Најголема награда за еден писател се читаноста на неговите книги и реакцијата на читателите. Тие се главниот порив и двигател авторот да продолжи да работи. Одекот, ехото на делото, прифатеноста, омиленоста. Основна цел на вистинската уметност е да се допре срцето на консументот како доживување, без оглед дали е пишан збор или друг медиум, вели Велко Неделковски
Средба со Велко Неделковски, писател за деца и возрасни
Велко Неделковски спаѓа меѓу најпознатите и најплодни македонски писатели за деца и возрасни. Досега има издадено 45 книги, од кои 23 се за младите читатели. И во својата 77. година е активен, постојано работи, има многу идеи, повеќето ги реализира, а неодамна „Арс ламина“ издаде шест негови книги за деца. Всушност станува збор за „прегрнати книги“, односно за трилогија, издание што ја доби втората награда за иновативност на годинашниот Саем на книгата. Од едната страна се раскази, а од другата песни. Тоа е современо и интересно издание за деца од осум до 14 години.
Бидејќи „Колибри“ е додаток за деца и млади, ве молам потсетете се на вашето детство и на првите обиди да напишете своја литературна творба?
– Морам да кажам дека имав прекрасно детство. И денес постои таа мала споредна уличка во скопската населба Чаир. Порано беше каменеста, а јас босоного дете со сонце во очите. Улицата се викаше Пролетерска, а на нашата куќа стоеше бројот 56. Имаше земјени тротоари на кои неуморно тркалавме џамлии, игравме со штотуку излупени ореви, а со рамни камени плочки стрелавме во купчиња семки од кајсии. Училиштето „11 Октомври“ ми беше близу, во истата улица. Стара зграда, двор со чаталести багреми, од кои кога цутеа си правевме бели ѕвончиња. Го паметам гласот на учителот, кој ни отвораше огромен прозорец со непознати предели. Трето и четврто одделение завршив во училиштето „Доситеј Обрадовиќ“, кое се наоѓаше во месноста Јајапашина џамија, на половина пат меѓу Бит-пазар и Чаир. Тука учителка ми беше Соња Поповиќ, тивка и милолика. Како шарен сон минуваа интересните училишни денови. Учев, растев рамо до рамо со моите другари и другарки од одделението: Гано, Панче, Мане, Ѓоко, Трајче… Петто одделение учев во ОУ „Даме Груев“, а некаде во седмо одделение почна да ме привлекува пишаниот збор. Претходно многу читав, ги запознав сите рафтови со детски книги во околните библиотеки. Мојата прва творба, песничката за еден балон, ја прочитав пред другарите во литературната секција, а наставникот Бојко Стојановски ме пофали и ме охрабри да продолжам да пишувам.
Дали некоја или повеќе ваши книги за деца се автобиографски?
– Мојата книга раскази „Леб за тате“, насловена по истоимен расказ во неа, 90 отсто е автобиографска. Има во неа повеќе раскази за моето детство во Чаир. Имав многу другари, жив беше маалскиот живот, но се инспирирам и од детството на моите синови, па од растењето на внукот… И сѐ е обоено со емоции. И во романот „Втората смена“ има дел од моите летувања како ученик.
Вашиот пат како средношколец ве води и во издателството „Детска радост“.
– Да, со „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“ соработував редовно со мои текстови уште како гимназијалец, а исто така објавував и во „Колибри“. Учев во гимназијата „Цветан Димов“ (каде што сега е Македонската академија на науките). Како средношколец соработував со списанијата за деца, а кога завршив гимназија, познатиот писател Глигор Поповски ја исполни мојата желба да волонтирам, за да го учам занаетот, за да може талентот да дојде до израз. Во 1965 г. кога дојдов кај Гочко, како што го викаа колегите, тој ми рече дека ќе ме земе како хонорарен соработник на „Развигор“, а од првиот хонорар си купив книга. Две години работев кај него, а ми даваше и одредени задачи да преработам, да преведам, да создадам текстови. Потоа почнав соработка со Македонската телевизија во емисијата „Ваша крстословка“ на Оливера Николова. Таа ми даде задача да напишам неколку текста, а потоа ми побара целосно сценарио и беше пријатно изненадена како јас го направив тоа во 1967 г. кога имав 21 година. Ташко Георгиевски, кој беше вработен во Програмата за деца и млади, премина во Филмската редакција и јас дојдов на негово место во МТВ, каде што поминав речиси 40 години, сѐ додека не отидов во пензија.
