(Осумдесет и седум години од раѓањето на Живко Чинго и половина век од појавувањето на романот „Големата вода“)
„Развивајќи ги своите раскажувачки способности, досега убедливо осведочени во расказот, Живко Чинго овој пат нив ги доведува до импресивен резултат и на планот на романот, остварувајќи содржински богато и заокружено дело, со силен внатрешен интензитет и со длабоко проникната хуманистичка порака. Во романот ’Големата вода’, Живко Чинго, расчленувајќи ги односите во една средина каква што е Домот за сирачиња од војната, пластично ни предава повеќе слоевити судбини, откривајќи го во нивните носители човечкото и во извишувањето на личноста и во нејзиното паѓање и озарувајќи ја при сето тоа атмосферата на настаните со исконскиот порив за слобода, што е овде доведено до пароксизам. Градена цврсто, водена со инспирирана, усвитена и непосредна реч, со вешто ткаени симболи, богата со инвентивни решенија со необично изразени детали, „Големата вода“ на Чинго претставува прозно остварување со висок уметнички досег и е вонредно значаен момент во контекстот на развојот на нашето прозно творештво“. Вака жири-комисијата за „Рациновото признание“ го образложи решението со кое „Големата вода“ ја прогласи за најдобро прозно остварување во 1973 година.
За лулката и дупката
Имав среќа да го познавам таткото на Живко, варџијата Томе, и лично да се уверам во способностите на народниот гениј. Тој исклучителен човек со песна ги дочекуваше и испраќаше своите и гостите на својот син, и затоа не беше чудно што еден ден пристигна понуда од Македонското радио да биде примен како пејач. Условот на мајсторот беше да му се најде лозје во Скопје, со што на елегантен начин понудата од радиото беше одбиена во прилог на Охридско Езеро и Петринските лозја, кои неговиот даровит син често ги опеваше во својата генијална „Пасквелија“. Собрани околу купиштата камење, варџијата и аргатите ги редеа камењата во дупката за печење, го палеа огнот со дабови дрвја и додека вжештената јара на варницата ги потфаќаше за да ги претвори во вар, течеа разговорите за животот и смртта, за лулката и дупката, се вжаруваа како и каменот. Силните мажи редеа приказни, вистински и измислени, пееја старински песни, се шегуваа, мајтапеа, внесуваа радост во тешкиот огнен занает. На промоцијата на „Големата вода“ на Сорбона во Париз, Живко им зборуваше на присутните како „уште во најраното детство имав можност од устата на татко ми, кој во месноста важеше за еден од најдобрите раскажувачи и пејачи, да чујам огромен број приказни и други автентични кажувања за ’животиштето’. Особено кажувањата за животот беа силни, чисти, раскажани со разбирлив, близок јазик, веднаш во душата да ти всадат болка за оние за кои се говореше. Настрана од тоа што беше познат како човек со многу пријатели. Речиси секој ден куќата ни беше полна со секаков свет. Повеќето беа сиромашни работници, другари на тате, занаетчии, попови, луѓе од различна националност, револуционери, партијци, филозофи, копачи на злато… Луѓето раскажуваа за своите животни истории, за своите најинтимни чувства.“
Еден ден кусата улица, која започнува од Чинарот и завршува на брегот од белото Охридско Езеро, ја врвевме повеќе од два часа, зашто застанувавме на секој чекор за Живко да се поздрави и прегрне со мноштвото минувачи: „Ставив малку вино“, ми рече кога пред нас пукна водната глетка. Сакаше да каже дека има повеќе пријатели одошто вино, со кое ги чести кога ќе заседнат во неговиот двор, до мугри да ги растајнуваат тајните на живејачката. По углед на виталниот татко, Живко ја продолжуваше семејната традиција да се биде добар со сите, да му се помогне на послабиот од тебе, да му се биде човек на човекот. Не можеше покрај таков мајстор да не се научи раскажувачката вештина, која подоцна ќе се надградува и ќе се пресоздава во литература. Тој анонимен народен пејач поседуваше таква интуиција за човековите вредности, што една година ги собра во својот двор сите учесници на „Струшките вечери на поезијата“. Самиот бев сведок на таа неверојатна, приватна, раритетна и божествена поетска колонија, која синот ја приреди по желба на татка си, на која се измешаа јазиците на најмалку триесетина земји. Не верувам дека таква гозба се има случено на друго место, освен во антиката и кај Чингови дома во Охрид. Еден поет од Полска на руски ме праша: „Што се случува, каков е овој полноќен пир?“ Кога му објаснив дека свеченоста ја организира семејството Чингови во чест на поезијата, се расплака како мало дете, велејќи дека во Полска го уништиле семејството.
Творечка автономија
Живко Чинго по сопствени патишта изгради стил на кажување што беше општо прифатен од читателската публика, домашна и странска. За тоа сведочи фактот дека делата му се преведени на многу светски јазици. Јас некаде веќе зборував за Рабите божји пасквелски што му се срдеа на Чинго зошто до последниот ги има претставено во расказите, за потоа брзо да сфатат дека тој не прави ништо друго, туку од минливоста ги префрлува во трајноста, дека ги штити од заборавот во полза на паметењето, па почнаа да му одат дома, да ги исповедаат своето јаве и своите соништа, барајќи совет, помош или поддршка за нивните неволји и да му ја остават на огништето сопствената животна приказна.. Животот беше неговиот најголем учител, а сѐ друго несвесно влијание или углед. Затоа е таков каков што е: оригинален, свој или како веќе се означуваат тие квалитети на стамена и сериозна творечка личност.
