Манев паралелно со новинарството беше хроничар на своето време и публицист во чии записи се содржани највпечатливите спортски настани. Работниот век го помина во Радио Штип, како спортски новинар пишуваше за „Нова Македонија“ и за „Вечер“, а беше дописник и на други весници од поранешна Југославија. Пред микрофонот има поминато часови и часови, па така, стигна до реализација на околу 3.000 радиопреноси во сите спортови

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (267)

Ретки се личностите со толку богат опус, особено во спортското новинарство, каков што е познатиот штипски новинар Кирил Манев. Во градот под Исарот нема човек, млад и стар, а да не го знае популарниот Киро. Тој целиот живот, покрај тоа што како новинар информираше за достигнувањата и за резултатите на штипските спортисти, беше и хроничар на своето време. Нему не му беше тешко сите позначајни настани да ги нотира, а потоа сето тоа да го пласира, верувале или не, во 22 книги. И сите тие посветени на спортовите што вирееја во Штип, па така, значаен е и неговиот труд како публицист.
Накратко кажано, сето она што е забележено од Кирил Манев во интересните монографии претставува вистинско богатство, тоа е историја на која младите генерации ќе се навраќаат и ќе се запознаат со многу случувања во нивниот град, не само спортски туку и во другите области. Во некои спортови, на пример, во борењето, тој оди многу пошироко. Со оглед на фактот оти Штип е боречки град, во кој егзистира повеќекратниот македонски шампион Балканец, кој неколкупати успешно ја репрезентираше Македонија и на европската сцена, Кирил Манев успеа да ги евидентира и пласира постигнувањата на речиси сите македонски борачи. И не го прави тоа само од ова време, од кога нашата држава е самостојна и независна, туку и од времето кога македонските борачи кога ги бранеа боите на поранешна Југославија. Во боречкиот алманах има и стотици слики од поранешните и подоцнежните шампиони, па ќе ги видите и резултатите на избраниците на тогашниот тренер и селектор Ристо Таков, постигнати на сите врвни натпревари од балканијадите до олимпијадите. Ќе прочитате за шампионските мигови на Симеон Шутев, кој со Борче Димовски беше меѓу првите македонски олимпијци во еден поединечен спорт, потоа за Киро Ристов, Добре Маринков и се разбира за освојувачот на два медала, сребрен и бронзен, на европските сениорски првенства, Зоран Шоров. Има записи и за помладите што подоцна доаѓаа, така што борењето е опфатено во сите етапи од развојот.

ФК БРЕГАЛНИЦА И ШЕКИ ИНСПИРАЦИЈА ЗА МЛАДИТЕ

Сепак, очигледна е големата љубов на Киро кон фудбалот. Брегалница е нешто посебно, не само за него туку за сите штипјани. Таа е синоним на спортот во градот.
– ФК Брегалница отсекогаш била онаа, би рекол, спортска локомотива, која ги „влечела“ и другите спортови. Таа беше главен мотиватор за сите спортисти. Ова не го велам без причина, зашто од искуство знам оти, кога некој штипски спортист оди надвор и почне да објаснува од каде доаѓа и кој е вистинскиот репрезент на спортот во градот, доволно е да се спомене името на Брегалница и сѐ ќе биде јасно. Особено во поранешна Југославија, кога игравме во Втората лига, немаше човек во повеќемилионската држава што не слушнал за Брегалница. Ете, токму поради тоа велам дека таа ги мотивираше и инспирираше другите спортисти од Штип, кои посакуваа еден ден да станат популарни како штипските фудбалски мајстори – вели Манев.
Во разговорот со Кирил Манев, за некој да не се навреди, не сакаше да ги набројува сите фудбалери што оставиле голема трага во штипскиот и македонскиот фудбал, туку во името на сите го спомена само фудбалерот на векот, популарниот Стојан Арсов. Но не испушти и нешто друго да каже.
– Штип може да се пофали со фактот што тука е роден еден од најдобрите европски и светски фудбалери во почетокот од втората половина на минатиот век, Драгослав Шекуларац. Ех, тој беше вистински велемајстор за кого немаше тајни во фудбалот, што би рекле онака народски беше „мајстор на својот занает“. Горди сме на него и во знак на вечно сеќавање во Штип подигнавме споменик на популарниот Шеки – вели Киро.
Веруваме дека кога помладите ќе осознаат кој бил и што претставувал Шеки за фудбалскиот свет, еден ден и тие ќе посакаат да тргнат по неговите стапки.

