Во последните извештаи на американскиот Стејт департмент, Косово беше препознаено како „база за регрутирање борци на терористички организации во конфликтните зони низ светот“! Според некои податоци достапни во медиумите, околу 400 лица од оваа соседна земја биле во редовите на ИСИС на бојното поле во Сирија. Во претходните години дејствувањата на екстремните исламски групи на Косово беа спречени, но не треба да се исклучи можноста за инциденти секогаш кога ќе се разгори конфликтот на Блискиот Исток, сметаат безбедносните аналитичари
Ескалацијата на Блискиот Исток може да го „потпали“ и регионот
Балканскиот Регион и Косово може да бидат едни од местата во Европа што би било плодно тло за активирање на радикалните исламистички групи, по влошувањето на безбедносната состојба на Блискиот Исток и нападите на Хамас врз Израел. Иако од западните безбедносни служби изјавуваат дека овие парамилитарни организации се држат под контрола на европска територија, експертите не ја се исклучуваат можноста дека терористичките ќелии можат да се активираат. Во последните извештаи на Стејт департментот, Косово беше препознаено како база за регрутирање борци на терористички организации во конфликтните зони низ светот. Според некои податоци, околу 400 лица од оваа соседна земја биле во редовите на ИСИС на бојното поле во Сирија. Во претходните години дејствата на екстремните исламски групи на Косово беа спречени, но не треба да се исклучи можноста за инциденти секогаш кога ќе се разгори конфликтот на Блискиот Исток.
Друг важен фактор што може да влијае на зајакнувањето на исламскиот екстремизам се растечката сиромаштија и невработеноста, како и постојаните безбедносни кризи со кои се соочува Косово. На опасноста од ширење на фундаменталниот радикално-милитантен ислам упатуваат и изјавите на косовските верски лица, за тоа дека на Косово ќе се градат уште 1.000 џамии, со оглед на тоа што верските објекти во минатото често биле користени од екстремни регрутирани и индоктринирани организации. Во периодот од 2014 до 2018 година косовската полиција уапси неколку имами под обвинение за повикување на војна, односно џихад, а еден од најпознатите што во тоа време беа зад решетки беше имамот Шефќет Красниќи. Дополнителен фактор е што институции на Приштина ја изнесоа информацијата дека во Косово од Сирија се вратиле 253 лица.
Геополитичкиот аналитичар Предраг Рајиќ вели дека секоја ескалација на конфликтот на Блискиот Исток го зголемува будењето на екстремизмот во целиот свет, а со тоа и во овој дел од Европа.
– Опасноста од будење на оние ќелии на радикалниот ислам што користат терористички методи постои во последните децении. Во цела Европа и во целиот свет видовме такви акции. Тоа го имаше и во ЕУ, Руската Федерација и САД во 2001 година. Така што таа опасност генерално постои – вели Рајиќ за „Политика“.
Воениот аналитичар Владе Радуловиќ вели дека безбедносните служби треба да бидат внимателни, со оглед на искуството од претходните години и фактот дека голем број косовски Албанци му се приклучија на ИСИС и се бореа во неговите редови.
– Косово беше прво на листата по бројот на борци на страната на екстремната ИСИС по население. Кога зборуваме за можноста за будење на радикалниот ислам на Косово, треба да знаеме дека членовите на Хамас ги повикаа сите муслимани да се борат не само против Израел туку и против западниот свет. Ако се вратиме неколку години наназад, во 2015-2017 година и анализираме некои настани што се случија на територијата на Косово и Метохија и информациите што дојдоа од НАТО, па дури и од самата косовска полиција, кога кај припадници на Исламската држава и џихадистите на Косово имаше и планови за напади врз членовите на КФОР, меѓународните мисии на Косово, се чини дека има врска, односно дека постои можност оваа линија да проработи – вели Радуловиќ за „Косово онлајн“.
По нападите што се случија пред неколку дена во Франција, властите во оваа земја изјавија дека постои врска помеѓу тоа насилство и она што се случува во Израел и Палестина.
– Ако по нападот на Хамас врз Израел се прошири конфликтот во Појасот Газа, никој не може да ја исклучи опасноста од радикалниот ислам на Космет – смета Срѓан Симоновиќ од НВО „Хуман центар“ од Северна Митровица. Тој наведува дека безбедносниот систем на Косово го контролираат западните служби, што, според него, спречува појава на исламски радикални групи во поголем број, но додава дека никој не може да гарантира дека нема опасности.
– Албанската заедница во Космет го исповеда сунитскиот ислам на групата Ханафи, што не е толку радикално. Всушност, таква група е идентична во Палестина. Тој радикален ислам беше доста добро потиснат на територијата на Косово во изминатиот период – појаснува Симоновиќ.
Тој го истакнува фактот дека косовската влада направи доста добра работа со ресоцијализацијата на повратниците од Сирија, а некои од нив беа осудени на долги затворски казни. Сепак Симоновиќ потенцира дека постои ризик ако се прошири конфликтот во Газа и ако ги вклучи Иран, Сирија, Либан. М.Ј.