Можеби и поради овие ангажмани вие важите за урбан автор, пишувате брзо, динамично, јасно, интересно?
– Да, јас велам: пишувај како што сакаш да читаш, да биде интересно, напнато возбудливо. На секоја страница да има изненадувања, нов лик, нов настан, пресврт. Тоа е таа литературна драматургија што ја знам и ја применувам во литературата, но и во моите радиодрами, а сум напишал над 60! Пишував во златните години на радиодрамата, кога беше најслушана, со колегите Ташко Георгиевски, Ката Руменова Мисиркова, Владимир Плавевски, а пишуваа Благоја Иванов и Симон Дракул. Радиото нема слика, но создава слика, како и книгата. Таа е свет што се отвора и создава нови светови, додека телевизијата нуди готов рецепт. Љубивое Ршумовиќ рекол, книгата што е стара 2.000 година не може да умре, ќе биде вечно жива. Секоја чест на другите медиуми, но книгата е книга.
Некои од вашите книги за деца и млади, кои се бездруго интересни, се екранизирани. Прва чинам беше „Втората смена“, според која беше снимена интересна детска ТВ-серија.
– Имам повеќе серии, освен „Втората смена“, која на моја радост сѐ уште се емитува на програмата, тоа се и „Царството на другарството“ и „Саки од Саканија“, анимирана серија што ја анимираше извонредниот Љупчо Филипов, кој не е повеќе со нас. Ја снимивме и „Светот има осум страни“, која ја режираше Томче Стојков. Неодамна предложив во издателството „Просветно дело“ да се направи и сликовница според сценариото, бидејќи текстот го нема во печатена форма.
Сте се обиделе во сите жанрови, каде се чувствувате најдобро?
– Интересно ми е жанровски да правам излети. Ако сум работел на роман, почнувам да пишувам збирка раскази, па на стихозбирка… Романите и сказните ми се омилен жанр, а исто така и наградуван. Две мои сказни добиле награди на конкурси во „Детска радост“ во 1985 и 2000 година. Но понекогаш од еден расказ се раѓа книга. Така откупната награда за Конкурсот за расказ на „Нова Македонија“ во 2003 година, за расказот „Вториот човек“, подоцна ме поттикна да го напишам романот „Касадеј“. И втората награда за расказот „Љубов“ на истиот конкурс прерасна во роман со наслов „Небесна кочија“. Тоа се непредвидливите творечки патишта.
Сепак, најголема награда за еден писател се читаноста на неговите книги и реакцијата на читателите, зарем не?
– Тие се главната награда и главниот порив и двигател авторот да продолжи да работи. Одекот, ехото на делото, прифатеноста, омиленоста. Основна цел на вистинската уметност е да се допре срцето на консументот како доживување, без оглед дали е пишан збор или друг медиум.
Велите дека нема поголем подарок од детската искреност, а тоа го чувствувате на вашите средби со ученици од Скопје и од други градови во Македонија, од каде што собиравте искуства, па и инспирација.
– Да, имало многу такви средби досега, порано почесто. Од нив се инспирирав, од интересот на децата, од прашањата што ми ги поставуваа. На последниот саем на книгата беше предвидена една средба со ученици од седмо одделение, каде што лектира е мојата книга „Збунети години“. Но по оваа средба со младите читатели и други училишта побараа средба со мене, па сакајќи да ги испочитувам сите се сретнав со неколку одделенија. Многу убаво искуство, со интересни прашања за сѐ, па и за ликовите. Ме прашаа и како и кога пишувам, а едно дете ми откри дека и тоа сака да стане писател, па побара совет од мене. Дојдоа и наставнички со цели одделенија за да се фотографираат со мене. Неколку часа посветив на младите читатели, на крајот бев уморен, ама задоволен и среќен. Веројатно овој интерес се должи и на тоа што моите книги долги години се вклучени во редовната лектира. „Збунети години“ е задолжителна, а „Шармери од осмо“ е незадолжителна. Порано лектира беше и „Втората смена“, која и сега децата ја сакаат и ја обработуваат самоиницијативно. Патем лани, според анкета на „Арс ламина“, токму таа беше најпродавана, а по неа е „Хари Потер“, што за мене е голем комплимент.
