Фото: Игор Бансколиев

Во овој фељтон разгледувам еден сегмент од пропагандните војни во Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во споменатиот период, Македонија е арена на пропагандни активности и конфронтации меѓу грчката, српската, бугарската и романската пропаганда. Во натпреварот за македонското православно население, пропагандите не избирале средства и методи. Притоа највулгарно биле злоупотребувани елементарните верски, просветни и хумани потреби на македонскиот народ за наметнување национална свест за политичките претензии на спонзорите. Во пропагандниот натпревар за „душите на живите“ не биле поштедени ниту мртвите. Притоа започнала една бизарна битка за гробишта и мртовци, која е непоимлива за христијанскиот морал и етика, како и воопшто за човечкиот разум. Во прилогов загатнувам еден сегмент од пропагандната војна во османлиска Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 век, кој досега не бил обработуван. Станува збор за една бизарна „битка за гробишта“ меѓу православните христијански заедници во Македонија. Во историската литература може да ce сретнат само некои морничави фрагменти од оваа „битка за гробишта“, кои ce спомнати колку за илустрација на суровоста на пропагандите и човечката безобѕирност

Во овој фељтон разгледувам еден сегмент од пропагандните војни во Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во споменатиот период Македонија е арена на пропагандни активности и конфронтации меѓу грчката, српската, бугарската и романската пропаганда. Во натпреварот за македонското православно население, пропагандите не избирале средства и методи. Притоа највулгарно биле злоупотребувани елементарните верски, просветните и хумани потреби на македонскиот народ за наметнување на националната свест за политичките претензии на спонзорите. Во пропагандниот натпревар за „душите на живите“ не биле поштедени ниту мртвите. Притоа започнала една бизарна битка за гробишта и мртовци, која е непоимлива за христијанскиот морал и етика, како и воопшто за човечкиот разум. Во прилогов загатнувам еден сегмент од пропагандната војна во османлиска Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 век што досега не бил обработуван. Станува збор за една бизарна „битка за гробишта“ меѓу православните христијански заедници во Македонија. Во историската литература може да ce сретнат само некои морничави фрагменти од оваа „битка за гробишта“, кои ce спомнати колку за илустрација на суровоста на пропагандите и човечката безобѕирност
На 24 март (стар стил) 1910 година во с. Елшен (Серско) починала Ангелина Атанасова, која според црковната определба припаѓала кон Бугарската егзархија. Овој пат патријаршистите примениле друга тактика. Двајца гркомани, „работници за грчката пропаганда“, заедно со Таксим-чауш и Абдулрахман-онбаша, отишле во куќата на покојната, го претепале нејзиниот зет Никола Начов, a потоа насила го зеле телото на покојната и го однеле в црква. Покојната без согласност на семејството била опеана од грчки (патријаршиски) свештеник, a потоа била погребана на селските гробишта. Истиот ден, егзархискиот кмет на селото заедно со азите (советници) и тепаниот Н. Начов отишле во Сер да му ce пожалат на мутесарифот. Истовремено тепаниот Начов, чие лице било прекриено со модринки, обезбедил лекарска потврда за повредите.
Во врска со овој случај реагирал и управникот на егзархиската митрополија – архимандритот Иларион. Тој на Казим-беј (мутесариф) му врачил жалба со која протестирал за нарушувањето на законитоста и нагласил дека тоа било сторено со содејство на претставниците на јавната власт што настапиле како „послушни орудија на грчката пропаганда“. Истовремено изјавил дека лично ќе замине за с. Елшен за да го откопа трупот на покојната и тој да го изврши опелото на бугарски начин.
Мутесарифот, поаѓајќи од искуството дека тоа може да предизвика инцидент од пошироки размери, на Иларион му одредил придружба од десетина стражари, на чело со жандармерискиот јузбашија.

