И покрај долгогодишното истражување на археолошките богатства на Египет, истражувачите продолжија да откриваат нови тајни и мистерии од античките локалитети, се вели во соопштението објавено од универзитетот „Јулиј Максимилијан“ од Вирцбург. Истражувачи од Египет и Германија открија нови простории во Сахуровата пирамида. Напорите, предводени од египетско-германскиот египтолог д-р Мохамед Исмаил Калед, ќе помогнат да се расветли архитектурата на пирамидата на вториот крал од Петтата династија (2400 г. пр. н.е.) и првиот крал што бил погребан во Абусир.
Ископувањата започнаа во 2019 година, кога истражувачите почнаа да работат на стабилизирање на потструктурата за да може безбедно да започне истражувањето. За првпат, тимот успеа да ги обезбеди погребните одаи на кралот на Абусир.
Тимот ги откри оригиналните димензии на комората и контурите на предворјето, кое беше тешко оштетено. Благодарение на ова откритие, истражувачите успеале да откријат нови ѕидови, кои ги скриле срушените стари. Тешко е оштетен источниот ѕид на предворјето, а сѐ уште се гледаат само североисточниот агол и околу 30 сантиметри од источниот ѕид.
Нискиот премин првично откриен во 1836 година од Џон Перинг е ископан. Кога тимот наишол на тунелот што се распаѓал, тој бил целосно исполнет со урнатини и тимот не можел да помине низ него. Истражувачите успеаја да ја докажат теоријата на Перинг дека преминот водел до магацин. Досега се откриени осум складишта.
Користејќи најсовремена технологија, вклучувајќи и ласерско 3Д-скенирање со преносливиот скенер „лидар“ на „Геослем“, истражувачите соработуваа со тимот на 3Д-геоскен за да спроведат детални истражувања во внатрешноста на пирамидата. Користењето на оваа технологија му овозможи на тимот да изгради сеопфатно мапирање и на обемните површини на отворено и на тесните коридори и комори внатре, пишува „Џерусалем пост“.