ФОТО: Маја Јаневска Илиева

Во неодамнешното интервју за реномираниот германски медиум „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека сега е „мошне сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања“… Во јавноста, промената на наративот од Османи за големата веројатност за идни условувања од страна на Бугарија се дочека со висока доза изненаденост поради неконзистентноста на приодот на МНР кон ова прашање, меѓутоа политичкото „салтомортале“ исто така се оцени како „политичко просветлување“ и вовед во еден сосема дијаметрално спротивен пристап во односите кон асиметричните меѓународни договори претходно прифатени, на штета на Македонија, и барање нова насока „во добра волја“ во евроинтегративните процеси

Повод: Надворешнополитичкото салтомортале на министерот Бујар Османи

Откако повеќе од една година од обзнанувањето на т.н. француски предлог на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија министерот за надворешни работи Бујар Османи на сите начини (и со цртање на табла) настојуваше да докаже дека нема да има нови услови од Бугарија во преговарачкиот процес на Македонија, ако бидат спроведени уставните измени што ги бара официјална Софија…, во неодамнешното интервју за германскиот медиум „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) практично ги „фрли во вода“ сите свои претходни заложби за убедување, пред сѐ, на македонската јавност.
– За жал, често сме биле разочарани, а динамиката во бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден. Мошне сум сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања – одговори Османи на прашањето „дали има гаранции оти Бугарија нема да поставува натамошни барања по евентуалното усвојување на уставните измени“.

Бугарија има нечесни намери, но нема идентитетска опасност за македонскиот народ (?!)

Ваквиот пресврт во согледувањето на реалноста на Османи за намерите на Бугарија со условите што ѝ ги поставува на Македонија на патот кон ЕУ, во македонската јавност сепак е прифатен со резервираност, која произлегува од недовербата за целта што би требало да се постигне со ваквата неочекувана промена на ставот. Во медиумите, промената на наративот од Османи за условувањата на Бугарија се оценува како политичко „салтомортале“ на Владата за сепак да се стигне до уставните измени, со признавање на сите ризици од бугарските условувања, кои сепак треба да се прифатат за да се влезе во процедура за членство на Македонија во ЕУ.
– Но за мене е важно што е на агендата на ЕУ, ништо друго. Ние постигнавме компромис со Бугарија, акциски план за малцинствата. Сакаме темата да ја префрлиме од историски интерпретации и идентитетски прашања кон човековите и малцинските права, затоа што во тоа сме добри. Тоа го кажувам како човек што не доаѓа од најголемата етничка група во земјата. Македонија изгради уникатен модел на функционална мултиетничка демократија, наспроти сите скептици што сметаа дека тоа на Балканот не е можно – вели понатаму Османи во интервјуто.
Шефот на македонската дипломатија смета дека анкетите, кои покажуваат оти големото мнозинство граѓани се против уставните измени, се погрешно интерпретирани, повторно застапувајќи ја тезата дека нема опасност од идентитетска загрозеност на македонскиот народ од уставните измени за дополнување на преамбулата со Бугарите како „дел од народ“.
– Граѓаните го отфрлаат вметнувањето на идентитетско-политичките конфликти во процесот на проширување на ЕУ, но од претстојните уставни измени нема таква опасност, напротив – посочува Османи и дополнува дека тие „ќе ја зацврстат и прошират мултиетничката демократија“.
Во интервјуто, Османи признава и дека е свесен за опасноста дека некои кругови во Бугарија ќе се обидат да ја злоупотребат ситуацијата на над 80.000 (според германскиот ФАЦ) македонски државјани што поседуваат бугарски пасоши.
– Знам дека зад барањата за малцинските права стојат нечесни намери. Но, за мене, поголема закана е дека сѐ додека нашите граѓани не се дел од ЕУ, тие ќе бидат принудени да аплицираат за бугарски пасоши од социјални и економски причини – наведува Османи во интервјуто за ФАЦ.

Сега, да му се верува на министерот за надворешни работи?!

Уште во средината на јуни, оваа година, пред само два и пол месеци, министерот Османи со прекорувачка категоричност спрема најголем дел од македонската јавност, која е на ставот дека предложената преговарачка рамка е неприфатлива, уверливо тврдеше дека „Бугарија не може да постави нови услови“.
– Бугарија не може да постави нови услови бидејќи преговарачката рамка е затворена. Таа не може да се отвори ниту по барање на нашата опозиција ниту по барање на бугарската опозиција – изјави Османи на 15 јуни, повикувајќи да се затвори темата од македонска страна.
– Да ја затвориме темата дека утре може некоја бугарска влада да каже „имаме нов услов“. Нема нов услов. Преговарачката рамка е затворена – упорно тогаш тврдеше Османи.
Интервјуто на Османи за ФАЦ имплицитно го става под сомнеж и тврдењето на премиерот Ковачевски во обраќањето пред пратениците на 18 август, на седницата за расправа и гласање за потребата од отворање на Уставот, токму за дополнување на преамбулата со нови малцинства, пред сѐ со нагласено условување за Бугарите.
– Нови барања нема! Билатералните прашања не се пречка во понатамошното исполнување на условите за влез во ЕУ и ново вето нема да има. Тоа е вистината – кажа Ковачевски од собраниската говорница.
По самодемантирањето на Османи во реномираниот германски медиум (ФАЦ), во македонската јавност доминира амбиентот што го наметнува прашањето: во кој случај натаму треба да му се верува на министерот за надворешни работи, а и на Владата, кога станува збор за условите (главно нестандардни и непринципиелни) за македонските евроинтеграции. Клопчето на (не)довербата се одмотува и до перцепцијата на меѓународен план за сериозноста, доследноста и подложноста на манипулативни договори… на официјалните претставници на македонската власт. Конечно, најакутно е прашањето дали македонската надворешна политика увиде дека стратегијата за евроинтеграции, со постојана попустливост на неразумните услови што ѝ се поставуваат, не е најефикасна, но битно е дека е подготвена за одбирање нови решенија.

Со предложената преговарачка рамка не е можно членство на Македонија во ЕУ

Искусниот македонски дипломат Ристо Никовски смета дека Бугарија всушност и нема потреба да поставува нови услови, зашто сите нејзини ирационални барања се всушност вградени во постојниот француски предлог на преговарачката рамка, кој Македонија треба да го прифати, првично со изгласување на уставните измени.
– Последните изјави од интервјуто на Бујар Османи за ФАЦ не само што се многу контрадикторни (бидејќи досега го тврдеше спротивното) туку се и целосно погрешни. Бугарија нема никаква потреба да поставува нови услови, ама е стриктно определена да бара целосно исполнување на сите будалаштини што сме ги прифатиле во вториот протокол и кои се поединечно наведени во преговарачката рамка. Во суштина, во неа прецизно се дефинира дека напредокот на Македонија кон ЕУ ќе се реализира само преку исполнување на задачите што преку историско-образовната комисија ги поставува Софија. Накратко да резимираме и не пречи да повториме уште еднаш: сите знаеме што бара Софија – поточно дека ние Македонците сме биле Бугари до 1944 година. Најпросто кажано, тоа значи дека и Гоце Делчев, и Илинденското востание… сѐ било бугарско. Најлогично е да се очекува дека нашиот дел од комисијата (каков и да е) никогаш нема да може да се согласи со тоа. Значи, според предложената преговарачка рамка, за Македонија не е можно членството во ЕУ – вели дипломатот Ристо Никовски.