Иларион бил пречекан во селото од сите егзархисти, a потоа телото на покојната било откопано и по извршеното опело на „бугарски начин“ повторно било погребано. Од распитот што бил спроведен од архимандритот и според спроведената анкета од страна на јузбашијата било констатирано дека Таксим-чауш и Абдурахман-онбаша, кои содејствувале со патријаршистите, всушност биле поткупени.
Битката за гробиштата не ce водела само меѓу патријаршистите и егзархистите. Таа битка за мртовци и гробишта го засегнала и оној дел од влашкото население во Македонија што под влијание на романската пропаганда почнало да ja отфрла Цариградската патријаршија и да бара богослужба на романски јазик. Поради тоа овој дел од влашкото население дошол во конфликт со патријаршијата, меѓу друго и по прашањето за начинот и местото на погребување на мртвите.
На 6 октомври 1903 година во Битола починал Апостол Маргарит – главен протагонист на романската пропаганда меѓу влашкото население во Македонија. Според Аугуст Крал (австроунгарскиот конзул од Битола), А. Маргарит со својата смрт дал можност за „успех на неговата партија“. Оваа констатација ce должи на фактот што за погребот на А. Маргарит бил определен посебен локалитет, каде што во иднина ce погребувало влашкото население што било под влијание на романската пропаганда. Фактот што еден конзул тоа го оценил како „успех“ укажува за жестокоста на борбата за гробиштата во Македонија.
А. Маргарит како главен двигател на романската пропаганда бил анатемисан од патријаршијата. Според тоа, не бил достоен да биде погребан од грчки свештеник и во грчки гробишта. Меѓутоа, битолскиот патријаршиски митрополит од прагматични причини ce обидел да го искористи случајот. Затоа предложил починатиот да биде опеан во патријаршиската црква, но на грчки јазик, дури изразил и готовност самиот да присуствува на погребот. Прашањето за погребот на А. Маргарит го искористила и Романија. Таму сметале дека покојниот не треба „да биде погребан на грчка земја и со грчки свештеници“ бидејќи цел живот ce „борел против тоа“. По инструкции на романскиот министер за надворешни работи, ce пристапило кон купување плац за гробишта во близината на патријаршиските гробишта. Оваа иницијатива ce обидел да ja осуети патријаршискиот митрополит. Тој изјавил дека лично ќе го погребе и романскиот конзул ако умре во Битола. Сепак, Власите успеале да купат плац за погреб на Апостол Маргарит. По неколку дена, балсамираното тело на Маргарит било погребано со сите почести во присуство на повеќе претставници од дипломатскиот кор во Битола, освен од грчкиот конзулат.

Иако прашањето за гробишта за пророманска заедница во Битола навидум било решено, патријаршијата не ce откажувала лесно. Во таа смисла создавала проблеми за начинот и местото на погребување. Во почетокот на 1904 година, проромански ориентираните Власи од Битола едвај со сила го одзеле телото на еден починат жандарм од грчките свештеници и го погребале со влашки свештеник на романски јазик на плацот покрај А. Маргарит.
Патријаршиската митрополија во Битола не можела да ce помири со фактот дека почнале да ѝ „бегаат и мртовците“, затоа ja заострила борбата барем нив да ги зачува за себе. На 10 јуни 1904 година во Битола починал Влавот Христо Димитри од пророманската партија. Неговото семејство за опевање на покојниот повикало романски свештеник од с. Гопеш. Дознавајќи за тоа, другиот ден кај семејството на починатиот лично дошол патријаршискиот митрополит и почнал да ги убедува погребот да го изврши грчки свештеник. Меѓутоа, предлогот бил одбиен. Тогаш навредениот митрополит побарал власта да ги уапси влашките (романски) учители што ce наоѓале кај семејството на починатиот, под изговор дека го навредиле. Во меѓувреме, пред куќата на покојниот ce собрале триста проромански ориентирани Власи, кои добиле поддршка од егзархиската заедница.
Притеснетиот грчки владика бил принуден да бега низ прозорец. Попладнето пред куќата на покојниот ce собрале прогрчки ориентираните Власи и не дозволувале да ce изнесе мртовецот без грчки свештеник. Поради тоа покојниот не бил погребан. На третиот ден, прашањето за погребот на покојниот Димитри ce нашло пред месниот совет (идаре меџлис). Таму со пет глaca за и три против било решено да му ce дозволи на семејството на покојниот само да избере со каков свештеник ќе го организира погребот. И покрај таквата одлука на советот, прогрчки ориентираните Власи и понатаму ja држеле под опсада куќата на покојниот, не дозволувајќи тој да биде изнесен и погребан. Во меѓувреме околу куќата дошло до физичка пресметка меѓу завојуваните влашки страни. Бидејќи биле летни горештини, a телото на покојниот веќе трет ден не било погребано, власта наредила покојниот да ce балсамира. И по третиот ден ниедна од двете страни не сакала да попушти. На крајот прашањето стигнало до Цариград. Оттаму дошла телеграфска заповед покојниот да ce погребе на неутрален терен од жандарми без присуство на свештеник.

Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев

(Крај)