот како основа на тероризмот на Балканот“, кој се занимава со поврзаноста на тероризмот и вахабистичките учења.
Во својот пообемен труд, авторот најнапред укажува дека вахабизмот, како религиозно движење што има свои корени во Саудиска Арабија, брзо се шири на глобално ниво (финансиски потпомогнато од семејството Сауд, чие огромно богатство потекнува од поседувањето нафтоносни извори и тргувањето со нафта). Со своето радикално салафистичко учење, како и џихадот како централен дел на ова движење, вахабизмот обезбедува идеолошка поддршка за исламистичкиот тероризам. Со доаѓањето на вахабистичките мисионери во регионот на Балканот, во традиционално европскиот ислам на балканските муслимани се јавува радикализација и создавање погодна клима за развој на екстремизмот.
Фундаменталистичкото учење на вахабиите, поддржано не само од исламските земји туку и од некои западни сили, создаде на традиционално нестабилниот Балкан вистинска мека за развој на никулци на тероризам од позиции на исламски фундаментализам.
Денес, ефектите на вахабизмот на Балканот стануваат сѐ повидливи. Речиси нема земја на Балканот каде што не живее муслиманско население, во помал или поголем број. Во сите тие земји се случиле инциденти, помали или поголеми, па дури и терористички напади од страна на исламистите фундаменталисти, и тоа задоени со вахабистичка идеологија. Поради сето тоа уште пошокантно и зачудувачки изгледа однесувањето на државните органи во балканските земји, кои како да игнорираат различни и многубројни предупредувања од страна на експерти за безбедност и тероризам. Непречената работа на некои квазихуманитарни организации, кои служат како покритие за финансиска поддршка за ширење на вахабизмот, а често и за директно финансирање на тероризмот, секако му одат на рака на развојот на милитантниот екстремизам. Доколку сериозно не се пристапи кон овој проблем, тоа сигурно ќе доведе до натамошно ширење на вахабизмот, а со тоа и до нови инциденти и терористички напади.
Куриозитет потврден во праксата на безбедносните служби е дека „сè поголемиот број џамии, вклучувајќи и арапски, величествени и скапи верски и културни центри, како и верските училишта, па и универзитети се предуслов, но и последица на акциите на дејствување на вахабисти“.
Во својата анализа, авторот Станар потенцира дека активностите на вахабизмот на Балканот доведоа и до заострување на меѓуетничките и меѓуконфесионални тензии, а како пример ги наведува Македонија и Рашко-полимскиот Регион во Србија, што дополнително ја комплицира и онака комплицираната безбедносна слика на регионот. Панисламската линија на идеологијата на вахабизмот доведе до поврзување на вахабистичките групи низ целиот Балкан, кои со соработка можат да ја загрози безбедноста на целиот регион. Територии што не се под целосна контрола на власта, како на пример Косово, односно територии во кои климата е доста поволна за активностите на вахабизмот, како што е Босна и Херцеговина, обезбедуваат можност за создавање идеолошки терористички кампови и бази, кои служат не само за ширење на агресивната идеологија на вахабизмот туку и за воено-терористичка обука на исламистички терористи. Со нивните агресивни акции, вахабистите се доведоа до конфликт во речиси секоја исламска верска заедница на Балканот, создавајќи тензии меѓу самите муслимани, што често води до физички, па дури и оружени судири.
Исто така, вахабизмот ја влоши ситуацијата меѓу христијаните, т.е. немуслиманите, со целокупната муслиманската заедница, која, сосема погрешно од страна на мнозинството загрозени немуслимани се идентификува со опасен вахабиски фактор. Со религиозна радикализација на младите, необразованите и претежно сиромашните европски муслимани, по арапскиот модел на исламот, вахабизмот на Балканот со својата „мисионерска“ акција создаде голем број екстремни муслимани, кои се подготвени на терористички активности, на локално, но и на глобално ниво.
Вахабиите од Македонија имаат многу блиски односи со оние во Косово, како и со многу меѓународни вахабистички организации. Голем број муслимани од Македонија што се во дијаспората го прифаќаат и вахабизмот, а главните центри за регрутирање муслимани од дијаспората се Грац во Австрија и Тревизо во Италија.
Интересна е приказната од магистерскиот труд на авторот Станар, дека во Македонија има вахабисти што се занимаваат и со егзорцизам, т.е. „истерување на демоните од опседнатите тела“. При еден таков ритуал, тројца вахабии од Охрид го убиле дваесет и седумгодишниот А.А. во селото Лабуништа. Неговата сестра ги повикала вахабиите бидејќи верувала дека нечисти сили го опседнале нејзиниот брат. Вахабистите го тепале болниот со часови додека не умрел. Кога пристигнал матичниот лекар, можел само да утврди смрт, додека вахабиите побегнале…
Иако се децентрализирани, вахабистите во Македонија одржуваат контакти со вахабистите во Косово, Санџак, Албанија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора, создавајќи вахабистички фронт по должината на целата зелена трансверзала. M.J.