СО МИКРОФОНОТ НАСЕКАДЕ ПРИСУТЕН

Кирил Манев по многу нешта е посебен. Тој е спортски новинар и репортер, за кого велат дека секогаш во џебот го носи микрофонот. И, ако погледнете, навистина е така. Во професионалната биографија, покрај илјадниците напишани текстови, да стои дека имаш и околу 3.000 радиопреноси од речиси сите спортови, таа е збунувачка бројка. Репортерите знаат колку е тоа тешко и исцрпувачко.
– Потребна е кондиција во едно темпо да се издржи преносот. Потоа, потребно е време за подготовка, време пред настанот да се сретнеш со некој од актерите, да ги дознаеш работите и случувањата во неговиот табор, зашто знам ако тоа го пласирам преносот ќе биде збогатен, нема да е сувопарен и здодевен. Само така, со динамичен пренос ќе можеш да ги задржиш слушателите со внимание да те следат. Ако, пак, победи твојот тим, во случајов Брегалница, преносот на крајот оди течно како песна – вели Киро.
Интересни се многу работи врзани со животот и со кариерата на Кирил Манев. На пример, кога малкумина се осмелуваа да застанат пред микрофонот и да пренесуваат борење или бокс, па дури и пинг-понг, спортови што во Штип имаат традиција, Киро без страв и трема го земаше микрофонот и за слушателите на Радио Штип, каде што професионално беше ангажиран, мајсторски ги пренесуваше натпреварите. Знаеше во вистинско време, кога веќе ќе ги потрошеше сите информации и ќе дојдеше до подолга пауза, да се снајде. На пример, на еден „Македонски бисер“ во Штип, додека лекарската екипа интервенираше кај еден повреден борач, тој ме виде дека сум во непосредна близина до него, дотрча со микрофонот и без претходна најава ми постави некое прашање и ми го стави пред уста микрофонот. Што можев друго да сторам, освен да почнам да одговарам на прашањата. Така Киро си исполни десетина минути, си поразговаравме за сѐ и сешто, нормално врзано за борењето. Кога паузата помина, тој со микрофонот си се врати на репортерското место и продолжи со преносот. Ова го раскажав само за да ја опишам неговата снаодливост и реакција во неочекуваните моменти кога доаѓа до прекин и долга пауза. Сум бил сведок, кога во вакви ситуации многу репортери ги исклучувале микрофоните, колку што знам, Киро никогаш не го сторил тоа. Секогаш одел докрај…

КРИТИКУВАН И НАГРАДУВАН

Животот на новинарот е исполнет со многу убави, но и непријатни работи. Често, кога некој од актерите не е задоволен од она што го изговорил или напишал за него некој од новинарите, фрлаат дрвја и камења по него и го критикуваат.
– Ние како новинари и јас конкретно, не треба да бидеме изолирани од критиките. Некогаш и ние грешиме, впрочем луѓе сме, а потоа ги прифаќаме оние критики што се на место и водат кон еден позитивен правец. Но ако критиките се поради некаков внатрешен револт на некој поединец и се далеку од реалноста, тогаш навистина не можам да го прифатам тоа. Не влегувам во конфликт, но ја пренесувам вистината, па слушателот или читателот сам нека процени кој е во право. Јас имав, пред неколку години, конфликт и со еден од многуте претседатели на ФК Брегалница, кој отиде дотаму што ми забрани влез на стадионот. Замислете се однесуваше како стадионот и Брегалница да се негова своина. Но сето тоа го сфаќам како дел од работата и настојувам да ги надминам непријатностите – вели Киро.
Ова е мал дел од многуте збиднувања поврзани со легендарниот штипски новинар Кирил Манев. Неговата приказна за сите животни стории е долга и интересна, зашто и тој како човек е многу интересен. Добро би било Манев да продолжи со својата публицистичка работа, па на оние 22 книги посветени на спортот, меѓу кои има една што се однесува на електронските медиуми, напишана со неговата ќерка Ирена, да стигне до 25-та книга, во која би можел да ја опише сета своја биографија.


Кирил Манев, спортски новинар

Роден: во 1947 година во Штип
Кариера: спортски новинар и долгогодишен директор на Радио Штип, творец на спортскиот портал „Штипски спортски асови“, како радиорепортер има околу 3.000 преноси, како хроничар и публицист издал 22 книги посветени на штипскиот и на македонскиот спорт. Спортски функционер: директор на БК Балканец кога клубот ја освои првата титула во самостојна Македонија, портпарол на ФК Брегалница, одговорен за пресот на неколку „Македонски бисери“ и многу други функции во спортот
Награди: Добитник на двете награди на Штип „8 Ноември“ и „Деветнаесетдекемвриско признание“, носител на признанието на ЗНМ „Крсте Мисирков“, прогласен за новинар на годината од повеќе спортски федерации, златна значка на белградски „Спорт“, во 2017 година од националната установа библиотеката „Гоце Делчев“ беше прогласен за најплоден новинар, кој најмногу пишувал за Штип и за штипјани, во 1986 година од Претседателството на СФРЈ беше награден со Орден на трудот со сребрен венец