Објавена мемоарска книга на преживеаната Еврејка Селма ван де Пере

„Македоника литера“ деновиве ја објави мемоарската книга на холандско-британската новинарка и преживеана Еврејка во холокаустот Селма ван де Пере, со наслов „Се викам Селма“, во превод од англиски јазик на Елена Саздовска.

„Се викам Селма“ е неверојатна мемоарска книга на една Еврејка, жена борец на отпорот во Холандија, која преживеала нацистички кампови и логори. Кога избувнала Втората светска војна имала само 17 години. Тоа што била Еврејка дотогаш не играло никаква улога во нејзиниот живот, но наеднаш станало прашање за живот и смрт.

Користела лажен идентитет и ги преживеала воените ужаси и мачеништвата во логорите. За тоа време никој не знаел дека е Еврејка и никој не ѝ го знаел вистинското име. Дури по војната се осмелила повторно да каже: се викам Селма.

Селма ван де Пере (р. 1922 г.) е холандско-британски борец на отпорот за време на Втората светска војна. Била припадник на „Групата ТД“ на холандскиот отпор за време на војната. Набргу по војната се преселила во Англија, каде што работела за Би-би-си и го запознала идниот сопруг, белгискиот новинар Хуго ван де Пере. Потоа повеќе години работела како странска дописничка за една холандска телевизија. Во 1983 година, Селма ван де Пере била одликувана со Комеморативниот крст на холандскиот отпор, а во 2021 година со орденот Оранж-Насау од холандската влада. Од 1995 година, Ван де Пере секоја година оди во Равенсбрик една недела за да разговара за војната со холандските и со германските студенти. По повик на децата на нејзините браќа почнала да ја пишува својата автобиографија „Се викам Селма“ во 2003 година, која првпат истовремено, во 2020 година, беше публикувана во Амстердам и во Лондон. Живее во Лондон и на својата 101-годишна возраст сè уште е присутна на медиумски и јавни настани.

Книгата покажува дека уште многу работи не биле кажани за холокаустот на Евреите. Оваа трогателна и неверојатна животна приказна и автентично сведоштво за холокаустот на Евреите привлече големо внимание по публикувањето. „Каква жена. Каква храброст и сила. Просто трогнува“, восхитено напиша писателката Саскија Норт. До публикувањето на ова македонско издание, авторските права на книгата веќе беа продадени за превод на петнаесетина јазици.