Во пораката на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, индикативен е делот за „безбедноста на граѓаните“ во врска со инцидентот во Косово и инстантната поддршка на косовските институции: „Актите на насилство нема да ја поткопаат стабилноста на Косово. Безбедноста на граѓаните на прво место“, рече Османи. Некако недоречено, според нашите соговорници аналитичари, при што е нејасно „дали се мисли на сите граѓани на светот, вклучувајќи ги и граѓаните на Македонија, или само на безбедноста на граѓаните на Косово?“ Затоа што со овој чин, но и со долевањето масло на политичките тензии во регионот од страна на политичари што се дел од структурите на власта на нашата држава, неодговорно, токму со таква форма на изјави се загрозува и безбедноста на македонските граѓани
Регионални и домашни политичари распалија по безбедноста на државава со „муниција“ од Косово
По оружениот инцидент во Косово, со четири жртви, што предизвика сериозна загриженост и во Македонија за безбедносните импликации во земјава, вербалната пресметка со барање виновник за случувањето со крвав исход, продолжи на политичко, па и на меѓународно ниво. Во таквото вербално-политичко обвинување и докажување, Македонија се најде како колатерална жртва, терен и аргумент во своевидната пропагандна војна на политичарите од нејзиното соседство, со непринципиелно долевање „масло во огнот“ и на дел од политичарите од албанскиот блок во Македонија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференцијата за крвавиот судир во косовското село Бањска ја спомена и Македонија во контекст на, според него, двојниот критериум на т.н. меѓународна заедница.
– Кога имаше таков вид судир во С. Македонија, светот тоа го запираше, правеше разговори и договори. Денеска рекоа: „Убијте ги сите“ – изјави Вучиќ. Според аналитичарите, тој веројатно сакаше да направи паралела со неколкуте убиства во изминатите дваесетина години над македонски полицајци, од страна на сторители со албанско етничко потекло. Во оваа изјава на Вучиќ, според соговорниците со кои се консултиравме, би можело да се препознае и неиспорачувањето од страна на Косово на двајцата осудени и првообвинети извршители на масакрот кај Смилковско Езеро, покрај Скопје, на пет невини цивилни жртви…
За издвојување е настанот што коинцидираше со инцидентот во Косово. Имено, вечерта од истиот ден кога се случи крвавиот инцидент во Косово, на плоштадот „Скендербег“ во Скопје се појавиле лица со транспарент и чудна порака: „Долга река Ибар, крв од Планина. Две глави има орелот, а една е Митровица“. На фотографија, објавена на социјалните мрежи, која го документира „перформансот“, се гледаат десетина лица што го држат транспарент со пораката, а нивните лица се замаглени за да не бидат препознаени.
Претставниците од македонската влада, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи Бујар Османи, изразија жалење и го осудија инцидентот во Косово и сите што придонеле тој да се случи, давајќи „целосна поддршка за КФОР и сите нивни идни активности, кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во регионот“.
Но лидерот на партијата Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, беше поексплицитен во поддршката во однесувањето во целата ситуација на косовскиот премиер Албин Курти, па дури овој инцидент го искористи за дневнополитичко поентирање во политичкиот амбиент во Македонија.
– Го повикувам меѓународниот чинител итно да преземе мерки, да изврши притисок врз српскиот претседател Александар Вучиќ да ги почитува и да ги спроведе сите договори за признавање на Косово. Бараме ЕУ и САД да го поддржат Косово во сите негови напори за заштита на мирот и стабилноста не само на територијата на Косово туку и на целиот Балкан. Затоа што нападот од утринава докажува дека Србија сака да има војна во Косово и во Балканот и оти таа ќе започне со Албанците.
Како претседател на движењето Беса и на целата партија, која ја претставувам, целосно ги поддржуваме Косово и премиерот Албин Курти. Подготвени сме за секаков вид поддршка. Изразив сочувство до семејството на убиениот полицаец и до целиот народ на Косово. Барам Владата на Македонија да се откаже од иницијативата Отворен Балкан, која претставува српски проект. Во Отворен Балкан остануваат само Али Ахмети и Димитар Ковачевски. Посакуваме оваа акција на Србија на територијата на Косово да биде последна и се надеваме оти меѓународниот чинител ќе биде на страната на Косово и ќе ги заштити мирот и стабилноста на Балканот – напиша на социјалните мрежи Билал Касами, уште истиот ден кога се случи инцидентот во Косово со жртви на двете страни.
Индикативен е делот за „безбедноста на граѓаните“ во пораката на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој во поддршката за Косово наведува: „Актите на насилство нема да ја поткопаат стабилноста на Косово. Безбедноста на граѓаните на прво место“. Некако недоречено е дали се мисли на сите граѓани на светот, вклучувајќи ги и граѓаните на Македонија, или само на безбедноста на граѓаните на Косово? Зашто со овој чин, но и со долевањето масло на политичките тензии во регионот од страна на политичари што се дел од структурите на власта на државата Македонија, загрозена е и безбедноста на македонските граѓани. Ј.П.