Фото: ЕПА

Изминативе денови меѓународната јавност е затечена од последниот предлог за поделба на Украина, кој, ни помалку ни повеќе, доаѓа од НАТО. Имено, шефот на Канцеларијата на генералниот секретар на НАТО, високопозиционираниот Стиан Јенсен, изјави дека решението на конфликтот „може да биде Украина да се откаже од својата територија, а за возврат да добие членство во НАТО“, што е еден од можните начини да се постигне компромис на завојуваните страни, и додаде дека прашањето за „пренос на територија“ е веќе на менито на НАТО, бидејќи постои широк интерес да не се повтори воениот конфликт во Источна Европа.

Анализа

Сегашната ситуација предизвикува голема загриженост кај владите на земјите од НАТО, кои сѐ повеќе се решени да прибегнат кон нова стратегија – мировни преговори што би ја претвориле војната во „замрзнат конфликт“ по корејски модел. Иако сè уште е рано да се тврди дека правецот на украинската војна е променет, се зголемуваат индикациите дека некаков вид примирје може да биде прифатлива опција за Западот. Надворешните актери вклучени во конфликтот, особено САД, секако се заинтересирани за преговори

Автор: Јадранка Половиќ, „Геополитика њуз“

И покрај моменталното статус кво, Мерсхајмер верува дека Русија ќе се обиде да припои дополнителна украинска територија „ако има воени капацитети да го стори тоа по разумна цена“. Значи, уште четири региони би можеле да бидат нападнати – Днепропетровск, Харков, Миколаев и Одеса. Доколку се реализира ова предизвикувачко сценарио, Русија би контролирала приближно 43 отсто од територијата на Украина, главно Украина источно од реката Днепар, вклучувајќи го и делот од Киев што се наоѓа на источниот брег на таа река.
Од друга страна, Западот исто така ја третира Русија како егзистенцијална закана, затоа е посветен на војна до победа и одржување на суверенитетот на Украина по секоја цена. Поточно, целта е да се победи руската армија во Украина со бришење на нејзините територијални придобивки, но и да се уназади руската економија со смртоносните санкции што се во сила (без ефект, заб. авт.). Западните лидери во меѓувреме најавија дополнителни цели, кои вклучуваат промена на режимот во Москва, судење на Путин и други високи функционери за воени злосторства и распаѓање на Русија на помали држави. Западот исто така е целосно посветен на безусловна победа бидејќи губењето на војната би имало огромни негативни последици за Вашингтон и за НАТО (никој не ја ни споменува Европа).

И конечно, Украина, која без сомнение се соочува со егзистенцијална закана, имајќи предвид дека Русија е подготвена да ја распарчи. Вака скратена држава не само што би била економски слаба туку и нема да има никакви шанси (ниту де факто, ниту де јуре) да биде членка на НАТО и ЕУ. Затоа, Киев ги дели целите на Западот – се стреми да ја порази и ослабне Русија за да може да си ја врати изгубената територија. Засега Украина не сака да прифати мир заснован на територијални компромиси.

Огромни загуби во украинската контраофанзива

Како што гледаме, украинската офанзива веќе два месеца удира со глава во рускиот одбранбен ѕид. Човечките загуби се огромни, а уништено е импресивно количество на украинска воена опрема, вклучувајќи и околу 30 отсто од оружјето доставено од Западот. Кампањата „до победа“ напредува бавно, а украинските механизирани дивизии опремени и обучени на Запад се заглавени, според „Вашингтон пост“, во „слоеви на руска одбрана“, кои вклучуваат огромни мински полиња, бетонски бариери или „змејски заби“, длабоки противтенковски ровови и километри бодликава жица. Украина не објавува официјални податоци за своите жртви, но се подразбира дека бројот на жртвите расте, а моралот истовремено паѓа. На луѓето едноставно веќе не им се умира, па бегаат од регрутирање, по што претседателот Зеленски неодамна ги разреши сите раководители на воените центри за регрутирање во земјата врз основа на извештаите за широкораспространета корупција и функционерите што примаат мито од потенцијалните регрути што на тој начин избегнуваат регрутирање. Имено, неодамнешниот извештај објавен во „Волстрит журнал“ предупредува на застрашувачка бројка, која сугерира дека ампутацијата на екстремитетите зафатила помеѓу 20.000 и 50.000 Украинци од почетокот на војната.

