Меѓу предлозите за измените на правилата на работењето на граничното управување и постапување на земјите од шенген-зоната е и правилото „доколку постојат оправдани причини за идентификувана и непосредна закана од тероризам, да се заостри режимот на преминот на границите до осум месеци“. Што значи дека, доколку се има таква процена, ќе важат низа заострени правила на граничните премини.
Меѓутоа, ако заканата сè уште е присутна, министрите на Владата на ЕУ може да одобрат продолжување на споменатиот рок… Постојат ли некакви разузнавачко-безбедносни индиции што идентификуваат „оправдани причини за непосредна закана од тероризам“ или, пак, во прашање се вообичаени превентивни трендови поради општата нарушена безбедносна состојба како последица на руско-украинскиот спор?
Европската Унија подготвува нови правила за граничните контроли
Пратениците на Европската Унија во наредните денови ќе започнат преговори за ревизија на Шенгенскиот граничен кодекс, во обид да ги усогласат правилата за гранични контроли или нивно укинување, во случаи како здравствена криза или друг вид закани.
Законодавството, кое првично беше предложено од Европската комисија во декември 2021 година, беше усвоено од страна на европратениците во Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент во средата. Во новиот документ се разјаснуваат правилата за тоа кога преминот на границите на шенген-зоната може да се заостри и кои решенија можат да се применат за специфичните видови закани. Ситуациите што можат да предизвикаат зголемување на граничните контроли се „големи јавни прекугранични здравствени итни случаи, кои дозволуваат привремени ограничувања за влез во шенген-зоната“. Сепак, граѓаните на ЕУ, лицата со долгорочен престој и барателите на азил ќе бидат изземени од мерката.
Поефикасна прекугранична безбедносна соработка
Во одобрениот текст, понатаму се промовира прекугранична полициска соработка и се предвидува можност за враќање на „нередовните“ државјани на трети земји во други земји на ЕУ доколку има доволно докази дека поединецот поминал низ друга земја на ЕУ пред заедничките патроли.
– Онаму каде што државјани на трети земји со нерегуларен статус се фатени за време на заеднички патроли и има докази дека пристигнале директно од друга земја на ЕУ, овие лица може да бидат префрлени во таа земја доколку таа учествува во заеднички патроли – се вели во соопштението на Европскиот парламент.
Пратениците на ЕУ го прецизираа изземањето од таквите правила во неколку категории, како што се малолетниците без придружба. Овој дел од предлогот е во согласност со она што министрите на ЕУ и комисијата го поддржуваат во пактот за миграција и азил, за кој исто така се разговара. Во новите шенген-правила ќе се задржи таканаречениот „даблински принцип“, според кој, државјанин на трета земја што бара меѓународна заштита треба да поднесе барање за азил уште на првото место кога ќе пристигне.
Кои се „нерегуларни мигранти“, а кои „баратели на азил“?!
Во ревизијата на шенген-кодексот постои разлика помеѓу „нерегуларни мигранти“ и „баратели на азил“ и покрај фактот дека според меѓународното право, секој државјанин на трета земја може да поднесе барање за меѓународна заштита на територијата на ЕУ.
Според нацрт-предлогот, доколку постојат оправдани причини за „идентификувана и непосредна“ закана од тероризам, максималното време за заострување на преминот на границите е осум месеци. Меѓутоа, ако заканата сè уште е присутна, министрите на Владата на ЕУ може да одобрат продолжување. Друга предложена мерка е заострување на контролите во некои земји на ЕУ „кога комисијата добива известувања за особено сериозна закана што влијае на повеќе земји истовремено, во период до две години“.
– Заштитата на шенген-зоната за слободно движење е централна точка во овој извештај и се однесува за 450 милиони Европејци. Преговорите беа тешки, но јас сум среќен што успеавме да ја заштитиме суштината на едно од најголемите достигнувања на Европската Унија – рече Силви Гијом, француската социјалистичка европратеничка што ги води преговорите во парламентот.
Европратениците јасно ставија до знаење дека законот не ја покрива „инструментализацијата на миграцијата“, израз што се користи за да се однесува на трети земји што ги „охрабруваат“ мигрантите да одат во ЕУ, тактика што ја користат Русија и Белорусија, пишува „Еуроактив“.
Комисијата ја предложи регулативата за инструментализација во декември 2021 година, закон што ќе им овозможи на земјите-членки, во одредени околности, да применуваат отстапувања од меѓународното право за заштита кога државјанин на трета земја ќе влезе на почвата на ЕУ.
Според меѓународното право, секој државјанин на трета земја може да поднесе барање за азил кога ќе пристигне во земјите на ЕУ. Како резултат на тоа, законодавството беше критикувано од НВО како начин да се заобиколат гаранциите за човековите права.
Сепак, законот сè уште е во рана фаза на подготовка и, најверојатно, нема да биде одобрен пред следните европски избори во јуни 2024 година. Во меѓувреме, некои земји-членки што се географски во близина на Русија и Белорусија имаат одобрено правила слични на регулативата за инструментализација. Во април, Литванија одобри закон што им овозможува на граничарите да одлучуваат кој може да поднесе барање за азил кога ја преминува границата.
Предлогот за измена на шенгенските правила, сепак, може да биде одобрен до крајот на законодавниот мандат.
Подготвил: Митко Јовановски