„Живко Чинго физички замина во екот на својата авторска зрелост, во години на достигнатата писателска форма, во најголемиот блесок на своите креативни потенцијали“, пишуваше за својот пријател Петар Т. Бошковски во својата чудесна книга „Премрежето на критиката“. И покрај чемерите што му ги нанесе политичката репресија било како на белетрист, било како на деец во македонската култура, било како на човек, тој го зачува ненарушен својот витален, свеж, младешки лик и останува да постои во нашата свест како олицетворение на духовна младост обречена за големи потфати и способна за крупни дела. Од самиот почеток, тој ги отфрли клишињата и стереотипите на идеологизираната свест за уметноста, на естетскиот норматизам, на позитивистичкиот пристап, на надуената наративна фразеологија и тргна да ја прикажува судбината на човековото битие од ова наше поднебје, правејќи го тоа како што го учеа сопствената дарба, свест и совест. Таков, доследен, остана до последниот напишан збор. Живко Чинго, наспроти околностите на времето, си избори простор за творечка автономија, а денес, уште подобро отколку порано, можат да се видат драгоцените плодови на тој негов со ништо непоткуплив потфат. Неговиот човечки и творечки пример ја зголемува својата привлечност. Тој останува да трае како жива присутност со силно инспиративно зрачење и во сегашниве и во идните текови на нашето постоење. Живко Чинго останува вечно млад. А неговото заминување пред четириесет и пет години, на 11 август 1978 година, прилега на еден стих на Маларме: „Тој отиде само да ги накваси усните на една плитка река чиј прекар е смрт“.
Денес „Големата вода“ оживува пред нас на еден сосема особен начин: Ако Домот, во кој битисуваат кариеристи од секаков вид, медалисти, корупционисти, фашисти или комунисти, луѓе нелуѓе, личности обезличени, суштества без грам достоинство, небулозни креатури во човечки облик, параноични изроди, идиоти, непросветена багра, на едната страна и млади ластари, детски невини душички, девојченца и момченца, „пеперутки со златна прав на крилјата“, кутри сирачиња што многу рано останале без своите мајки, татковци, браќа, сестри, роднини од другата страна, тогаш тој Дом, таа глува куќа, тој концлогор, одненадеж пред нас прераснува во денешна слика на одродениот, отуѓениот, алиенираниот свет и човекот со мала буква во тој свет. На едната страна еден грст цревоугодни милијардери што се капат во солзите на милиони деца што умираат од глад, на другата страна рамнодушност, апатија, загубена волја да се притекне на помош. Таа потресна чингоска фреска живее и денес и е слична на стих од една песна на големиот Конески во која „Рахила ги кренала очајно рацете, крши прсти и плаче над мртвите младенци“.
Чинго и театарот
Творештвото на Чинго беше голем потстрек за мене, кое не еднаш, туку постојано претставуваше извориште за многуте претстави што ги создадовме заедно со Чинго, а некои од нив сам, откога Чинго предвреме го напушти овој небел свет, за да остане засекогаш да живее во светот на своите чудесни книги.
Романот „Големата вода“, Чинго ѝ го посвети на својата мајка Верга. Таа неписмена жена наизуст ја знаеше целата Библија. За време на подготовките на „Мартолозот“ од Григор Прличев за „Охридско лето“, го однесов сценографот на претставата, сликарот Владимир Георгиевски да ја запознае таа чудесна жена. Затрупана со икони на недоброј светци во аголот од собата, таа ни раскажа дека секоја вечер и наутро ја суредува постелата на сина си Живко. Не сакаше да верува дека рожбата ѝ заминала од светот на живите, за неа тој беше жив и по смртта. Големиот сликар толку се вознемири од вербата на мајката Верга, што ја наслика како да е Неда, мајката на Кузман од поемата на Григор, која го губи своето лице во набабрените вени на старечките раце. Таква мајка сонуваат сите деца од монструозниот Дом во „Големата вода“, за накрај едно од децата, Исак Кејтен, да ја ископанчи од дрво, со што посветата на Чинго и крајната цел на несудениот „скулптор“ ќе го затворат кругот во точката со која тој круг бил и отворен.
Сочинувајќи го овој текст си припомнив за една сцена поврзана со премиерата на претставата „Ѕидот, водата“, која се роди од романот „Големата вода“. Претставата беше пријавена за учество на „Стерииното позорје“ во Нови Сад, на кое се прикажуваа претстави работени според текстови од домашни автори. Постапката беше таква што сите кандидирани претстави требаше да ги гледа селектор избран од Управниот одбор на Позорјето. Таа година (1973) селектор беше угледниот хрватски режисер Жорж Паро. Со него се видовме пред претставата и тој егзалтирано ми раскажа дека до Скопје патувал со воз во кој ја препрочитувал „Големата вода“ и никако не можел да разбере како од тој прозен текст може да се направи претстава. Се разбира дека јас и самиот не знаев да му објаснам како се прави тоа, па го испратив до гледалиштето со надеж дека можеби претставата сама ќе му одговори на тоа прашање. Претставата се играше без пауза и, кога заврши, Паро просто влета во ходникот на монтажниот театар очевидно возбуден и ми рече дека независно што одлуките за учество ги соопштува откога ќе ги види сите пријавени претстави од цела Југославија, оваа претстава сигурно ќе ја селектира за прочуениот Фестивал на современа драматургија и театар. На фестивалот претставата предизвика бурни дискусии на тркалезната маса и освои неколку награди. Тоа ѝ овозможи да биде прикажана во сите главни градови на федерацијата, во Трст, на „Дубровничките летни игри“, (прво гостување, прв триумф), фестивалот „Охридско лето“ и на други фестивали. Беше тоа едно блескаво патување од прозата кон театарот и од театарот кон прекрасната Чингова проза.
Автор: Бранко Ставрев