Каде се надлежните државни институции? „Од авион“ се гледа низата различни облици на кршење на позитивноправните акти во државава! Имаме ли функционална држава и владеење на правото или не? Време е да покажеме пред себе, пред домашната, а и пред меѓународната јавност дека не си играме држава и дека заслужуваме да ја имаме и дека Македонија заслужува да биде во евроатлантското друштво
Што индицира перманентната појава на несоодветно (пре)именување на улици, клубови, организации…
Колку што македонскиот дел од политичката сцена сака да го премолчи датумот на Охридскиот рамковен договор (13 август), толку албанските етнички партии во земјава настојуваат колку што е можно појавно и погласно да го „инсталираат“ како „датум со историска важност“, но повеќе за сеалбанската кауза отколку за државната унитарност на Македонија. Во желбата за докажување на таквата намера дури се јавува и наводен ривалитет во албанскиот блок партии, кој повеќе и со понационалистичка сецесионистичка реторика и симболика ќе се докаже пред потенцијалниот електорат во Македонија, но и пред другите албански „фактори“ во регионот. Иронично и парадоксално, тој меѓупартиски албански привиден ривалитет, а всушност визија за државно-системска деструкција, е единствено на штета на македонската држава – и политички и правно и финансиски и безбедносно, таа е доведена до раб на нефункционалност.
Во корист на штетата на нашата заедничка држава
За т.н. официјална прослава на Охридскиот договор (во организација на ДУИ, поголемиот албански коалициски партнер во власта), познато е дека се предвидени и средства од буџетот на државата. Додека „ривалската“ прослава на конкурентските албански партии, со „спешл гест стар“, во ликот и присутноста на косовскиот премиер Албин Курти, колку и да е во организација на локалната самоуправа, т.е. општините Тетово и Чаир, повторно е на сметка на македонските граѓани, даночни обврзници во тие општини. Во секој случај „сеалбанската“, па дури и големоалбанската „забава“, со нескриени демонстрации на национализам и непочитување на унитарниот карактер на македонската држава, на државотворноста на македонскиот народ…, е на сметка на Македонија.
Токму во чест на Охридскиот договор и посетата на Курти, во скопската општина Чаир беше сменето и името на улицата Втора македонска ударна бригада (симбол на антифашистичката борба и формирањето на државата Македонија) во Адем Демаќи (великокосовски идеолог од времето на СФРЈ). Оваа промена на името на улицата Втора македонска ударна бригада (изгласана во Советот на Град Скопје и на седница на Владата во 2021 година), веројатно требаше да биде кулминација на „наравоученијата“ на косовскиот премиер со кои соседи „треба да се дружи Македонија“, веењето знамиња со карта на проектираната „голема Албанија“ во Тетово (секако, без присуство на македонски знамиња), спотови со пропагандни националистички песни…
Шизофрени идеологии наспроти збунети институции и носители на највисоката државна власт
Целиот тој „рамковно славенички контекст“ со отворени провокации за македонската држава се наметна како уште еден предизвик за дејствувањето на државните институции задолжени да реагираат според уставно и законски пропишаните норми, во случај на нивно непочитување и прекршување. Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во контекст на преименувањето на улицата Втора македонска бригада несмасно побара од инспекциските служби на Општина Чаир да проверат дали е законски донесена одлуката за преименување во Адем Демаќи.
– Начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во Општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата. Во таа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство, кој треба да ги вклучува и гласовите на заедниците кои не се во мнозинство во таа општина – се вели во реакцијата на претседателот Пендаровски.
Од друга страна, пак, партиите од македонскиот блок, кои главно се однесуваат како „незаинтересирани набљудувачи“ во деновите на одбележување на Охридскиот договор влегоа во меѓусебна дебата и обвинување кој го изгласал преименувањето на улицата Втора македонска бригада, притоа откривајќи дека одлуката за преименување, сепак не е во надлежност на општината, туку на Град Скопје и на Владата.
Целата создадена ситуација околу градската улица, која всушност е гранична меѓу општините Чаир и Бутел, односно сомнежите за „подметната промена на името“, многу потсетува на предизвикот и провокациите со регистрацијата и именувањето на бугарските клубови во Македонија, со имиња на фашистички колаборационисти, притоа користејќи се со законски недоречености. Таквиот пропуст во текстот на Законот за регистрација на здруженија беше причина за провокации, инциденти и воопшто висок политички набој во македонското општество и билатералните односи со Бугарија. Предизвикот со фашистичката провокација на бугарските клубови во Македонија беше решена со законот што го изгласа Собранието, со кој се забранува употреба на имиња за здруженија на историски личности инкриминирани со фашистичко дејствување или соработка. Но поткопувањето на антифашистичките темели на македонската држава се чини продолжува со отстранување на имињата во инфраструктурата на главниот град, Скопје, кои ја потврдуваат борбата на македонскиот народ во Втората светска војна за своја држава. Ликот и делото на Адем Демаќи можеби се важни за Косово и албанската заедница, но не и за Македонија, во чиј главен град поради него е избришано името на историски важна борбена формација за создавање на македонската држава: Втора македонска бригада!
Каде се надлежните државни институции? Од авион се гледа низата различни облици на кршење на позитивноправните акти во државава! Имаме ли функционална држава и владеење на правото или не? Време е да покажеме пред себе, пред домашната, а и пред меѓународната јавност дека не си играме држава и дека заслужуваме да ја имаме и дека Македонија заслужува да биде во евроатлантското друштво.
Нема дупки во законите, има непочитување на Уставот и законите и изостануваат инстантни институционални реакции во врска со тоа
Непочитувањето на правниот поредок на државата и манипулацијата со т.н. „дупки во законите“, за одредени цели на разни политички субјекти, во основа ги деградираат владеењето на правото и авторитетот на правната држава. Институциите на државата се задолжени да реагираат доследно на секој обид за деградирање на правната држава, односно на уставниот и законскиот систем на државата. Притоа, политичките субјекти треба да иницираат и да го поддржат активирањето на системот на правната држава во такви ситуации наместо да ги користат за меѓусебни вербални пресметки за ситни политички поени. Доследното дејствување на институциите во спроведувањето на владеењето на правото, секако дека го подигнува и авторитетот на државата во меѓународната заедница, праќајќи порака дека во Македонија стандардите на правната држава важат еднакво за сите и не смеат да бидат на штета на нејзиниот државен суверенитет и територијален интегритет.