„Букстар 2023“
Вечерта беше резервирана за разговор со омилените автори на македонската читателска публика Миљенко Јерговиќ (Хрватска/БиХ) и Лидија Димковска (Македонија). Јерговиќ и Димковска сега за првпат седнаа еден покрај друг на книжевен разговор, иако нивното творештво е толку податливо за такво нешто. Миљенко Јерговиќ е босанскo-хрватски писател и новинар, еден од најзначајните балкански писатели, кој со својата книжевна и вонкнижевна работа се издигна во една од најживописните фигури на регионалната јавна сцена. Неговите раскази и романи се преведени на триесетина јазици. Јерговиќ моментално живее и работи во Загреб, Хрватска.
Лидија Димковска, пак, е поетеса, романсиерка, есеистка и преведувачка, која од 2001 година живее во Љубљана, Словенија, работи како писателка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик.
Публиката на „Букстар“ вистински уживаше во инспиративниот разговор со овие исклучителни автори. Настанот го модерираа Александар Маџаровски-Читачот и Билјана Црвенковска. Главни теми на вечерта беа домот и вдоменоста, татковината, пишувањето во туѓа средина, Балканот и неговите проклетства и благодати.
– Мојот двоен идентитет го почувствував и денеска, прво кога се фотографирав со странските автори, а потоа и во другата група, со домашните. Балканот е апсолутно фасцинантен, книжевно ме инспирира и провоцира, сето она што е грдо, целиот тој хаос е податлив за литературата. Можеби во животот редот и мирот се пожелни, но во литературата е сосема обратно – рече Димковска.
Според Јерговиќ, денешната превласт на автофикцијата, писателите да пишуваат за своите животи, е примамлива, кул, има нешто смирувачко во неа, но зад сето тоа стои една позитивна измама, бидејќи раскажувањето приказни само по себе е фикција, не може да биде автофикција. Човечките животи по природа се фасцинантни и фантастични. Такви се приказните што некогаш се раскажуваа во купеата на југословенската железница и мислам дека најголемата неволја не е распадот на Југославија, туку токму на железницата, ја изгубивме таа можност да ги слушаме тие приказни – рече Јерговиќ на почетокот на разговорот во киното „Фросина“ на МКЦ.
Зборувајќи за поимите на домот, се начна и темата на сопствената татковина.
– Прекрасен е македонскиот збор за тоа – татковина. Хрватите го присвоија домовина, а Србите отаџбина, иако и двата збора му припаѓаа на српско-хрватскиот јазик. Македонците го имаат тој збор татковина, кој од наша српско-хрватска перспектива звучи нежно и по малку комично. Затоа што тие македонски патријархални татковци против кои се борат македонските ќерки, добиваат снижено значење со зборот татковина, татко, тато… звучи понежно одошто отац. Оттука, има нешто тажно под зборот резервна татковина, кој го користи Лидија. Тоа во суштина значи дека си без татковина. Едната си ја напуштил, а другата си ја стекнал, ама тоа не може да се стекне, татковината не е автомобил,. па да го купиш.
А сите ние всушност имаме една чудна психотична ситуација, сите сме останале без една голема татковина, за која нѐ убедуваа дека е сѐ, а потоа нѐ убедуваа дека треба да се срамиме од неа, од тоа сѐ. Да се однесуваме кон Југославија како кон некоја забранета сексуалност, така што сите на овие простори имаме еден сериозен татковинско-сексуален проблем за кој стануваме свесни кога ќе останеме сами дома – рече Јерговиќ.
За Димковска, идентитетските прашања, со кои особено се соочила откако ја напуштила Македонија, станале посебно важни за нејзината литература, станале податлив книжевен материјал. Јерговиќ, пак, кажа дека секаде се чувствува како странец, и во Загреб и во Босна, освен во сопствените станбени простори, но кога ќе го пречекори куќниот праг – тој веќе е во странство.
– А колку сум постар толку помалку ме интересира да одам во она вистинско странство, во Палма, на пример, или во Куба. Не знам што би правел со нив во книжевна смисла. Имам и премногу територии за да се качувам на Хималаите и да размислувам за една таква позиција… Овој простор што се протега од Трст до Солун е фантастичен за книжевноста, иако можеби не и за еден удобен граѓански живот – рече Јерговиќ.
Зборувајќи за тоа што е добра литература, Лидија кажа дека тоа се оние писатели и книги со кои може да се идентификува, да се запраша како пишуваат за неа, а не ја ни познаваат, со таквите книги доживува катарза и сознание. Јерговиќ посочи дека литературата не смее да забавува, дека литературата треба да вознемирува, затоа што утехата е во вознемирувањето, а спротивно на тоа не е очајот, туку е тапост, затапеност, смрзнатост.
– Книжевноста како разонода е вулгарна, простачка, треба да се забрани со закон. Таа не треба да зборува за општи теми, туку за конкретни места, луѓе, добрата литература секогаш е локална. И најважно од сѐ, таа не е мода – заклучи Јерговиќ. В.Д.