Хуманата димензија на вашите книги, меѓу другото, се состои и во тоа што секоја има поука, што е особено важно во книгите за деца.
– Поуката е ненаметлива, треба да произлезе од содржината, од ликовите, од настанот, не треба да биде директна поука. До сознанијата да се дојде преку прочитот на содржината, преку дијалозите. Мислам дека особено книгата за деца мора да има поука, да подотвора нови хоризонти. Таа голема и љубопитна врата кон светот на возрастите.
А кој вам ви ја подотвори вратата на креативноста и на литературата?
– Па книгите. Ги читав сите домашни автори, Оливера Николова, Џане Андреевски, Глигор Поповски, Видое Подгорец…, повеќето подоцна ми станаа пријатели.
Вашите книги го положија тестот на времето, а тоа, нели, е најважно за еден автор, неговото дело да трае?
– Мене ми е особено драго тоа што сѐ уште се живи, како и интересот за нив. Во книгите се опишани универзални настани за сите детства. „Втората смена“ е објавена пред 40 години, а преведена е на српскохрватски јазик, во 1989 година ја издаде „Дечје новине“ од Горни Милановац, Србија. „Збунети години“ е влезена во 130 тома македонска книжевност и преведена е на англиски јазик. Неодамна ми јавија дека се преведува и на албански јазик и се радувам, бидејќи литературата несомнено ги зближува народите.
Им помагате ли на млади автори ако побараат совет од вас?
– Не многу често, но ако ми се обратат им помагам. Но син ми Огнен не сака помош, вели дека сака да биде свој, никој да не му влијае. Сака да чекори по сопствена патека. На вистинскиот пат е и веќе почна да добива награди за своите дела. Неговиот роман за тинејџери „Лажни вести од зградата 39“ беше и награден.
Како поминува еден ваш работен ден?
– Пишувам на компјутер, но сѐ уште ги чувам трите машини за чукање на кои се напишани многу страници. Најпрво пишувам на рака, го оставам текстот малку да ферментира, но се навраќам на ракописот два-три пати, оставам маргина за забелешки. Кога го пречукувам материјалот на компјутер исто така создавам. Писателот има сензор што непогрешливо му кажува: оваа реченица е долга, оваа е сложена, тука да се преформулира, тука да се почне поинаку, тука е густо да се разбие со дијалог. На крајот правам авторска редактура, па коректура за наоѓање граматички грешки. Текстот прво го чита сопругата Лилјана, со која сме заедно повеќе од 50 години. Помладиот син Дејан, кој е снимател во Канал 24 е вториот читател и постојано ме прашува: „Да не имаш нешто ново?“.
Имате ли некое хоби што ве преокупира?
– Цртам акварели, сликам за своја душа, а најчесто тоа се стари куќи. Пред две- три години „Арс ламина“, за една моја книга поезија за возрасни, „Тишината на зборот“, направи еден избор од дваесетина цртежи и ги употреби. Во последно време пишувам и хаику-поезија, која беше објавена и во списанието „Тренд“. Но јас не ја спазувам строгата метрика, ја жртвувам формата, заради содржината.
Дали, според вас, се печатат доволно детски изданија?
– Ме радува што сѐ повеќе ги има, издавачките куќи им даваат шанси на младите автори, ги охрабруваат. Еве и „Колибри“ им даваше и цели 65 години им дава шанса на младите писатели.
Што треба да се направи за да се искачи македонската литература за деца уште повисоко?
– Гордана Петревска, библиотекарка во научниот оддел во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, напиша дека одделни избрани дела од наши познати автори, меѓу кои е и „Втората смена“, по ништо не заостануваат зад делата на светските класици, како Астрид Линдгрен авторката на „Пипи Долгиот Чорап“ или на Ерих Кестнер, кој ја напиша „Двојната Лота“. За жал, државата нема стратегија, систем за презентација на највредното од нашата литература за деца во странство. Министерството треба да дава грантови за преведување наши книги. Не мора многу, нека се преведуваат барем десетина секоја година, со цел и да се доближат до светот, кој нема поим што работиме ние овде. Оштетени се читателите од други меридијани за квалитетни книги за деца.