За војната во Украина да заврши во согласност со интересите на сојузниците на САД и НАТО, победата на Украина треба да биде видлива, додека руската инвазија ќе мора да влезе во историјата како катастрофален неуспех, доволно за да ги одврати другите авторитарни сили од започнување слични агресивни војни во иднина. Сепак, ситуацијата на теренот не е едноставна, па се поставува логично прашање која е реалната дефиниција за победа на Украина (и пораз на Русија), барем во оваа фаза од конфликтот, кој најверојатно ќе продолжи во некоја форма уште многу години.
Сегашната ситуација предизвикува голема загриженост кај владите на земјите од НАТО, кои сѐ повеќе се решени да прибегнат кон нова стратегија – мировни преговори што би ја претвориле војната во „замрзнат конфликт“ по корејски модел. Иако сè уште е рано да се тврди дека правецот на украинската војна е променет, се зголемуваат индикациите дека некаков вид примирје може да биде прифатлива опција за Западот.

Надворешните актери вклучени во конфликтот, особено САД, секако се заинтересирани за преговори – Америка се подготвува за долгорочен конфликт со Кина, кој изгледа неизбежен, па сака брзо излегување од Украина и замрзнување на конфликтот што може лесно да се активира подоцна. Земјата што ја остава е во урнатина. Несомнено, замолчувањето на воените труби, завршувањето на страдањата на Украинците, а со тоа и заканата од ескалација во поширока европска војна – треба да се смета за најважната причина за прекин на овој конфликт. Згора на тоа, дури и договор со кој ќе се воспостави примирје, без да се решаваат отворени спорови и политички прашања, би бил одлично решение. Можеби единственото што некогаш ќе се постигне.

Но потребно е да се објасни што значи дипломатско решение и во негов контекст преговорите што веќе се водат. Имено, Западот ја гледа можноста за примирје (завршување на војната) во контекст на некаква форма на трговија меѓу Украина и Русија, односно создавање ситуација што претставува одреден компромис меѓу интересите на двата народа. Сепак, влогот е исклучително голем! Што точно ќе биде предмет на тој компромис – полека се појавува (неутрален?) статус на цела Украина или судбина на поединечни територии!

Значи, преговарачкиот јаз што мора да се премости се навистина териториите – Украина не сака да отстапи кој било дел од својата територија, Путин најверојатно нема да отстапи од веќе припоените области. Во тој контекст, тешко е сериозно да се разговара за мировниот план на украинскиот претседател Зеленски („мировна формула“), кој веќе изгуби територии и не може воено да ги врати.

Имено, убаво звучат зачувувањето на територијалниот интегритет на Украина во границите од 1991 година, обврската на Русија да му плати воени репарации на Киев и криминалните судења на руските политички и воени лидери, но се далеку од реалноста. Западот се надева дека некои политички прашања сепак ќе бидат решени, иако со неизвесен конечен резултат. Затоа, опцијата за „замрзнат конфликт“ според „корејскиот модел“ би била привремено решение.

Ова е приближно ситуацијата што воинствениот Запад ја остави во областа на поранешна Југославија, Ирак, Либија, Сирија, на некои други места и сега во Украина – привремен мир со активирач за дестабилизација доколку е потребно.
Дипломатијата, за жал, не беше опција од самиот почеток, стратегијата на војна до победа или капитулација на спротивната страна ја одреди судбината на Украина, која денес несомнено е губитник. Сепак, по мировните услуги (Турција) и иницијативите (Кина), преговорите се водат, иако без учество на Русија (Г7 Копенхаген, Џеда, Саудиска Арабија).

(продолжува)