Кон корејско-американската романтична драма „Паст лајвс“ („Претходни животи“) на режисерката Селин Сонг, „Паст лајвс“ (2023)
Рецензија
Меѓу нас, вљубениците во филмот, или како што некој милува да ја нарече седмата уметност, неретко на шега се проткајуваат две аксиоми. Едната гласи: „Луѓето што ти кажуваат добри филмови се важни“, а другата: „Не кажувај добри филмови на тапа луѓе“. Различни групи луѓе ја практикуваат едната или другата аксиома. Јас не знам во која од овие групи припаѓам, но „Паст лајвс“, според мене, е филм што сакав да го задржам само за себе. Со тоа сакав да ги заштитам неговиот блесок и топлина, а наедно и да го скријам од непотребна комерцијализација и популарност. За жал, или за среќа, не успеав. Зашто тој плени и опива со својата магија, па просто е невозможно да не се зборува за него. Со тоа го преземам ризикот некои луѓе да останат тотално заслепени од силниот блесок на овој корејско-канадско-американски „дијамант“.
Филмот-деби на режисерката Селин Сонг е мек, отмен и софистициран, но неговиот ненадеен силен удар врз вашите сетила ќе остави длабока лузна. Тој со своето дејство доаѓа тивко, нечујно и ненаметливо, но како гром од ведро небо ве нокаутира со својата едноставност, но и со својата елеганција и раскош во исто време. Како и во филмот „Најлошата личност на светот“, тој со својата моќна приказна за луѓето што не се сигурни за своето место под сонцето ги остава гледачите со скршени срца. Приказна за двајца што несомнено се совршени еден за друг, но животот и светот во кој се наоѓаат има други планови за нив.
Ова е патувачки филм. Тој патува низ неколку декади, низ два континента и три држави, но сепак останува цврсто врзан за минатото на главните ликови и нивната приказна. На почетокот на филмот, Хае Сунг (Тео Јо), Нора (Грета Ли) и Артур (Џон Магаро) седат во бар, а нараторски глас пробува да ги одгатне нивните релации, односи и динамика. Во следниот кадар сме вратени 24 години назад, во Јужна Кореја, Сеул, родниот град на Хае Сун и Нора (која тогаш се викаше Јанг), каде што тие двајца живеат како деца и растат заедно. Тие се две шармантни мали души. Во нив спонтано и невино се раѓа чиста детска љубов. Нора добива послаби оценки, но Хае Сунг е млад џентлмен и настојува да ја теши, додека таа станува свесна за својата некомпетитивност во споредба со него. Сепак животот е суров спрема нив, па Нора со своето семејство се сели во Торонто, Канада, а нивниот контакт се губи.
Сѐ до моментот кога 12 години подоцна не се обновува повторно. Од тој момент натаму, режисерката настојува да нѐ држи во допир со нивната деликатна љубовна приказна што во ниеден момент не ја премина границата на платонското.
Филмот главно се фокусира на Нора. Нејзиниот лик е централен. Таа е навидум успешна писателка што навидум цели кон Нобеловата или Пулицеровата награда, но не оди сѐ според нејзиниот план. Таа завршува во мал стан во Њујорк, заедно со својот сопруг Артур, исто така писател. Тие заедно мирно пливаат низ водите на медиокритетот.
Повторното појавување на Хае Сунг додава слатко-кисел вкус во нејзиниот живот. Но и животот на нејзиниот сопруг Артур не останува незачинет. Во меѓувреме, Хае Сунг прераснал во убав маж, воспитан во духот на традиционална Кореја. Тоа не ѝ дава мир на Нора и ја враќа кон нејзините корени, кои таа толку силно пробува да ги заборави и остави зад себе.
Ова маестрално филмско деби на режисерката Селин Сонг го следи патот на Нора и Хае Сунг, кои од еден рурален дел на Сеул животот ги разделува на различни патишта, но повторно ги обединува по 12 години. По краткото виртуелно обединување, тие се разделуваат. Поминуваат уште 12 години и повторно се поврзуваат по вторпат.
Kако една од водечките теми во филмот се наметнува имиграцијата.
„Губиш цела култура и јазик, кои ти беа единствениот јазик и култура, но почнуваш нов живот“, вели Сонг. „Она што го оставате зад себе е толку јасно, но го правите тоа со надеж дека ќе добиете нешто ново и подобро“. Најважно во сето тоа е балансот, кој е и клучен дел во практикувањето на многу источни филозофии и религии. Секогаш мора да се излезе од едно поглавје за да се започне со ново. Во целиот тој процес се предвидени и одредени жртвувања.
„Паст лајвс“ е филм што има мирис на старо корејско буре за ракија и вкус на скап американско-канадски бурбон. Сето тоа зачинето со прекрасна кинематографија, маестрална глума што оди по маргините на човековата емотивност и софистициран њујоршки џез што ги гали вашите сетила. Сензуалноста ја надминува дури и онаа на легендарниот „Изгубени во преводот“ на Софија Копола, со кој има мошне многу сличности.
Филмот отвора многу прашања поврзани со човековото постоење, „осумте слоеви“ на животот и ве тера да помислите и да се запрашате себеси дали сте и вие во вистинскиот слој? Дали тоа што го живеете е вашето најдобро место и време? Дали вашите одлуки се прави и вистински и дали се донесени од љубов? Дали можевте да направите подобри животни избори или ќе се задоволите со тоа што животот ви го наметнал како избор во тој момент?
Игор Манојловски